Основна градбена единица на општеството претставува СЕМЕЈСТВОТО. Тоа е заедништво на индивидуи кои по пат на склучување брак, крвно сродство или посвојување пулсираат во социјалната клетка наречена „семејство“ .

Некои негови особености се:

*Се јавуваат нормални, очекувани развојни КРИЗИ (на пример, принова – новороденче), но и инцидентни, изненадни (на пример, смрт на помлад член) кои можат да бидат длабоко вулнерабилни за семејниот систем.

*Во секое ФУНКЦИОНАЛНО СЕМЕЈСТВО се негуваат топлина, радост, хумор, флексибилност, можност за изразување широк спектар на позитивни и негативни емоции, отворена комуникација и репарација на комуникацијата по конфликт преку извинување и/или простување.

*Современата епоха разликува повеќе видови семејства: нуклеарни семејства, вонбрачни заедници, еднородителски или постразводни семејни системи, мешовити семејства (деца од прв/втор брак на партнерите и/или нивни заеднички деца), еднополони (хомосексуални брачни/родителски семејства).

*Сите членови ги задоволуваат важните ПСИХОЛОШКИ ПОТРЕБИ: за припаѓање, приврзаност, љубов, самоостварување, почитување, сигурност, идентитет. Потребата за припаѓање и приврзување не е својствена само за децата, туку и за возрасните.

*РЕЛАЦИИТЕ помеѓу членовите во семејствата можат да бидат: блиски, многу блиску, фузирани, конфликтни, дистанцирани или да е прекинат односот. Постојат и комбинации кај некои од релациите, на пример, може двајца луѓе да бидат блиско-конфликтни. Во зависност од индивидуалната или семејната животна фаза, некои релации што биле функционални стануваат дисфункционални, на пример, за мајка и новороденче очекувано е да има фузирани граници, но тоа не се очекува да остане така во школскиот или адолесцентниот период на детето.

 *Една од димензиите на секое семејство се ГРАНИЦИТЕ. Секој член треба да воспостави здрави граници кон другите членови, но и супсистемите меѓусебно. На пример, родителскиот супсистем треба да воспостави граници кон детскиот супсистем, но и едното дете кон другото, односно едниот брачен партнер кон другиот треба да го направи истото. Важно е да се постават граници и кон третата генерација, односно баби и дедовци. Целото семејство, пак, поставува свои граници кон супрасистемите – другите семејства и општеството.

Негувајте го вашето СЕМЕЈСТВО – катчето каде што срцата се исполнуваат со љубов.

 Добро исполнетите срца со топлина и љубов се поотпорни на стресни настани подоцна во животот.

Автор: Мирјана Цветковиќ, лиценциран психолог, системски семеен советник

Психолошки центар Алтернатива

Институт за брак, семејство и системска пракса – Алтернатва



912

X