Можете ли да не правите ништо посебно, а сепак да бидете добар родител? Се чини дека можете. Имено, мрзливото родителство веќе некое време е доста популарно, а познатите мајки понекогаш признаваат дека го практикуваат ваквото воспитување. Актерката Џенифер Гарнер неодамна изјавила дека мисли оти нема ништо лошо во малку „добронамерно невнимание“.

Тоа не е вистинска небрежност, се разбира. Станува збор за тоа дека не сме секогаш и бескомпромисно вклучени во секој аспект и секој дел од животот на нашите деца – без разлика колку години имаат. Мрзливото родителство е всушност нешто спротивно од хеликоптер-родителството.

И не, да се биде „мрзлив“ не значи дека е секогаш лошо. Тоа значи дека вложувате многу малку или никаков напор на вистински начин, а всушност правите многу добра работа. Ова родителство е создадено како противтежа на она што неодамна стана доста вообичаено, а тоа е поривот секогаш и постојано да ги забавуваме децата, да им помагаме во сè, да правиме работи за нив, да ги возиме и расположуваме, да ги разгалуваме… всушност во целата приказна забораваме што е важно за децата, за нивниот развој и, на крајот, за изразувањето на нашата љубов кон нив.

Овие 10 принципи на мрзливо родителство ги споделила една мајка, а сигурно ќе ви се допаднат.

Смејте се со вашите деца

Лесно е, бесплатно и пријатно. Дури и ако заедно се смеете на глупави шеги, како што децата имаат обичај да прават, смеењето ослободува ендорфин и ви дава дополнителен поттик.

Дремка

Им се извинуваме на оние мајки кои имаат новороденче во моментов и не можат да си го дозволат тоа, но мајките на постарите деца можат да си легнат порано, да станат подоцна или да дремнат 15 минути на каучот додека децата гледаат телевизија или се пред екран. Ќе се чувствувате како да ви е дадена нова доза на енергија, а ќе се зголеми и нивото на среќа ако ги затворите очите некое време.

Напијте се нешто

Ќе бидете позадоволни ако пиете доволно. Вода, се разбира. Ништо друго не би препорачале, никако, бидејќи тоа не е добро за вас. Тоа што не е добро за вас, оставете го за вечерта, и пијте сок со децата или застанете во блиското кафуле на кафе и сок. Да, не е здраво и да, не е добро да пиете засладени пијалаци. Но, понекогаш тоа е толку добра опција, што ќе ги израдува децата и ќе ви даде малку мир.

Кажете „те сакам“

Не е важно дали вашето дете, особено детето пред пубертет, одговара со „супер“ или „ОК“. Без разлика колку често ја кажувате оваа реченица, кажете ја уште неколку пати. Како и да реагираат на тоа, секое дете во себе ќе процвета кога ќе ги слушне тие зборови.

Прегрнете ги децата

Понекогаш тие ќе се побунат, се разбира, тоа го знаеме одамна. Но, тоа всушност им се допаѓа, без разлика дали го признаваат или не. Докажано е дека физичкиот допир позитивно влијае врз здравјето, а во исто време ја зајакнува вашата врска. Има добри шанси и вашето дете да ве прегрне.

Не правете ништо

Нека им биде досадно на децата и самите нека смислат како да се справат со тоа или што да променат за тоа да не се случува повеќе.

Бидете свои

Покажете им на децата дека не сте совршени и дека секој има мани, но и многу добри страни. Понекогаш можете да пеете гласно, дури и ако немате слух за музика, па дури и ако не го знаете текстот. Во автомобилот, тоа е посебно искуство, а можеби и децата ќе ви се придружат.

Слушајте

Дозволете му на вашето дете да разговара со вас. За што и да е. Знаеме дека децата можат бескрајно да зборуваат за (нам) небитни работи. Но, нека зборуваат со вас. А вие слушајте, потврдувајте со главата и – пијте си го кафето на мир. Добро, со гласови околу вас, но ако тоа е цената…

Не споредувајте ги вашите деца

Не споредувајте ги со децата на вашите пријатели или со вас, родителите. Секогаш ќе има некој што е побрз, посилен, поцврст, поубав, попаметен итн.

Дозволете им да доживеат неуспех

Ако поправате нешто што требало децата да го сторат, потребен е одреден напор. И покрај тоа, тие нема да научат ништо на тој начин. Неуспехот е во ред ако резултира со одредена лекција што треба да се научи. Не треба ништо да правите, но сепак на нешто ги учите. Идила.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор



912

X