Сите знаеме дека бабите и дедовците се исклучително важни во животот на децата, но понекогаш односите меѓу возрасните членови од семејството можат да станат „напнати“ по доаѓањето на бебето. Еве неколку совети како да се одржат квалитетните семејни односи.
Односите со сопственото, но и со семејството на партнерот, можат да станат главен извор на стрес, а кога во такви околности ќе го „додадете“ и бебето, ќе сфатите дека некогаш целиот семеен систем може да стане толку напнат што се чини дека ќе експлодира.
Значи, во интерес на што подобри семејни односи и за мир во куќата, бабите и дедовците треба да ги следат следниве совети:
1. Не очекувајте дека ќе бидете во првите редови
Многу жени сметаат дека раѓањето на детето е интимно доживување, а не спорт во кој учествуваат многу гледачи. Почитувајте го ова.
2. Запомнете: тоа не е ваше дете
Ваше дете е мајката или таткото на тоа бебе. Малечкото е ваше внуче. Тоа е апсолутно прекрасно, но немојте да го користите терминот „моето бебе“. Не треба да споменуваме дека такво нешто не смеете ни случајно да споменете додека бебето е уште во стомакот. Односите драматично можат да се нарушат по такви изјави.
3. Внуците не се „поправен“ испит за вашето родителство
Вашето сопствено искуство во родителството можеби не е онакво какво што сте сакале да биде. Веројатно сте сфатиле дека работите би ги правеле поинаку кога би имале нова шанса. Не можете преку своите внуци да го поправите она што порано се случило.
4. Немојте да се наметнувате со совети, доколку не ви бараат
Ако новите родители сакаат да го чујат вашето мислење, ќе побараат да го кажете. Непосакуваните совети може да се сметаат како пасивно-агресивни навреди, затоа треба да внимавате. Никој, а особено не новата мајка, не сака да чуе дека куќата би требало да биде почиста или дека детето не напредува доволно брзо. Да, вие сте растеле дете, но ова не е вашето бебе.
5. Вашето внуче не е кукла
Не „зборувајте“ преку вашето внуче: „Мамо, сакам да одам кај баба за викендот“. Не правете го тоа. Тоа е непријатно, се чини како пасивно-агресивно наметнување и ќе изгледате чудно.
6. Не правете посебна соба без договор со родителите
Освен ако не ве ангажирале да се грижите за бебето на полно работно време. На бебето нема да му треба соба во вашата куќа. Не правете ништо без договор со родителите.
7. Прифатете го името
Се разбира дека постои име што вам многу ви се допаѓа, можеби е традиционално, можеби и креативно. Може и навистина многу да ви се допаѓа, но за тоа главниот збор го има друг.
8. Најавувајте се пред да ги посетите
Без оглед колку бебето е слатко и прекрасно, не одете на гости без да се најавите. Ѕвонете им, но не кога ќе им бидете пред куќа. Бебето нема никаде да „замине“.
9. Без натпреварување
Да се биде баба или дедо не е натпреварувачки спорт. Од кого ќе добие поголем подарок, облека, најмногу играчки… ништо од тоа не е гаранција за убав однос со внукот и родителите, а квалитетот на односот нема да се подобри со многубројните подароци.
10. Ако не сте сигурни, прашајте
Многу работи се промениле со текот на времето. Поинаку се размислува за безбедноста, за алергиите на храна, дури и за положбата во која спие бебето. Затоа, добро е да прашате. Навистина, треба да ги почитувате родителските одлуки и граници. Нема да погрешите ако ги почитувате вашето возрасно дете и неговиот партнер како тим.