Дознајте како да ги препознаете и лекувате четирите најчести вагинални инфекции во бременоста со помош на советите на гинекологот Џенис Јелчиќ.

1. Бактериска вагиноза

Симптоми:
– сивкаво-бел исцедок кој обично е редок и има мирис „на риба“
– пецкање при мокрење
– чешање на интимното подрачје

Што треба да знаете?

Дијагнозата на бактериска вагиноза се поставува врз основа на клинички критериуми или лабораториски анализи. Ако оваа инфекција не се лекува, може да дојде до предвремено породување или хипотрофично новороденче, со помала породилна тежина. Повремено, бактериската вагиноза може да исчезне сама од себе, но најчесто се лекува со антибиотици, во облик на вагиналети или таблети. Гинекологот Џенис Јелчиќ истакнува дека 1 од 5 трудници има ваква инфекција, а лекувањето зависи од периодот на бременоста. „За превенција од оваа инфекција се препорачува одржување на хигиената, памучна долна облека, пресоблекување на мокрите костими за капење и избегнување долго бањање“, додава таа.

2. Габични инфекции

Симптоми: чешање и болка во интимното подрачје, редок бел исцедок без мирис, црвенило и непријатност во текот на сексуалните односи. Што треба да знаете? Поради зголемениот естроген и прогестерон, габичните инфекции се почести во бременоста иако може да се појават и вообичаено, кај жените од која било возраст. Добра вест е што лесно се дијагностицираат и се лекуваат со крем и вагиналети против габички, во комбинација со пробиотици. Можете да го намалите ризикот од габични инфекции на тој начин што често ќе консумирате јогурт, ќе бидете добро хидрирани и ќе спиете без долна облека. „Овие инфекции по правило не ја загрозуваат бременоста, ниту плодот, но се склони кон повторување. За превенција важат сличните совети како и кај бактериската вагиноза, со додаток: избегнување јаглехидрати и почесто консумирање орални и вагинални пробиотици“, објаснува гинекологот Јелчиќ.

3. Стрептокок група Б

Симптоми: обично не постојат знаци, но некои жени искусуваат инфекција на уринарниот тракт, но не чувствуваат болка при мокрењето, а имаат матна урина. Што треба да знаете? Се препорачува земање брис од вагината и перинеалната област помеѓу 35. и 37. недела од бременоста. Во случај на присутност на бета-хемолитична стрептокока група Б, нужно е да се спроведе соодветната терапија и профилакса во породувањето за да се избегнат компликации и да не се пренесе инфекцијата на бебето. За жал, не постои превенција од оваа инфекција кај жените.

„Според податоците на клиниката Мајо, од 20 до 25 отсто од здравите жени во својот дигестивен систем и во вагината имаат бета-хемолитичка стрептокока група Б. Најчесто нејзината присутност е без симптоми. Меѓутоа, со поминувањето низ породилниот канал, во случај на присутност на бактеријата, детето може да се инфицира и да развие тешки облици на инфекции, како воспаление на белите дробови и воспаление на мозочната обвивка“, вели гинекологот Јелчиќ.

4. Трихомонијаза

Симптоми: чешање, пецкање и иритација во текот на сексуалните односи, жолто-зелен, пенест исцедок со непријатен мирис. Што треба да знаете? Трихомонијазата е инфекција која се пренесува по сексуален пат, па затоа решението е во превенцијата. Се лекува со антибиотици, задолжително кај двајцата партнери, а се изолира со анализа на исцедокот или ПАП-тест. За среќа, трихомонијазата е една од најлесно лекуваните сексуално преносливи болести, но во текот на бременоста – важно е да се работи на превенција од вагинални инфекции, што се постигнува со одржување здрава вагинална микрофлора.

„Се препорачува одговорно сексуално однесување, правилни навики во исхраната, зголемено користење на орални и вагинални пробиотици, како и добра интимна хигиена“, советува гинекологот Јелчиќ и додава дека доколку постојат клинички манифестации на која било инфекција, важно е да се препознаат и да се лекуваат навреме. Ако планирате бременост, се советуваат гинеколошки прегледи и евентуално лекување на инфекциите пред бременоста за да се избегнат многубројни компликации кои може да настанат и во текот на бременоста и при породувањето“.

Извор



912

X