Леунството е период по породувањето и е вистинска трансформација на животот на една мајка. Тие денови не секогаш носат со себе само убави и светли работи. Нормално е и да се чувствувате исплашено, исцрпено, изолирано, незгодно, тажно, исклучено од бебето… Постпородилна депресија, анксиозност, лутина, сето тоа постои. Затоа е важно да се грижите за вашето ментално здравје за со поддршка да го пребродите овој период што е можно полесно.

За време на породувањето важно е да се одморите и да закрепнете, но и полека да го придвижите телото кое целосно се трансформирало за да донесе нов живот во светот. Иако не треба да претерувате, движењето е важен чекор во физичкото закрепнување и ублажувањето на здравствените ризици кои произлегуваат од недоволното движење.

Она што е, исто така, од големо значење е да се заборави на одредени митови кои постојат за овој период. Ова се некои од нив и сигурно сте ги слушнале доколку неодамна сте се породиле:

Целосно сте оздравени шест недели по породувањето

Закрепнувањето и излекувањето се две сосема различни работи. Ткивото и лузните можат да зараснат во период од шест недели, но закрепнувањето е друга работа. Може да трае со месеци, па и со години. За некои, проблемите со кои се соочуваат по раѓањето на бебето траат цел живот.

Значи во ред е и апсолутно нормално да си дадете онолку време колку што ви е потребно за да закрепнете.

По породувањето мора да ви се точни фармерките што ги носевте претходно

Не, не мора! Оние што велат дека треба да изгледате како никогаш да не сте се породиле, веднаш игнорирајте ги. На крајот на краиштата, сте родиле дете, зошто да изгледате како да немате?

Тежината е помалку важна во целата приказна, важно е да бидете здрави, функционални и среќни! На некои жени им е лесно да ослабат, на некои не. Некои слабеат додека дојат, некои не. Некои имаат лесно породување, некои не. И тоа е во ред.

Вежбањето и активностите по породувањето не треба да се фокусираат на губење на тежината и изгледот, туку на тоа да бидете среќни, задоволни, во рамнотежа, да закрепнете што побрзо и да се чувствувате здрави и силни.

Протекување, болка при сексуален однос и други проблеми со карлицата се нормални затоа што се породив

Ова е сосема погрешен начин на размислување, како и размислувањето дека сте сакале да бидете родител и дека тоа се последиците со кои треба да живеете.

Тоа се проблеми кои постојат, кои не се појавуваат сами по себе, иако со генерации ни кажуваат дека треба да стискаме заби и да се справиме со нив.

Вистината е дека да имате дете не значи дека треба да бидете казнети со дисфункција на карлицата доживотно. Треба да контактирате со експертите за помош за секој проблем што ќе го забележите. Не мора да страдате затоа што сте се породиле.

Лош родител сте ако…

Можат да се набројат еден куп работи. Лош родител сте ако сте престанале да доите, ако сте се вратиле рано на работа, ако куќата ви е неуредна, ако детето многу плаче, ако не сте се откажале од вашето хоби…

Факт е дека нарекувањето на мајките со различни имиња не е мит, а мајките често се чувствуваат виновни поради тоа и мислат дека не се добри мајки.

Она што е важно е да знаете дека не сте лоша мајка ако одбравте адаптирано млеко, ако го оставите вашето бебе да дреме во количка, ако се вративте рано на работа… Сите правиме одредени работи најдобро што можеме, и бебињата знаат дека најмногу ги сакаме.

Себично е да се ставите себеси на прво место

Општо е верувањето дека секоја мајка треба да биде сто отсто посветена на своето бебе и семејството и дека не треба да се става себеси на прво место.

Сепак, не дозволувајте тоа да биде вашата водечка мисла. И како мајка, можете и морате да се грижите за себе. И вие заслужувате да бидете добро затоа што сте важни. На крајот на краиштата, ако не сте добро, како ќе биде добро бебето? Значи вие и вашето психичко и физичко здравје сте исто толку приоритетни како и бебето.

Извор



912

X