„Луѓето велат дека адолесценцијата е развојна фаза, но тоа е само легенда. Адолесценцијата повеќе е како ментална болест“, порачува Нејџел Лата, детски психолог и терапевт, кој повеќе од дваесет години работи со најпроблематичните деца и советува родители.

Пред една година, подготвувајќи се за пубертетот на ќерката, набавив литература која би ми била од помош. Знаете, ако зачкрипи, ако не дај Боже дојдам во ситуација кога не ќе знам како да реагирам, да имам каде да најдам совет.
Еден пријател ме искритикува бидејќи смета дека тој, како татко, знае што е најдобро за неговото дете, а гледам дека ни мојот сопруг нема намера да чита стручна литература. Јас и понатаму бистрам „мудри“ книги, иако понекогаш се гризнувам за јазик, некогаш зборувам кога не треба, а понекогаш помислувам дека бадијала читам. Но подготвена сум да послушам, иако навиките тешко се менуваат, знаете и самите. Гледам околу себе, ги слушам другите родители. Се тешиме едни со други.

Слушајте ги стручњаците, знаат што зборуваат

Овој уважен стручњак од Нов Зеланд наведува дека некои деца умеат да одговорат, дека имаат постојана потреба да се караат, особено со мајките, па дури и да навредуваат. Верувам дека никој не сака ни да помисли колку им е тешко на нивните родители. Меѓутоа, ако прифатиме дека се работи за фаза што поминува, дека треба да им се дозволи сами да се изборат со своите бубачки, а под услов да не дозволуваме бесрамност и непристојност, сето тоа изгледа помалку страшно.

Затоа, како родител, најтопло ви ја препорачувам книгата „Тинејџери, како да им поставите граници и притоа да ги зачувате нервите“ од Нејџел Лата, а за вас издвојувам делче од содржината за основните принципи што треба да ги следат родителите. Мислам дека ќе ви бидат корисни.

1. принцип –  „Три најважни работи при воспитувањето тинејџери се: однос, однос и однос. Ако не сте вложувале многу труд во нивното детство, тогаш ќе имате проблеми. Не можете да го купите нивното убаво однесување на тинејџерска возраст со пари или мобилни телефони, ни да барате почит ако не сте се потрудиле да ја заработите. Односот е важен бидејќи на децата очајнички ќе им требаат родители кои ќе им помогнат да ги преживеат бурните години. Вашите деца мора да знаат дека секогаш ќе ги сакате, но и дека секогаш ќе ги сметате одговорни за нивното однесување. Не треба да им бидете пријател. Тоа не им е потребно од вас. Не можете да бидете и родител и другар. Родителите го прават она што другарите не можат или не сакаат да го направат“.

2. принцип – Тоа што тинејџерот изгледа како нормална личност, не значи дека и навистина е нормална. „Тинејџерите не се нормални во споредба со возрасните. Нивното размислување и однесувањес е сосема нормални за нивните години, но не се нормални, барем во теоријата, за нашето размислување и однесување. Со текот на времето, како што се развива мозокот, тие ќе стануваат сѐ поспособни да размислуваат како возрасните, но кај повеќето тој процес нема целосно да заврши додека не влезат во дваесеттите.“
Нејџел истакнува дека никогаш не сретнал дете што ги мрази своите родители, иако многу од нив го кажале тоа. Затоа родителите не смеат да реагираат на ова.

3. принцип – Не бидете нерешителни. „Децата мора да знаат кој е главен. Во нивен интерес е понекогаш да им покажеме заби. Нерешителните мислат дека е полесно да им се тргнат од патот на децата отколку со двете нозе силно да тропнат по подот, бидејќи, ако се поттргнуваат, ќе го избегнат секој конфликт. Конфликтите се неопходен дел од животот кога имате работа со лица што се неразумни, безобѕирни и бараат премногу. А тинејџерите се токму такви.“

4. принцип – Ни премногу лабаво ни премногу стегнато. „Тинејџерските години се возраст кога младите мора да почнат да го бараат сопствениот пат во светот. Притоа ќе мора да преговарате со нив за правилата и границите, и постојано да ги усогласувате како што ќе созрева вашиот тинејџер. Кај правилата клучно е да не се ни премногу лабави ни премногу крути. На тинејџерите им треба доволно простор да можат самите да носат одлуки и да преземаат одговорност, но не доволно за да го користат за глупости. Ако сте премногу строги, тогаш подгответе се за големи конфликти. Тие мора да се будат, тоа им е работа, и им треба простор тоа да го направат на безбеден начин. Од друга страна, ако сте премногу попустливи, голема е можноста вашите деца да трпат последици.“

5. принцип – Пронајдете точки на поврзаност. „Комуникацијата е најмоќното орудие, но таа подразбира многу повеќе од тоа да седите во соба и да разговарате со вашиот тинејџер. Вистинската комуникација вклучува поврзаност со другата страна, бидејќи единствено со поврзаност може да се постигне нешто. Треба да целите кон мали моменти на поврзаност, на оние моменти кога се случува нешто важно.“

6. принцип – Добрата интерпункција е сѐ и сешто. „Ефикасната употреба на интерпункцијата е во темелот на секое добро родителство. Всушност, за некои воопшто нема место, а најлош престапник веројатно е бедната запирка.“
Нејџел ја смета за одговорна за најголем број конфликти меѓу родителите и тинејџерот, бидејќи сето она што доаѓа по запирката влегува во приговори. Мајките повеќе се склони кон запирки, иако ретко го признаваат тоа, додека татковците преферираат точки. „Без оглед што ќе додадете по запирката, буквално е ‘колвање‚. Од друга страна, точката ви е пријател. Гледајте што побрзо да ставите точка“.

7. принцип – Бидете карпа, а не море. „Кога ветровите дуваат и морињата збеснуваат, бидете карпа и чекајте. Плимата ќе се повлече, но повторно ќе надојде.“
Родителите не смеат да им дозволат на децата да ги газат, да ги исполнуваат нивните каприци и да замижуваат на нивното непристојно однесување. Тие понекогаш се плашат дека детето ќе ги замрази ако не му угодуваат. Оттука и ставот на Нејџел дека децата треба да се удрат од карпата, од родителите кои ќе заземат став и ќе постават граници. Родителот треба да се однесува како возрасно лице и да биде тука за децата, без оглед што ќе се случи.

8. принцип – Не претворајте го нивниот проблем во свој. „Склони сме да го промениме своето однесување дури откако тоа ќе почне нам да ни создава проблеми. Тие ќе покажат интерес да го решаваат проблемот само ако и самите трпат последици.“

9. принцип – Постојано носете одлуки. „Некогаш не ќе можете да правите ништо друго освен постојано да носите одлуки. Ако се најдете среде голема опасност и си дозволите да се вкочаните од неодлучност, ако ве совладаат чувствата, тогаш сте готови.“

10. принцип – Животот е страдање. „Ако очекувате дека воспитувањето тинејџер ќе биде мирно возење, ќе се разочарате. Ако очекувате да поминете без гребеница, пак ќе се разочарате. Разочарувањето може да се претвори во гнев и огорченост и тогаш станува многу штетно.“

Повеќето луѓе со право тврдат дека родителството е најдобрата и најлошата обврска што ја имале, порачува Нејџел, додавајќи дека треба да се прифати дека тоа возење ќе биде долго и променливо.
„Доброто и лошото ќе ви бидат сопатници, па не борете се против тоа. Тоа само ќе ве истошти.“

Александра Богдановиќ, мајка на тинејџерка, сопственичка и директорка на Dečji sajt.



912

X