Тинејџерките имаат посебен однос кон родителите. Многу се свесни за фактот дека сте им неопходни, но природата го прави своето, па тие непрестајно имаат порив и потреба да се осамостојат. Така родителската врска со тинејџерката станува еден од најкомплицираните потфати на родителството. Како родител на вечно незадоволни тинејџерки, морате да се подготвите за разновидни реакции и однесувања кои може да ве наведат, во моментот на фрустрација, да кажете нешто што не треба. Наведуваме реченици кои сигурно ќе ги помислите, но никако не треба да ѝ ги кажувате на вашата ќерка тинејџерка. За да изградите силна врска, доверба и самодоверба кај вашата ќерка, ви советуваме да застанете кога ќе го помислите следното:

1. Толку си себична!

Не постои тинејџер на планетата кој не е егоцентричен. Егоцентричноста дури е етапа на созревање во тинејџерскиот период. Продолжете да бидете пример за емпатија, иако тоа ви се чини залудно. Нема потреба да ја истакнувате нејзината егоцентричност, прифатете засега дека работите се такви какви што се.

2. Не биди кенкава!

Верувајте – таа не може против себе. Тинејџерката има „полудени“ хормони и не може физички да им се спротивстави. Често нејзиното однесување ќе ви изгледа лудо, промените во однесувањето несфатливи – во еден момент ќе биде добро расположена, додека во друг ќе плаче. Добра вест е што тоа е минлива фаза. Не му придавајте големо значење на тоа, само ќе ја изнервирате.

3. Дрогата и алкохолот може да те убијат!

Точно е дека може да се умре од консумирање алкохол и дрога, но вакви драматични изјави го намалуваат вашиот кредибилитет. Вашата ќерка најверојатно веќе чула за нив. Многу тинејџерки имаат друштво кое консумира алкохол. Можеби спаѓа во тинејџерки што биле изложени на некој вид легална супстанција. Најдобро решение за вас и ќерката е смирен, информативен и отворен разговор. Бидете искрени и разговарајте за сè.

4. Како си се облекла вака?!

Тинејџерките со своето облекување ја допираат границата на добар вкус и тоа не за да помислите нешто, туку затоа што трагаат по својот идентитет. Не дозволувајте вашата ќерка да почувствува дека ја критикувате, туку умерено и примерно понудете различен избор.

5. Само немој да забремениш!

Се разбира дека е важно да се разговара за сексуалните односи и несаканата бременост, но истакнувањето на нештата со тежок тон не носи никаква придобивка. Најдобро е да разговарате за реално сексуално однесување за да изградите основа за добра комуникација и доверба.

6. Преубава си!

Прекрасно е да ѝ го кажете ова на вашата ќерка, но ако тоа е единствен и шаблонски комплимент, време е да најдете некој друг. Тинејџерките имаат потреба да ги истакнат своите способности и достигнувања. Да се биде убав е дар од природата, не е некакво достигнување. Насочете ги комплиментите на нејзините дела, кои ќе ѝ служат многу повеќе од моменталното задоволство што се чувствува убава.

7. Немој да ми превртуваш со очите!

Не потресувајте се – таа не може да го избегне тоа. Во тинејџерските денови превртувањето со очите е како карактерна особина. Не е трајна состојба – нека превртуваат со очите колку што сакаат засега.

8. Тоа е во ред, ниту мене не ми одеа природните науки

Ви се чини дека ова се зборови за поддршка, но не се. Оваа реченица може да ја ограничи вашата ќерка и да ѝ даде до знаење дека е во ред да не се труди. Без разлика на тоа дали имаме талент за одредена наука или спорт, треба да се трудиме, бидејќи трудот нè учи на истрајност. Никогаш не рефлектирајте ја вашата несигурност врз вашата ќерка, нејзиниот пат е различен од вашиот.

9. Не ми се допаѓа твоето друштво

Тинејџерките имаат своја група на пријатели. Ако гледаме од точка на развојна психологија, тие се наоѓаат во транзитна положба – се издвојуваат од семејството и ги шират своите контакти. Ако го критикувате друштвото на вашата ќерка, ја критикувате и вашата ќерка. Избегнувајте да зборувате за нејзиното друштво во негативна конотација. Исто така, динамиката на односите на нивна возраст се менува со брзина на светлината – нејзините најголеми непријатели денес ќе ѝ бидат најдобри пријатели утре и обратно.

10. Ќе ти го фрлам телефонот низ прозорец

Умереноста е клучен збор кога говориме за користењето мобилни телефони. Ниту еден родител не сака детето да му биде прикачено за мобилниот телефон, но добро е паметно и промислено да се ограничи неговото користење. Воведете правило дека може да го добијат телефонот кога ќе завршат со своите обврски. Погрижете се да разговарате за опасностите на социјалните мрежи и како да се носат со непријатните ситуации што ги носи нивното користење.

11. Што мислеше кога…

Запомнете, делот од кортексот кој е задолжен за морал и критичко расудување кај тинејџерките не е целосно развиен, па понекогаш навистина не знаат на што мислеле кога направиле некоја глупост. За жал, ако пријателките биле со неа, поголема е веројатноста да западне во некоја неволја бидејќи се договараат и се охрабруваат една со друга. Ваша задача е да ја научите дека секое дело има последици со кои подоцна мора да се справува.

12. Затоа што јас така велам!

Во тинејџерскиот период, тинејџерките ја осознаваат и комплексноста на односите. Најдобро би било да избегнувате давање наредби, туку да ѝ пријдете другарски и спортски и да прашате за мислење. Кога родителите се авторитарни и инсистираат на необјаснети правила, поголема е шансата тинејџерките да бидат склони на лаги и измами. Ако им укажете почит, ќе ви возвратат со иста мера.

13. Срам да ти е, треба да се срамиш!

Посрамувањето никогаш не е добра тактика. Каснете си го јазикот. Да го засрамите детето не значи дека ќе го превоспитате. Засрамувањето ја крши довербата и ја нарушува секоја комуникација. Дури и ако во бес сте го посрамиле детето, тие зборови ќе останат долго со него.

14. Супер изгледаш – дали си ослабела?

Дали сте знаеле дека повеќето нарушувања во исхраната доаѓаат токму од споменатите, навидум безопасни изјави. Социјалните мрежи доволно бомбардираат со нереални, компјутерски изменети тела, па родителите треба да се потрудат да избегнуваат изјави поврзани со телото, килограмите и изгледот воопшто. Запрашајте се дали таа во следните неколку минути може да го промени тоа што сте ѝ го сугерирале. Доколку одговорот е „не“, заборавете дека сте сакале да прашате. Научете ја да води сметка за своето тело и да биде здрава, сè друго е помалку важно.

15. Немој да ја упропастиш шансата како минатиот пат!

Истражувањата покажале дека нашите очекувања ги кројат нашите конечни дела, затоа избегнувајте да бидете негативен пророк на делата од вашата тинејџерка. Наместо однапред да ја спречувате, секогаш охрабрувајте ја – речете ѝ: „Го можеш ти тоа!“ Ако постојано ја потсетувате на неуспесите, ќе ја изгуби самодовербата која е толку клучна за развојниот период во кој се наоѓа. Вашата ќерка е паметна, способна и има вештини – дајте ѝ го тоа до знаење.

Автор: Д-р Марика Линдхолм

Извор



912

X