Присила Блуз е писателка и мајка на малиот Вили. На нејзиниот блог реши да сподели 10 работи што сакала и требало да ги слушне по породувањето, освен реченицата што најчесто ја слушала: „Бебето е убаво!“

Ова е нејзино искуство:

Животот по породувањето може да биде блажен. Впрочем, тоа е време во кое уживате во прегратките на вашето бебе, неговиот мирис и чудесните ситници што секојдневно ве воодушевуваат. Исто така, вашиот дом е полн со луѓе; семејството и пријателите често ве посетуваат за да ви честитаат и да го видат вашето бебе. Се смеат, ви носат подароци, и сите сакаат да го земат бебето в раце или барем да го допрат. Истиот тој живот по породувањето може да биде многу суров.

Вие бевте во центарот на вниманието во текот на бременоста, а сега е вашето бебе. И тогаш ќе сфатите дека постојат и други работи што би сакале да ги слушнете освен тоа дека вашето бебе е прекрасно. Кога мојот син беше бебе и кога конечно си дојдовме дома од болница, главно луѓето околу мене сакаа да разговараат за бебето. Секако, тоа е сосема во ред. Сакав, и ден-денес сакам да разговарам за мојот син. Сепак, ми беше чудно што не го добивав истото внимание како изминатите 40 недели. Луѓето повеќе не ме прашуваа како сум, како ми оди, за моето искуство или слично. Барем не до тој степен како што ме прашуваа додека бев трудна.

Се разбира, го разбирам тоа. Тешко е да се игнорираат новороденчињата, а повеќето луѓе сакаа да коментираат колку се убави и долги трепките на мојот син (тоа е вистина), или колку се убави неговите очи (и тие се убави), или колку личи на неговиот татко (и навистина личи). Сепак, останува фактот дека само што поминав низ неверојатно и не толку едноставно искуство за да ги донесам тие долги трепки и убави очи на светот. Не сакав луѓето целосно да го игнорираат мојот син, но сигурно ќе беше убаво и ефикасно ако слушнев неколку од следниве реченици:

1. Како се чувствуваш? Како навистина се чувствуваш?

Деновите по породувањето може да бидат многу непријатни за мајката. Преполни сте со хормони, збунети сте и исцрпени. Да не ги споменувам сите ризици од развој на постпородилна депресија или анксиозност. Сè што навистина сакав беше луѓето да ме прашаат (и навистина да ги интересира) како сум, затоа што честопати бев добра, но и честопати навистина сакав и ми требаше да разговарам со некого.

2. Како беше породувањето?

Сигурна сум дека секоја личност, откако ќе се породи, сака да зборува за своето искуство. И сè уште можам да ви ја раскажам целата приказна во детали, од почеток до крај. Не знам зошто сакав толку многу да го споделам со другите, но најмногу сакав луѓето да ме прашуваат за породувањето за повторно да се сетам на раѓањето на мојот син.

3. Како е бебето?

Мојот син е пресладок и тој беше пресладок кога беше бебе. Веројатно сите мајки размислуваат така за своите деца. Сепак, сакав повеќе да ме прашаат како е и како му оди, а не само за неговиот изглед.

4. Како оди доењето на бебето?

Се разбира, ова прашање мора да се постави на неосудувачки начин. Мразев кога луѓето ме прашуваа дали сè уште го дојам бебето, бидејќи моето искуство не беше баш добро. Речиси се доведов до работ на нервите обидувајќи се да произведам повеќе од 30 мл млеко одеднаш. Но општо, прашањето за хранење на бебето, но не со наметнување на сопствени верувања и ставови, е одлично прашање.

5. Биди поблага кон себеси!

Потсетете ги новите мајки дека можат да се потпрат на другите. Потсетете ги да не се заморуваат многу и да не бидат под толкав стрес. Потсетете ги да одвојат време за себе во тие рани денови по раѓањето. Ним тоа им е потребно и честопати нема да го направат освен ако луѓето не им кажат.

6. Дали ти треба помош со бебето или нешто друго?

ДА! Океј, но сериозно, повеќето нови мајки сакаат помош. Тие секогаш прават сè: купување намирници, перење, чистење, работа, спиење и сè друго во животот. Значи, ако можете да им помогнете, на кој било начин, со сите средства, затоа што понекогаш тие самите нема да признаат дека им е потребна помош.

7. Тука сум ако ти требам!

Во принцип, убаво е да се знае дека можеме да се потпреме на нашите најблиски во постпородилните денови. Иако можеби нема да ни требате, убаво е да ве чуеме дека сте тука, дури и ако станува збор само за повремена порака што ќе нè насмее.

8. Како закрепнуваш?

Ова прашање е особено важно за мајките што доживеале какви било компликации во текот на породувањето или имале царски рез. Процесот на заздравување може да потрае многу подолго отколку што сфаќаат повеќето луѓе. Значи, за оние од нас што имаат проблеми и им треба време да закрепнат, убаво е да се слушне дека некој се грижи за тоа.

9. Сакаш нешто да ти донесам?

Ако сакате да донесете нешто за мајката, бебето или домаќинството, прво прашајте. Некои мајки сакаат обични и ненајавени посетители, други сакаат приватност или барем известување дека доаѓате. Како и да е, повеќето мајки уживаат да добиваат подароци во првите неколку месеци од мајчинството, особено ако подароците се јадат!

10. Одлично ти оди!

Ве молиме, кажете ни дека одлично ни оди. Можеби е глупаво и непотребно, но убаво е да се чуе. Треба да слушнеме дека не сме лоши мајки и дека не правиме премногу грешки. Постои голема несигурност што доаѓа со родителството, а неколку охрабрувачки зборови многу значат.

Извор



912

X