Децата на возраст од една година веќе почнуваат да покажуваат емоции и без разлика дали вие ги сфаќате или не, почнувате да им возвраќате. Се сеќавате на моменти кога сте се намуртиле или сте му се развикале на вашето дете дека ја фрлило играчката? Тоа е емоција.
– Ние имплицитно идентификуваме, демонстрираме и објаснуваме зошто нашите деца не треба да постапуваат на одреден начин дискутирајќи и покажувајќи им го правилниот начин – вели Џејми Глејхер, терапевт за однесување од Центарот за психолошки услуги Харстеин во Њујорк. Но, често не вложуваме толку труд во давањето емоционални знаци на децата од училишна возраст. „Ако само му кажете на детето да оди во својата соба кога нема добро да се однесува, вие ја испуштате можноста да дискутирате со него за неговото однесување и чувства“, додава таа. Таквите мали гестови може да отворат врата кон комуникација која ќе му помогне на детето да ја разбере сложеноста на емоциите.
Наместо да се обидувате да дефинирате долга листа со емоции за детето, почнете со основните. Прочитајте во продолжение за кои најчести комплексни емоции треба да разговарате со децата.
Лутина/бес
Се работи за силно чувство на иритација, незадоволство. Кај детето, кое може да биде лесно испровоцирано кога, на пример, другарче ќе му ја земе играчката, лутината и бесот веднаш излегуваат на површина. Кога детето удира, има излив на бес или прави нешто несоодветно, тоа реагира на стимулаторите што направиле да чувствува некаква болка или фрустрација. Иако може да биде нерационален, бесот е чест кај децата бидејќи тие сè уште не научиле како да ги регулираат емоциите, па веднаш реагираат – вели Жаклин Шлиски, лиценциран клинички психолог од Лонг Ајленд, Њујорк.
Идентификувајте го чувството, кажете: „Изгледаш како да си навистина лут“ и правете ги фацијалните експресии кои изразуваат лутина. Важно е да не користите зборови кои целосно ја дефинираат ситуацијата како „гледам дека си…“, туку зборови како „изгледаш дека си…“, или „веројатно си…“ Тоа им дава можност на децата да го поправат родителот ако не е така – вели Глечер.
Објаснете го чувството, кажете: „Понекогаш работите не се такви какви што ние сакаме да бидат, а тоа нè лути и нè вознемирува“. Потоа научете го детето како да се изрази себеси кога го облеваат тие чувства. Нека вежба нешто како: „Навистина не ми се допаѓа кога ми ја земаш играчката од рака“. Глечер објаснува дека негативните однесувања, како удирање, викање или плачење при лутина се резултат на внатрешна емоција која не била регулирана или од која сè уште не заздравило. На детето му е потребно да му објасните што значи тоа негово чувство бидејќи не може да комуницира самото – тоа значи дека вие го градите емоционалниот речник на вашето дете. Потребен му е збор со кој ќе го поврзе чувството, па треба да ги прашате како се чувствува во такви моменти. Дајте му до знаење дека е во ред да ја чувствува одредената емоција и дека таа не е конечна.
Како да ги олесните работите: Добра техника за ова е потенцирање на емоцијата кај други лица. „Кога читате приказни или гледате филмови, прашајте го детето што мисли дека чувствува одреден лик? Тоа не само што ќе му го збогати емоционалниот речник, туку и ќе го научи на емпатија“, вели Глечер.
Тага
Чувството на загуба, тажење, разочарување е често кај децата. Тагата може да се јави и кога детето е исплашено или кога некој ќе каже или ќе направи нешто што изгледа лошо. Тагата може да произлезе од загуба на некое лице или од болно искуство, а може да се развие и преку разочарување.
Идентификување на чувството: Кога детето е тажно, тоа и мисли тажно и се однесува на тој начин, вели д-р Шилски. Солзите се најочигледниот знак за тагата, но децата може да ја манифестираат и на други начини – преку лутина, изолација и приврзаност. „Додека да наполнат една година, децата стекнуваат свесност дека родителите може да им помогнат да ги регулираат емоциите. Плачат, па вие веднаш доаѓате до нив. Како што растат, почнуваат да сфаќаат дека одредени емоции се поврзани со одредени ситуации“, вели д-р Шилски. Ако не се сфати што стои зад тагата, тогаш може да дојде до нови емоции, како лутина и изливи на бес. Децата треба да знаат дека можат пред вас да кажат што е она што ги растажува, во спротивно, учат дека чувствата не треба да се покажуваат.
Објаснување на чувството, на пример, ако детето ја изгуби омилената играчка и е тажно, слушајте го и дозволете му да види преку дела дека вие сте тука за него, ако му е потребна дополнителна прегратка или само треба да се исплачи. Споделувањето приказна за таквите искуства треба да биде нормална активност, па затоа споделете ваше слично искуство со детето – бидете искрени и кажете му дека и вие сте плачеле и сте биле тажни. Исто така, зборувајте што ви помогнало да се справите со тажните чувства. Д-р Шилски препорачува демонстрирање дека чувствата не се нешто што треба да се сокрива или да се чувствува срам поради нив.
Како да се олеснат работите, избегнувајте „користи свои зборови“ кога детето е вознемирено, бидејќи тоа сè уште е во рана фаза на осознавање на емоциите за да може да се изрази. Можете во денешно време да ги користите емотиконите кои децата ги сакаат за да ги научите да ја препознаваат корелацијата на фацијалните експресии и чувствата – вели Глечер.
Страв
Децата природно не се плашат, но чувството на страв произлегува од загриженост и анксиозност. „Кога децата се плашат, тоа вклучува некое ниво на перцепција за опасност“, вели Глечер. Некои стравови се природни – повеќето деца се плашат од непознати лица, темнина, одвојување од родителите. Детето може да види или да слушне нешто на ТВ, да види некој што прави нешто што му е непријатно, или да се вознемири од некој настан, како сообраќајна несреќа, што ќе му предизвика страв и грижа.
Идентификување на чувството – бидејќи има стравови од кои не можеме секогаш да ги заштитиме децата, на пример, светска пандемија, не велете му дека сè ќе биде во ред. „Бидете смирени во нудењето информации за вашето дете да се чувствува безбедно“, вели д-р Шлиски.
Објаснување на чувството – може да изразите слични чувства и да видите детето дали сака да ве праша нешто во врска со тоа. Најдобро е да кажете дека ќе најдете други начини за да научите повеќе за она што ќе ве праша ако не го знаете точниот одговор. Дозволете му на детето вербално да процесира што се случува во неговата глава, а тоа сигурно ќе помогне во градењето доверба кај него дека секогаш ќе наиде на лице што ќе го слуша и ќе го утеши.
Како да ги олесните работите – бидејќи е потешко мало дете да го изрази изворот на својот страв, кажувањето приказни, презентирањето ситуации или читање книги за одредени страшни ситуации може да му помогне да го надмине стравот.
Љубомора
Се појавува кај децата уште на возраст од 3 месеци, вели Франсин Зелтсер, психолог од Њујорк. Се работи за емоција која лесно може да се појави и често се изразува, но концептот не е баш лесен за објаснување. Многумина го опишуваат како чувство или мисли на несигурност, страв и загриженост за недостиг на нешто за што се има желба за поседување, сепак, тоа може да биде и чувство на несоодветствување, беспомошност или незадоволство, вели д-р Зелтсер.
Идентификување на чувството – љубомората и зависта се поврзани, но со зависта, го сакате она што никогаш не сте го имале, а со љубомората чувствувате закана дека ќе изгубите нешто што го имате или верувате дека го имате. Љубомората и зависта почнуваат од рана возраст, па затоа треба да се обидете да го оттргнете фокусот од посакувањето и копнеењето по она што другите деца го имаат, а вашето го нема, вели Зелтсер. Треба да го насочите детето кон нематеријалните добра што ги има вашето семејство. Можеби имате прилика да поминувате повеќе време со децата поради флексибилното работо време – потенцирајте ги позитивните нешта што се застапени кај вас за да го смените наративот од чувство на несоодветност во чувство на увереност. Има и такво нешто како социјална љубомора, ако вашето дете, на пример, не е покането на гости кај другарче – првото правило е никогаш да не ги минимизирате таквите чувства на детето. Ако вие мислите дека тоа е неважно, за детето може да значи многу повеќе. Кога детето ќе каже што го вознемирува, имајте разбирање – потоа, понудете вистински сугестии за да му помогнете да ги надмине тие чувства, како на пример зачленување во нов клуб или тим на училиште, каде што ќе може да изгради нови пријателства и слично.
Има и љубомора кај малите деца кои мислат дека ќе ја изгубат љубовта, вниманието и сигурноста од другото лице, што може да се покаже и во најмали ситуации, на пример, кога детето сака да го има најголемото парче торта на забавата од неговото другарче. Ако детето плаче кога ќе види дека нема да го добие тоа што го сака, побарајте од него да каже што е она што го расплакало. Нека зборува за своите емоции и нека открие зошто се случуваат – кажете му: „Гледам дека си вознемирен поради тортата“ или „Понекогаш не го добиваме тоа што го сакаме“. Потоа, насочете го фокусот кон нешто што ќе го усреќи детето, на пример, може да побарате да му каже на своето другарче колку се забавувал на забавата.
Како да ги олесните работите: најголемата грешка што ја прават родителите е да му кажат на детето: „Нема причина да бидеш тажен“, или „Престани да плачеш“ бидејќи тоа не помага при фактот дека детето е тажно. Само дополнително ги ограничувате неговите емоции и му велите да не ги покажува, наместо да се справува со нив.
Автор: Џена Аутуори Дедиќ