„Мамо, дали повторно ќе има паради?“ Моето четиригодишно дете ми го постави ова прашање пред некој ден за време на појадокот, согласно ситуацијата. „Не знам, злато“, одговорив. „Се надевам дека наскоро ќе има“.
„И јас исто. Бидејќи навистина сакам паради“. (Забелешка: Колку што се сеќавам, беше само на една парада во целиот негов живот, но очигледно дека таа му оставила голем впечаток). Настрана парадите, сите имаме многу прашања сега, а децата не се исклучок. Разликата е во тоа што ние, возрасните, знаеме (поголемиот дел од времето) дека немаме избор освен да живееме со неизвесноста. Нашите деца, пак, очекуваат ние да ги имаме одговорите. Сечија анксиозност сега е на високо ниво, а родителите постојано се „бомбардирани“ со добронамерни, но нејасни совети. „Бидете искрени“, си велиме, „но исто така и одговорите да се соодветни за развојот“. Или „Биди автентичен, но внимавај да не им поставиш товар на децата од сопствените емоции“. Не дека е тоа лош совет, но слично е како да му кажуваш на некој што никогаш не играл кошарка да ја фрла топката со пас (центар-шут)“. Супер идеја. Но, што значи тоа?
На моите виртуелни тренерски сесии родителите ме прашуваат како да одговорат на многубројните прашања што нивните деца секојдневно им ги поставуваат. Родителите сакаат да им ја кажат вистината на децата на начин на кој тие ќе го разберат, но сметаат дека е премногу за нив. Сакаат да ја следат популарната мудрост – да бидат искрени, одговореното да биде соодветно за развојот, да бидат автентични. Па затоа го нудам она што следува. Моите зборови, сепак, се само сугестии, бидејќи јас цврсто верувам дека вие сте експертот кога се работи за вашите деца и дека вие најдобро знаете да комуницирате со нив, на начин кој тие најдобро го разбираат. Сметајте ги овие одговори како почетна точка – нешто за започнување на разговорите во вашето семејство.
1. Кога ќе заврши сето ова?
Не знам, злато. Никој не знае. Оваа ситуација е многу нова. Но, дури и сега, како што разговараме за тоа, постојат многу луѓе – лекари, медицински сестри, научници – кои работат на тоа за сите да се вратат на училиште, работа, на роденденски забави, игротеки и ресторани, колку што е можно побрзо.
2. Дали ќе се заразиме со коронавирус?
Правиме сè што можеме за да не го добиеме вирусот. Ги миеме често рацете и седиме дома. Кога треба да одиме надвор, носиме заштитни маски и стоиме подалеку од другите луѓе. Сите овие работи нè заштитуваат. Ако се заразиме со коронавирус, можеби нема да биде различно од настинка и грип. Ако ни е потребна помош, има неверојатни лекари и медицински сестри кои знаат како да се грижат за нас.
3. Зошто треба да носиме маски?
Носењето маски ни помага да се сетиме дека не треба да го допираме лицето, што е важно во случај да има микроорганизми на нашите раце. Кога сме дома, нашите раце се претежно чисти бидејќи често ги миеме, па не е толку лошо ако го допреме лицето. Кога сме надвор, може да имаме многу бактерии и микроорганизми на рацете, а маските нè потсетуваат да не се допираме или да го спречиме вирусот да дојде до нашиот нос или уста, ако нè чешаат. Исто така, сакаме да ги заштитиме другите луѓе, во случај да го носиме вирусот.
4. Зошто сето тоа е толку здодевно?
Сето тоа ни изгледа здодевно бидејќи има многу правила за работите што не смееме да ги правиме. Не можеме да одиме на училиште или на работа, да се собираме за игри, или да одиме на места кои се затворени, како библиотеки, музеи и игротеки. Поради тоа, деновите може да ни изгледаат долги. И јас некогаш велам дека ми е здодевно, а всушност сум тажна, лута или фрустрирана. Или понекогаш ми треба само прегратка и нешто да ме насмее.
5. Ако си дома, зошто не можеш повеќе да си играш со мене?
Сакаш да ти обрнам внимание, нели? Го разбирам тоа. И јас кога бев дома, ти беше нештото на кое најмногу се фокусирав, бидејќи кога одев во канцеларија, се фокусирав на работата. А сега иако сум дома цело време, не значи дека мојата работа, како и другите обврски во текот на денот, е исчезната. Сè уште морам да ги завршам тие работи, само што сега ги завршувам од дома. Знам дека ова е збунувачко и фрустрирачко. И за мене е. Ајде да се обидеме секое утро да одредуваме кога ќе можам да играм со тебе, а потоа можеме да се радуваме за тоа што ќе поминеме време заедно.
6. Зошто ми викаше?
Навистина бев фрустриран/а што ја истури водата, иако знаев дека е несреќа. Не мислев да ти викам, но едноставно избувнав. Не можев да го сопрам тоа. Извини. Знам дека се случува почесто периодов, доживувам силни чувства поради сето она што е различно, а понекогаш по грешка излегува од мене.
7. Дали поради сето ова ти и тато почесто се расправате?
Да. Сите во нашето семејство – вклучително и ти – имаме големи и силни чувства бидејќи ова е чудно време. Сите треба да останеме заедно во мал простор. Па тука се создаваат интензивни чувства, често негативни. Расправијата помеѓу тато и мене беше голема, но љубовта во нашето семејство е исто така голема (растегнете ги рацете за да покажете).
8. Мамо, дали се плашиш?
Да, понекогаш сум малку исплашена. Во ред е да се има тоа чувство, сето ова е ново за нас, а новите работи може да бидат страшни. Но, кога помислувам колку сме безбедни во домот и колкава љубов има меѓу нас, не се плашам. Мислам на луѓето во светот што им помагаат на други луѓе сега, колку добро има во светот, дури и кога лоши работи се случуваат. И потоа ми е подобро.
9. Дали ќе дојдеш со мене до тоалет?
Да. (Потоа си велам во себе: Имам милион обврски и нема баш никаква причина да одам и да го гледам моето 5-годишно дете како мочка, но сепак малите деца имаат потреба од поврзаност во вакви времиња и барем ме прашува љубезно за придружба наместо да ме иритира како вчера, па еве ме одам во тоалетот).
10. Што можам да јадам за ужина?
Прости ми, не сфатив дека веќе поминаа 37 секунди откако последен пат јадеше. Уште еднаш, ова се опциите…
– Свесна сум дека многу читатели имаат, или веќе имале, коронавирус. Јасно дека овие прашања не би се однесувале на семејствата каде што има таков случај.
Автор: Ребека Шраг Хершберг