Одлуката да се прошири семејството и да се има дете е една од најважните во животот. Добра идеја е да се посети лекар пред да се започне процесот на зачнување.

– Препорачувам посета на лекар два месеца пред да се почне со обидите за зачнување – или неколку месеци порано ако веќе имате некоја хронична состојба – вели Мери Џејн Минкин, клинички професор во Одделот за гинекологија и акушерство и репродуктивна наука на универзитетот „Јејл“.

Лекарот ќе пристапи кон вашата здравствена историја, ќе ги евалуира сите медицински важни точки и ќе ви даде насоки и совети како да имате здрава бременост. Ова се 11 прашања што треба да му ги поставите на вашиот гинеколог, бидејќи забременувањето може да се случи многу брзо.

1. Колку време ќе ми биде потребно за да забременам?

Се разбира, вашиот лекар нема да може да предвиди такво нешто. Некои парови успеваат буквално од првиот пат, додека за други е потребна и цела година. Во секој случај, лекарот може да ви даде барем претпоставки, во зависност од вашите години, историја на болести, претходни искуства со бременост.

2. Кога би требало да престанам да користам контрацепција?

Не значи дека ќе забремените во истиот момент кога ќе престанете да ги пиете апчињата за контрацепција. Хормонските таблети може да го променат вашиот циклус неколку месеци откако ќе престанете со консумација.

3. Дали мојата здравствена состојба влијае врз зачнувањето?

Некои состојби секако дека може да влијаат. Тука се вклучени полицистични јајчници, ендометриоза, нарушување на тироидната жлезда, па и полово преносливи болести. Кога е во прашање вашиот партнер, проблеми со бројот на сперматозоиди, движење или морфологијата може да создадат тешкотии. Докторот прво ќе може да ги реши овие ситуации, па да ви ги понуди најдобрите опции.

4. Дали терапијата што ја користам влијае врз плодноста?

Некои лекови, како оние за висок притисок или епилепсија, може да направат промени. Исто така, постојат и одреден број лекови што може да му наштетат на бебето во текот на бременоста (стероиди, антидепресиви, антипсихотици, лекови за тироидната жлезда). Затоа мора да разговарате со лекарот, кој ќе ви ја промени терапијата и ќе ви предложи терапија на билна основа.

5. Дали треба да користам суплементи?

Секоја жена што планира бременост би требало да почне со консумација на фолна киселина три до шест месеци пред зачнувањето. Таа го намалува ризикот од некои проблеми при раѓањето. Лекарот ќе ви препорача пренатални витамини, особено ако ви фалат одредени нутритиенти.

6. Дали треба да ги менувам своите животни навики, како исхрана, спиење, вежбање?

Дали сте знаеле дека прекумерната или намалената тежина може да влијае врз плодноста? Проблемите со килограмите може да доведат до гестациски дијабетес, висок притисок, породување со царски рез, но и спонтан абортус. Недостигот на физичка активност, консумирањето алкохол и цигари, исто така, може негативно да влијаат врз зачнувањето и бременоста. Отворено разговарајте со лекарот за своите животни навики и задолжително консултирајте се со него за тоа дали е потребно да ги менувате.

7. Дали е потребно да се вакцинирам?

Секоја настинка во текот на бременоста може да влијае врз вашето и здравјето на бебето во стомакот. За да се сочувате и себеси и бебето, можете да продолжите со вакцинирањето. Секако, вашиот доктор ќе ве посоветува доколку е потребно да се направат дополнителни вакцинации пред зачнувањето за да се избегнат вируси кои не се сигурни за вас и бебето. Вакцините против грип, потоа тетанус, дифтерија и голема кашлица, но и онаа за хепатит Б, може да се даваат и во текот на бременоста.

8. Дали ми е потребен и друг лекар?

Не се сите гинеколози сертификувани за акушерство, кое е поврзано со породувањето. Поразговарајте со својот лекар дали е квалификуван во ова поле од гинекологијата. Доколку не е, замолете за препорака за колега.

9. Дали се потребни генски тестирања?

Вие и вашиот партнер можете да се одлучите за генско тестирање за да откирете дали имате склоност кон наследни болести, што вклучува спинална мускулна атрофија, цистична фиброза, Тај-Саксова болест и слично. Доколку резултатите се позитивни, лекарот може да ви помогне да ги намалите ризиците, еден од начините да ја спречите оваа состојба е преку вонтелесно оплодување со преимплантациска генска дијагностика.

10. Зошто не можам да забременам?

Доколку една година се обидувате без резултати, веројатно имате проблем со зачнувањето. Овие проблеми денес се почести, па би било добро да се разговара со експерт. Тој ќе ви помогне да го надминете овој проблем со лекови или на некои други начини.

11. Што да правам кога тестот ќе биде позитивен?

Многу парови немаат идеја што да прават во моментот кога ќе дознаат дека тестот е позитивен. Дали треба веднаш да се оди на лекар или да се чека бебето да биде доволно големо за да се види на ултразвук? На ова прашање најдобро ќе ви одговори вашиот лекар.

Што може уште да се очекува од посетата на лекар?

Покрај прашањата и одговорите, овој преглед вклучува и различни тестови. Многу работи ќе дознаете преку крвна слика, гинеколошки преглед на карлицата и градите. Покрај тоа, доколку смета дека е потребно, вашиот лекар ќе ве тестира и на некои состојби како фиброид на матката, циста, полицистични јајчници – особено ако имате некои од симптомите.

Тестот на крвта ќе го покаже и нивото на витамини во вашиот организам, состојбата на тироидната жлезда, но и имунитетот за некои болести, како хепатит Б и варичела. Некои прегледи вклучуваат и тестови на урината или ментални тестови.

Автор: Никол Харис

Извор



912

X