Иако интеракцијата со бебињата често може да изгледа како еднонасочна улица, изгледа дека нашиот труд и бескрајните часови пеење, играње и зборување се оние што го обликуваат клучниот дел од нивното рано учење. Всушност, многу повеќе работи се случуваат во нивните малечки глави отколку што сме свесни.

Бебињата во текот на првата година учат многу повеќе отколку во кој било период од животот

– Бебињата имаат неверојатен капацитет за учење. Еден од најважните напредоци во детскиот развој било откритието дека бебињата почнуваат да учат и пред своето раѓање – вели психологот Лин Деј и додава дека уште поневеројатен е фактот дека бебињата во текот на првата година учат многу повеќе од кој било период во животот. До првиот роденден мозокот на бебето се дуплира како последица на милијардите врски помеѓу мозочните клетки. Затоа е толку важно да се воведе разноликост во сетилните искуства во секоја можна пригода – вели психологот.

Од 0 до 6 месеци

Зборување

Можеби изгледа очигледно, но треба многу да му зборувате на своето дете. „Бебињата можат да се поврзат со вашиот глас и тоа може да поттикне развој на говорот и јазикот подоцна“, вели Моника Валрани, Монтесори-воспитувачка во дневен престој. „Читајте му на своето бебе од истата причина. Родителите исто така треба да се фокусираат на социјалниот и емоционалниот развој во овој период, затоа прегрнувајте го, држете го и играјте со своето бебе“.

Истражување, истражување, истражување

„Бебињата сакаат активности кои овозможуваат моменти за истражување. Решавање проблеми и откритија“, вели психологот Деј. Материјалите како песок, вода и тесто овозможуваат бескрајни можности за откривање посебни својства на секој материјал. „Еднакво добри примери се и кутиите со капаци кои бебињата можат да ги отворат и затворат, коцки во бои кои може да се редат или пластични чаши“, додава таа.

Играчки со текстура

„Сакаме да ги полниме вреќичките кои може да се затворат со лепливи супстанции кои децата обожаваат да ги стискаат“, вели Сузан Робертс, Монтесори-воспитувачка во дневен престој. Таа додава дека денес постојат многу играчки за бебиња со такви меки делови кои им овозможуваат на децата да пробаат различни текстури. Тоа му помага на бебето да го развие своето чувство за допир.

Лежење на стомак

„Бебињата треба да лежат на својот стомак преку ден за да поминат низ темелните рамки на движење – подигнување на главата, ползење – кои ги стимулираат двете страни на мозокот и поставуваат темели за читање и пишување“, вели психологот. „Дури и пет минути лежење на стомак дневно може да имаат позитивно влијание врз обликот на главата и елиминирањето или намалувањето на потенцијалните проблеми“. За времето поминато на стомак да биде уште позабавно и интересно, обидете се да ставите топка пред детето. Штом ја допре топката, таа ќе се тркала, а бебето ќе „плива“ со своето стомаче или ќе се подигне на подлактиците за да ја дофати.

Пејте песнички

„Музиката може да влијае како стимулатор за што побрзо да се поврзе мозокот и да се забрза менталниот развој на детето“, вели Каролин Краб, музички терапевт.

„Музиката, исто така, може да помогне при развојот на говорот кај малите деца“. Секако е корисно да се вклучи музика како секојдневна рутина и немојте да се грижите ако не знаете да пеете. Само бидете ентузијасти!“

Читајте знаци

Знаковниот јазик може да се научи помеѓу петтиот и шестиот месец од животот, а овозможува фантастичен увид во светот на детето пред тоа да почне да зборува.

„Знаковниот јазик за бебињата користи едноставни гестови или знаци во комбинација со говор, за децата да можат да го комуницираат она што им треба или го сакаат пред да бидат способни да користат вистински зборови“, објаснува Кети Меклин, психолог и водич во работилница за знаковен јазик за бебиња.

Гледајте го в очи

„Бебињата обожаваат да гледаат лица, особено своите прекрасни лица. Тоа е така затоа што се во рани фази на реагирање на движења и изрази на лица, што се однесува на нивниот личен, социјален и емоционален развој. Секогаш би требало да имаме огледало на ниво на бебешкото лице за да имаат можност да се видат себеси, но и многу можности да гледаат во лицата на своите родители и другите деца“, објаснува Монтесори-воспитувачката.

Масажа

Редовното масирање помага во смирувањето на бебето и во процесот на поврзување, но и поттикнува развој на нивниот мозок на многу начини. Секоја сензорна стимулација помага во однос на нервниот систем. „Миелинската обвивка е заштитна обвивка околу нервите на бебето. Кога нервот е сосема изолиран, се забрзува преносот на импулси од мозокот до остатокот на телото. Бидејќи бебињата не се раѓаат со целосно обложени нерви, секоја стимулација на кожата од масажа за бебињата помага во тој процес. Всушност, тоа ја подобрува комуникацијата на мозокот и телото на детето“, вели педијатарот Шерил Мекдоналд.

Бидејќи повеќето мозочни главни врски кај бебињата се создаваат во првите три години од животот, подобрувањето на ефикасноста на комуникацијата кај детскиот мозок може драматично да се зголеми со нивната способност за учење. Масажата на бебето може да почне уште од првиот ден.

Од 6 до 12 месеци

Експериментирајте со движењата

„Динамични песни и рими се одлична забава за овој период“, вели Монтесори-воспитувачката. Детето ќе научи да плеска со рацете помеѓу шестиот и осмиот месец, со што ќе може да учествува во многу песнички. „Поттикнувајте активност бидејќи на тој начин телото се развива“.

За математика никогаш не е прерано

„Постојат многу игри преку кои можеме да го запознаеме бебето со звуците на броевите од најрана доба“, вели психологот. Давањето можност на децата да ја доживеат математиката низ игра им помага во изградбата на интересот за секое идно учење. Децата, исто така, на тој начин се стекнуваат со разбирањето на редот, на пример, знаејќи дека два доаѓа после еден и дека четири доаѓа после три итн.

Неуредна игра

„Креативноста е неуредна во овој период, но сето тоа е дел од забавата“, вели воспитувачката Робертс. „Обидете се да користите јогурт со најмала капка прехранбена боја. Бебињата нека ги користат своите раце, нозе, а можеби дури и колената и лактите. Нашите деца во дневен престој исто така сакаат своите раце да ги извалкаат со шарени шпагети и желе, како дел од сигурна, неуредна, но забавна и креативна активност“.

Усовршување на управување со пинцети

Развојот на фината моторика започнува со употребување на пинцета, движење кое се јавува помеѓу 9, и 12, месец од животот. Тогаш детето е во состојба да фати помали предмети кои не ја зафаќаат целата дланка, туку само показалецот и палецот. Тоа е почеток на низа активности кои ја развиваат фината моторика која својот максимум го достигнува со „графомоторика“, односно способност за пишување. Во овој период бебињата обожаваат активности кои поттикнуваат на употреба на пинцета. „Сите активности од фината манипулација, на пример, различно сортирање на малечки предмети, според форма, боја и големина, играње со пластелин, се игри кои го поттикнуваат бебето да ги истражува просторните односи и формираат темел за геометрија и броеви. Меѓутоа, имајте на ум дека просторната свест уште се развива, поради што на бебињата им е тешко да го постават обликот во соодветната дупка или да стават парче од сложувалка на вистинското место“, објаснува д-р Деј.

Игра со инструменти

„Вложете во некоја удиралка или направете сопствени ѕвона, тамбури и слично, достапни во сите локални продавници“, вели музичкиот терапевт. Во секој случај, секогаш можете да импровизирате. Удирајте пластични чаши и садови едни од други, наполнете празна амбалажа од шампон со ориз за да креирате звук и слично. „Реквизитите се исто така забавен елемент во музиката. Зошто да не играте со вашето дете или да му покажувате слики кои соодветствуваат на песните што ги пеете и слушате – на тој начин децата побрзо ќе ги разбираат концептите“, додава терапевтот.

Автор: Ана Шевчек



912

X