Како лесно да  комуницирате кога станува збор за трошењето

Сте се прашале ли некогаш дали е добра идеја да ги научите децата на штедење и одговорно трошење? Или, пак, сметате дека е премногу рано за тоа и им ги купувате сите потребни и непотребни работи што ќе ги посакаат, без да се обидете да им објасните колку тие чинат?

Независно кој е вашиот одговор, сосема разбирливо и вообичаено е секој родител да се труди да обезбеди сѐ за своето дете за да го израдува, па дури тоа и да е „неосновано“, но во секој случај, веројатно е добра идеја децата да се стекнат со некоја финансиска писменост уште од рана возраст за да им се создадат и позитивни навики во иднина.

Токму затоа, подготвивме 10 супер совети за вас кои ќе ви помогнат како уште од најмала возраст, кога децата сѐ уште немаат стекнато свест за парите, да ги научите што значи таа одговорност и како лесно и на „нивен“ јазик да комуницирате кога станува збор за трошењето.

1. Зборувајте отворено за парите со вашите деца. Пред сѐ, не одбегнувајте ја темата и не мислете дека нема да ве разберат, дури и да се мали. Тие разбираат многу добро. Комуницирајте отворено за вредноста на парите преку наведување примери и охрабрувајте ги да прашуваат прашања, но бидете подготвени и да ги одговорите, колку и да се тешки. Така постепено ќе ги научите дека финансиите се составен дел од животот и ќе ја разбудите нивната свест.

2. Бидете пример за одговорно трошење. Вклучувајте ги во процесите поврзани со плаќањето и објаснете им зошто се прават одредени трошоци. Одвреме-навреме однесете ги во банка заедно да ги платите сметките, или пак доколку  го правите тоа електронски, седнете ги до вас и објаснете им ја постапката. На овој начин ќе ги направите свесни дека трошоците не се секогаш видливи, односно дека постојат услуги кои едноставно мораме да ги платиме, но и ќе поставите пример за свесно трошење, бидејќи децата имаат тенденција да ги повторуваат навиките на родителите.

3. Направете разлика помеѓу „потреби“ и „желби“. Најдете јазик да им објасните на децата дека не сѐ што посакуваме ни е и навистина потребно преку објаснување на последиците и приоритетите. На пример, ако не го купиме најновиот Play Station, точно е дека детето нема да биде задоволено, но пак ако навреме не платиме струја, можеби утре воопшто и нема да имаме струја. Ако, пак, немаме дома струја, нема да можеме ниту да играме на новиот Play Station. Преку истакнување на приоритетите, децата полесно разбираат што е она што ни е навистина неопходно.

4. Лесна математика со парички. Доколку вашето дете е помало, одлична можност за учење финансиска писменост е преку лесни математички задачи со парички. Раситнете 100 денари на монети и банкноти од 10 и 50 денари и објаснете му ја вредноста на парите, односно, на пример, дека 5 денарчиња се еднакви на една монета од 5 денари, а пак 10 денарчиња на една банкнота од 10 денари. Објаснете му што може да се купи со таа една банкнота, што може да се купи со 10 исти такви итн. Ова детето ќе го сфати како игра и на тој начин многу полесно ќе научи како да менаџира со парите.

5. Купете касичка. Навиката за штедење започнува со мали чекори. Затоа, поттикнувајте ги децата најпрво да ги собираат ситните парички во касичка и одредете временска рамка кога ќе ја отворате. На пример, еднаш во месецот, пребројте ги паричките и со нив купете нешто симболично на што детето навистина ќе му се израдува. Така самото ќе сака што повеќе да штеди, бидејќи ќе очекува дека на крајот од месецот ќе следува награда.

6. Отворете штедна книшка, и тоа заедно со вашето дете. Појдете заедно, на пример, во Халкбанк, каде што ќе ви биде издадена дизајнирана штедна книшка со слончето маскота Халки, а воедно ќе добиете и подарок. Така детето веднаш ќе стекне љубов кон штедењето и потоа секое вложување правете го заедно, нека биде тоа ваша „традиција“ и дружење – дотерани и насмеани секој депозит носете го заедно до банка. На тој начин, детето многу порано ќе започне да ја разбира потребата за штедење и менаџирање на парите.

7. Поставете цел за штедење, прво неколку краткорочни цели, кои детето бргу ќе ги реализира (на пример, нова играчка, нови патики итн.), а потоа и долгорочна. Така детето ќе сфати дека целите навистина се реализираат, но и дека за поголемите, долгорочните, е потребно повеќе време.

8. Информирајте го семејството и пријателите за вашата цел. Заедно со вашето дете, кажете им на вашите блиски која е вашата долгорочна цел на штедењето. Така и самото дете ќе се чувствува дека има некоја многу важна задача, но и вашите блиски ќе биде поверојатно да му даваат парични подароци за разни поводи, бидејќи ќе сакаат да го поттикнат реализирањето на неговата желба.

9. Штедете ресурси, како вода и електрична енергија, но и рециклирајте го ѓубрето. Иако овој совет можеби не се однесува директно на штедењето пари, барем не на краток рок, сепак создава чувство на одговорно трошење, но и убава навика. Објаснете им што значи евтина струја, зошто водата не треба да тече цело време додека ги миеме забите, или обидете се да ги реупотребите празните амбалажи, со тоа што ќе создадете некој нов предмет за домот.

10. Штедете за неочекуваното. Сигурно некогаш ви се случува да произлезат некои непредвидени трошоци, како поправка на автомобил или на нешто во домот. Искористете ја таа можност да му објасните на вашето дете дека штедењето е неопходно токму и за такви случаи и дека во секое време е потребно да имате некој сигурен фонд за тие непредвидливи ситуации.

(Комерцијална објава)



912

X