Нема причина вашето дете постојано да бара нешто за јадење ако не е гладно. Тоа веројатно стекнало навика да грицка кога му е досадно, кога е уморно, раздразнето… Променете ги навиките во исхраната на вашето дете според следните совети.
1. Кога детето е нервозно, обидете се да го смирите. Кога е поспано, мотивирајте го да се одмори. Кога е луто или бесно, опуштете го. Дури кога ќе биде гладно, понудете му храна.
2. Воведете ред во оброците. Кога оброците се во одредено време, имате контрола над количеството храна што детето ќе ја изеде. На пример, подобро е да се јаде повеќе пати помало количество храна отколку при помал број оброци да изеде поголемо количество храна.
Понудете разновидна храна, соодветна за неговата возраст. Едноличноста (многу деца го јадат само тоа што го сакаат) често може да биде придружена со недостиг на белковини и витамини, што придонесува за намалување на имунитетот, нарушена работа на нервниот систем, слаб раст…
3. Воведете овошје, исфрлете ги грицките и слатките. Ако веќе сака да јаде, нека го јаде само она што е здраво. Инсистирајте на здрави намирници. Доколку вашето дете ги избегнува продуктите што се здрави и пожелни за неговиот раст, барем натерајте го да проба. На пример, воведете ги на почетокот на оброкот, кога е гладно.
4. Не прескокнувајте оброци. Многу истражувања покажуваат дека и покрај тоа што децата (особено тинејџерите) најчесто го избегнуваат или го прескокнуваат појадокот, токму овој оброк има најголемо значење. Децата што појадуваат повеќе знаат математика, не се уморни, помалку имаат психички проблеми… Се подразбира дека овој оброк треба да биде соодветен на возраста.
5. Не наградувајте го со храна. Иако детето понекогаш посакува како награда благи работи, формирајте став дека ниедно негово однесување или постапка не може да биде наградена на тој начин. Се подразбира дека нема ни да го казнувате одземајќи му ја омилената храна. Ако сакате да му покажете дека сте задоволни или дека се гордеете со некоја негова постапка, наградете го вербално или однесете го во парк, кај другар или на детска претстава.
6. Бидете добар пример. Немојте постојано да грицкате нешто „од нога“. Вашите семејни оброци нека бидат ритуални. Седнете заедно на масата, јадете во мир, а кога ќе завршите, станете и продолжете со своите активности до следниот оброк.
7. Не инсистирајте да изеде сѐ од чинијата. Дури и кога ви се чини дека јаде помалку отколку што му е потребно за правилен развој, имајте на ум дека вашето дете има право на различен апетит од ден на ден, баш како и вие. Исто така, децата прават разлика помеѓу вкусовите (некои им се допаѓаат, а некои не), гладот и ситоста, а тоа родителите често го забораваат.
8. Објаснете му што предизвикува дебелината. На претшколска возраст тоа ќе има големо влијание. На пр., ако на детето му е важно да биде вешто, силно или брзо да трча како некој негов омилен лик од цртан филм или суперхерој, предочете му дека нема да има такви можности.
9. Грицки дури по оброкот. Во случај вашето дете веќе да е навикнато да јаде „нездрава храна“ кога му е досадно, кога е нервозно или уморно… односно кога не е гладно, кажете му дека ќе ги добие откако ќе изеде нешто хранливо и здраво. Иако ваквиот пристап е уцена, така постепено ќе го одвикнувате од лошите навики во исхраната. Со тек на време ќе се нормализира нивото на шеќерот во крвта и детето повеќе нема да чувствува потреба за благо.
10. Бидете упорни сѐ додека не ги промените неговите навики во исхраната. Децата што се дебели на оваа возраст стекнуваат и некој вид предиспозиции за дебелеење и во иднина. Хроничната дебелина предизвикува многу болести (кај децата се чести искривувањата на грбот, рамните стапала, и др.), недостиг на самодоверба, намалена физичка кондиција. Не чекајте нешто од тоа да му се случи на вашето дете. Подобро е што побрзо да му ги промените навиките во исхраната.
Добрите, како и лошите навики стекнати уште во детството често пати остануваат како облик на нашето однесување доживотно. Меѓутоа, не се сите лоши навики еднакво лоши. Некои од нив, како што е неправилната исхрана, за жал, може да остават трајни последици.
Автор: педагот Јелена Холцер