Кога децата се мали, тие се како сунѓери. Го впиваат секое ново искуство, секој нов збор што ќе го научат, однесувањето што го гледаат околу себе, па подоцна го имитираат.
Всушност, првите години од животот на детето претставуваат почеток на развојот на неговата личност, кога полека почнува да се насетува личноста во која еден ден ќе прерасне.
Американско истражување што почна во 2013 година покажа дека едукацијата во најраното детство има несомнено влијание врз подоцнежниот живот и развој на детето. Еве и зошто:

Социјализација

Под ова секако се подразбира социјализацијата надвор од кругот на семејството, која е од суштинско значење за развојот на детето. Родителите интуитивно ја насетуваат важноста на дружењето, односно колку е важно нивното дете да биде опкружено со деца и да има другари. Колку порано ќе му се овозможи на детето да игра со другите деца, толку подобро.
На тој начин детето ја надминува срамежливоста и се стекнува со самодоверба. Колку што се одложува социјализацијата на детето, толку се одложува и неговиот социјален развој.

Концепт на соработка

Кога на детето ќе му покажете како треба да ги споделува работите и да соработува со другите, всушност го учите дека треба да биде упорно. Ова особено е важно за првородените деца, кои не се навикнати да ги делат своите играчки со братчето или сестрата.
Понекогаш делењето на предметите за децата претставува особено тешка задача. Затоа е многу важно ова да го научат што порано, а градинката е одлично место за тоа.

Поттикнување сеопфатен развој

Тргнувањето во градинка подразбира изградба на силна основа за емоционален, социјален, физички и ментален развој на детето. Воспитувачките се обучени да ја уочат и да ја идентификуваат областа каде што треба дополнително да се работи со детето.
Поддршката од страна на родителите исто така е многу важна, а успехот може да биде голем бидејќи децата што одат во градинка полесно соработуваат и полесно се вклучуваат во активности.

Ентузијазам за учење

Навистина е тешко кај детето да се создаде желба и ентузијазам за учење кога е дома со бабата и/или дедото, затворено во четири ѕида. За учењето да биде ефикасно, пред сè, мора да биде забавно, а факт е дека во градинките може да се создаде топла и пријатна атмосфера за учење низ игра.
Љубовта кон учењето и истражувањето се стекнува уште во предучилишна возраст, со други деца и со добри учители.

Вредноста на образованието

На децата постојано треба да им се укажува на значењето на образованието и учењето низ теоретски објаснувања, но и преку практични искуства. Иако родителите се двете главни фигури во овој период од детството, тргнувањето на детето во градинка отвора нови погледи, прави простор за развој на нови вредности кои на детето ќе му покажат колку е важно нешто да се (на)учи.
Ваквите навики остануваат кај детето во текот на целиот живот, а воедно во градинката ќе научи дека знаењето секогаш се цени и се вреднува.

Почитување

Детето во градинка учи да ги почитува другите. Тоа не се однесува само на другарчињата и воспитувачите, туку и на предметите, животната средина и така натаму. Не постои подобро место каде што детето ќе научи како се почитуваат луѓето и предметите што секојдневно го опкружуваат.

Тимска работа

Секое дете треба да го знае значењето на тимската работа, како да се почитуваат туѓите мислења, да умее да слуша и да соработува. Многу активности во предучилишна возраст се осмислени со цел да стават акцент на тимската работа поради фактот дека лицето што го научило тоа во најраната младост полесно ќе се вклопи и ќе биде корисен поединец за средината во подоцнежна возраст.

Флексибилност

Важно е да се работи на флексибилноста на детето од најмала возраст. Во едно конзистентно и безбедно социјално опкружување, со јасни очекувања и предвидливи резултати, детето ќе може да развие вештина за самоконтрола и да научи како да управува со своите емоции.
Задача на воспитувачите е да создадат работна атмосфера полна со предизвици во која децата ќе можат да учат низ искуството „од прва рака“. Детето може да изгуби во некоја игра или, пак, да падне и да си го изгребе коленото, но сето тоа е основа за изградба на стратегија за соочување со поголеми предизвици кои ќе следуваат подоцна во животот.

Концентрација

Детските умови се динамични и способни за изразена фантазија. Во градинката сакаат постојано да истражуваат, да откриваат нови места, нови другари, нови играчки. Особено е важно да се најде баланс меѓу детската полетност и способноста да слуша совети, насоки и упатства. На овој начин се развива една особено важна вештина – концентрацијата.

Трпеливост

Во градинката децата постојано се на некаков вид тестови кои треба да ги научат на трпение. Детето треба да научи да го сочека својот ред, без оглед дали се работи за храна, спиење или за играње со некоја играчка.

Доверба и самопочит

Кога детето чувствува љубов и наклоност од страна на воспитувачите и другите деца, тоа му дава сигурност, оптимизам и му ја зголемува самодовербата. Тоа го мотивира да го истражи секој свој талент, вештина или интерес.
Позитивните односи со воспитувачите и другарите мотивираат позитивен, здрав и сигурен одраз на сопствената личност, што на детето ќе му овозможи во натамошниот развој да им пристапува на проблемите со самодоверба.

Прифаќање разлики

Разликите треба да се почитуваат и тоа е од суштинско значење за развојот на детето. Раната едукација треба да го насочи детето кон прифаќање и почитување на разликите. Важно е детето да сфати дека секое дете е посебно на свој начин, секое има различна култура, вера или етничка припадност.
Тргнувањето во градинка е повеќе од игра. Во основно училиште детето ќе ги користи вештините што ги научило во градинка. Искуството и знаењето што ќе ги стекне во оваа установа се незаменливи и не можат да се споредат со чувањето на детето дома, иако бабите се полни со внимание и љубов кон внучето.
Поради сите овие причини, немојте да дозволите вашето дете да ја пропушти можноста да оди во градинка бидејќи тоа се случува само еднаш во животот.

 



912

X