Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Со сопругот сме во брак 13 години. По сите голготи низ животот и борба со стерилитет, конечно ни се оствари големата желба за бебе. Со мојот сопруг бевме во добри односи и сите голготи заедно ги поминавме со поддршка и разбирање. Но сега, не знам и јас од каде да почнам, дали поради премногу грижа за бебето (тоа си е во ред и добро си напредува, јас го чувам дома сама, сопругот по цел ден е на работа). По работа тој излегува за негови потреби, т.е. го прави тоа што го правеше и пред да се породам, иако мене ми треба помош. Тој слабо учествува во одгледувањето на бебето. Кога ќе дојде од работа, го зема 10 минути, го гушка и по еден час излегува. Сето тоа ми пречи, сакам повеќе време да биде со нас. Му кажав и одговорот му беше: „Што да правам јас дома.“ На мојот роденден, кога бев најсреќна и сакав да го прославиме заедно, дојде од работа, ме бакна, ми го честита роденденот и не ги ни забележа моите подготовки, па останавме сами со бебето. Се чувствувам изморена. Да му кажев да не оди за да прославевме, ќе останеше, но не сакам секогаш јас да кажувам што треба да прави. Кога ќе кажам пак, сум виновна, тоа го прифаќа како наредба.

Збунета сум и не знам како да си го вратам мирниот живот и тој да учествува во секојдневните обврски. Знам дека се уморува на работа, но понекогаш навистина мислам дека треба да ми помогне во домашните обврски. Ве молам за совет.

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Пишувате дека имате добра комуникација со сопругот сите тринаесет години. Сиве години еден на друг сте си давале голема поддршка за заедништво и поминување низ процесот да имате уште еден член во вашето семејство – дете.
Одлуката да се стане родител прави промени и од темел го менува брачниот живот, а секако и двајцата партнери како личности. Тоа е многу лична, психолошки на долг временски период одлука за улогата во која остануваме цел живот.

Наташа Маџевска


Главната одлука да се стане родител се заснова на емоциите, дали вистински сакаме дете, колку таа одлука ни предизвикува радост или страв. Ставовите за родителството се засноваат на емоциите на брачните партнери и не можат секогаш рационално да се објаснат, што се случува како процес внатре во поединецот од брачниот пар. Вие можеби имате различни идеи од вашиот партнер за тоа што значи да се биде родител. Заедно имате искуство на чекање и дека времето за доаѓање на детето е невозможно да се испланира. Во тоа чекање двајцата сте стекнувале и менувале многу животни навики. Во секој случај, родителството бара за краток период партнерите да се соочат со многу психолошки, телесни, социјални и други промени во нивните животи. Ова претставува и тест за зрелоста на двајцата брачни партнери.
Одлуката да се стане родител често се заснова на непроверени и можеби неточни идеи на партнерите за тоа како би изгледала животната одлука на родител, и некогаш сама по себе станува бесмислена.
Со раѓањето, детето е многу ранливо и бара големо внимание и грижа. Родителите треба и мора да се спремни да се откажат од своето слободно време и комфорни навики, за детето да се развие во компетентна личност. Некои луѓе на ова гледаат со уживање и со радост помагаат во детскиот развој. Самото раѓање и растење на детето ги менува односите меѓу партнерите и претставува тест за поврзување, сигурност и доверба. Многу е важно вие како родители да го задржите квалитетниот партнерски однос. Оттаму да црпите енергија за семејниот однос, да го одгледувате вашето дете и тоа да биде инспирација, а не обврска.

Грижата за детето бара соработка од двајцата родители. Многу е важно да бидете искрени кон себе и да ги освестите вашите очекувања. Иако новороденото дете во семејството носи среќа и исполнетост, ако се има очекување дека ќе ги поправи партнерските односи и другите тешкотии, тоа најчесто е неостварливо и може да се случи и да се зголеми. Ако се има очекување дека детето ќе ве поврзе и ќе ги реши проблемите, голема е веројатноста да се случи спротивното. Улогите, од партнери со обврски за себе и партнерот, се менуваат во улоги за грижа кон дете кое во првиот период од својот живот е многу зависно.
Би ви препорачала да си земете време за себе и да се грижите за себе. Да побарате совет од стручно лице, психолог-психотерапевт и да се наместите во новата улога родител, која со сите непознати ви носи и радост, смиреност, насмевка и мајчинство. Мајчинство, кое е место прво за квалитетна грижа за себе, а потоа за вашето долгоочекувано дете. Мајчинството е сила за себепогледнување и од тоа место, погледнување кон детето и сите други во околината.
Ве поздравувам и грижете се за себе за да имате сила да се грижите за целото семејство.

Одговара: Наташа Маџевска, психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X