Ова се неколку основни работи што треба да ги знаете за новите членови на семејството:

1. Бебињата може да изгледаат малку чудно

Понекогаш новороденчињата имаат чуден изглед. Лицето може да им биде стуткано, главата да им биде малку издолжена поради патувањето низ породилниот канал, или кожата да им биде во малку посина нијанса. По девет месеци во матката, откако ќе излезат, можат да бидат и потечени, особено очите, но набрзо стануваат бебиња какви што сте ги замислувале.

2. Не очекувајте гестови како што се насмевки во првите шест недели

Кристофер Толчер, педијатар од Лос Анџелес, се шегува и вели дека во првите шест недели „работиш за шефот кој спие или е намуртен“. Бебето ја чувствува поврзаноста со мајката и таткото и сака да биде во нивните раце, но сè уште не може да го каже тоа.

3. Практикувајте бањање со сунѓер додека не падне папочната врвца

Ако ја држите сува, папочната врвца паѓа за две недели. Освен тоа, новороденчињата не се валкаат толку многу за да не може да ги измиете со млака вода и сунѓерче. Ако папочната врвца се наводни, исушете ја со крпа. Ако има мало крвавење откако ќе падне, тоа е нормално, како што вели Алисон Бракен од Вест Роксбури, Масачусетс.

4. Смеете да ги допирате меките делови

Кога бебето се раѓа, коските на черепот се одвоени, а сраснувањето се одвива постапно за да може мозокот да се шири и да расте. Слободниот простор помеѓу коските на черепот е исполнет со сврзно ткиво. На местата каде што се составуваат коските кои уште не се споени има фонтанели. Постојат две фонтанели – предна или голема, која се наоѓа на темето, како и задна или мала, која се наоѓа на тилот. Иако тие места на кои коските уште не сраснале изгледаат многу ранливо,  можете слободно да ги допирате и со тоа нема да го повредите вашето дете.

5. Бебето само ќе ви даде до знаење дали прима доволно храна

Новороденчето мора да јаде на секои два-три часа, но ако доите, тешко е да се знае колку млеко детето добива. „Тежината на детето е најдобриот показател во раните денови“, вели Толчер. Новороденчето губи пет до осум проценти од својата породилна тежина во првата недела, но би требало да ја надомести во втората. Со следењето на бројот и количината на изметот на детето (но притоа да не се опседнувате со тоа), може да се знае дали детето добро напредува. Може да ги броите и сменетите пелени – распоредот во првите денови е хаотичен, а потоа ќе забележувате дека менувате пет до шест пелени дневно со мала нужда, а барем една со голема.

6. Промена на пелени

Нема сомневање дека бебињата какаат, и тоа многу. Во следното видео може да погледнете како да менувате пелени.

7. Сувата кожа на бебињата е нормална

На почетокот можеби кожата е мека и свиленикава, но тоа брзо се менува. „Кога и ти девет месеци би се бањала во течност, а потоа би излегла на воздух, и твојата кожа би била сува“, вели педијатарот Лора Џејн. Не мора ништо посебно да се прави по тоа прашање, но може да се користи хипоалергенски лосион без мирис. Освен сувата кожа, честа е и појавата на акни, кои обично траат неколку месеци.

8. Не морате да седите само дома

– Водете нормален живот, но користете го здравиот разум кога излегувате надвор – вели Толчер. Избегнувајте затворени простории, како трговски центри во текот на празниците и болни луѓе. „Научете ги постарите браќа и сестри наместо да го допираат лицето на бебето, тоа да го прават со неговите ножиња“, вели Џејн. Тоа ќе помогне да се спречи ширењето на инфекции. Речете му на постарото дете да биде „хигиенска полиција“, па и на другите да им кажува каде можат да го допрат бебето. Постарото дете ќе го обожава тоа.

9. Бебињата плачат, и тоа е нормално, тоа е нивниот начин на комуникација

Нивното плачење ќе ви каже кога се гладни, кога им е студено и кога имаат валкана пелена. Плачењето е нивниот начин на комуникација. Не дозволувајте тоа да ве фрустрира. Бидете сигурни дека подобро ќе се справувате како што ќе одминува времето. Лори Меј од Бордман, Охајо, и нејзиниот сопруг брзо научиле да ги читаат знаците на нивната ќерка. Кога биле тазе родители, местеле аларм кој се вклучувал на секои два часа за да ги потсети кога  треба да јаде детето. Но сега велат дека не им треба алармот и заедно се смеат на тие моменти.

10. Новороденчињата многу спијат

Првите три месеци се клучни. Бебињата треба да јадат на секои два-три часа, па вие како родители немате доволно сон. „Работите се подобруваат“, вели д-р Алтман. „Повеќето деца спијат од шест до осум часа додека да наполнат три месеци“. Во меѓувреме, обидете се да му воспоставите рутина на детето – во текот на денот не оставајте го да спие повеќе од три часа без да го разбудите за да јаде, а навечер оставете го да спие колку што сака откако ќе ја добие тежината која ја изгубило на породувањето.

На крајот, најважно е да запомнете дека оваа фаза е минлива. Барбара Еванс од Њујорк вели дека не ни забележала колку брзо поминало времето. Рабеа Балоч од Шугарленд, Тексас, мајка на осуммесечно бебе, вели: „Не направив доволно фотографии до детето кога беше малечко!“ Но, додава: „Со првото дете доживував голем стрес во врска со секоја активност, од менување пелена до тоа колку и како плаче бебето. Со второто, едноставно уживам да го држам в прегратка, да го мирисам, бакнувам и да уживам во времето поминато заедно“.

Автор: Триша О’Брајан



912

X