На лекар треба да се појде и ако имате исипување на телото по мачкање со крем за заштита од сончевото зрачење

Детската кожа е исклучително чувствителна на сончевите зраци, а децата со светла или црвена коса, светли очи и кожа со дамки се во најголема опасност. Помали деца од шест месеци не смеат да бидат на директно сонце, особено напладне, советува прим. д-р Лидија Бисеркоска-Атанасовска, дерматовенеролог.
За децата важат истите препораки како и за возрасните – комплетна сенка, соодветна облека и капчиња, убаво намачкани со крем за детска и бебешка кожа со поголем заштитен фактор.

Појава на изгореници – итен случај

– Намачкајте го детето уште од дома, без разлика дали оди на прошетка, на плажа или на игралиште – објаснува докторката.
Појавата на изгореници од сонце на телото секогаш се третира како итен случај.
-Не треба воопшто да се чека и ако имате изгореници од сонце со меури и болка или, пак, покачена температура. На лекар треба да се појде и ако имате исипување на телото по мачкање со крем за заштита од сончевото зрачење – вели Бисеркоска-Атанасовска.

Сончевите изгореници не треба да се поврзуваат само со плажа и сончање. Може да се изгори и на спортски натпревар надвор, во градина, на пешачење или додека се работи на отворено.

Изгорениците се јасен знак дека ултравиолетовата радијација од сонцето почнала да го уништува генетскиот материјал во клетките на кожата, односно нивната ДНК. Ваквото оштетување на генетскиот материјал е причина за неконтролиран раст на клетките, кој води до појава на рак на кожата.
– Ако добиете изгореници еднаш во две години, ризикот за појава на меланом се зголемува за три пати. Болката која притоа се чувствува е резултат на напорот на организмот да заздрави и да го поправи оштетувањето. Токму поради тоа изгорениците сами се лупат. Лупењето на изгорениците е одбранбен механизам на телото кое со тоа се труди да ги отфрли оштетените клетки, бидејќи тие можат да станат канцерогени – објаснува д-р Лидија Бисеркоска-Атанасовска, дерматовенеролог.

Не е доволно само мачкање со заштитен крем

Д-р Бисеркоска-Атанасовска вели дека кремовите се корисни во заштита на нашата кожа, но тоа не значи дека ако се намачкаме ќе можеме долго да останеме на сонце. Затоа се препорачува кремовите да се комбинираат со соодветна облека и седење во сенка. Лекарите препорачуваат крем со заштитен фактор од најмалку 15, но колку поголем фактор тоа подобро. Мора да се внимава и на рокот на употреба на кремовите, бидејќи повеќето од нив имаат рок на траење 2-3 години, како и да се знае правилно да се употребуваат.
– Кремот се нанесува на чиста и сува кожа, на секои два часа, по околу две кафени лажички за заштита на главата, вратот и рацете, а за целото тело, без деловите што ги покрива костимот за капење, по две супени лажици крем. Вообичаено кремовите лесно се мијат, дури и тие на кои пишува дека се водоотпорни, па затоа намачкајте се веднаш по излегувањето од вода. Ниедно средство за заштита од сонце не обезбедува 100 проценти заштита. Загрижувачки е што изгореници најчесто добиваат луѓе што нанеле крем со висок заштитен фактор и веројатно верувале дека со тоа се сигурни на сонце и подолг период – појаснува таа.



912

X