За сите случаи инспекторите издале решенија со кои се бара одговорните на градинките итно да постапат и да ги утврдат и отстранат наводите изнесени во претставките
Повреди меѓу деца во градинка, недолично однесување на вработени кон деца и ситуации кога вработени повредиле дете се најчестите случаи за кои се жалеле родители до Министерството за труд и социјална политика. Оттаму велат дека од почетокот на 2017 година до август годинава инспектори од Одделението за инспекциски надзор за заштита на децата постапиле по 11 пријави од родители, односно извршиле 11 вонредни надзори во градинките.
– Наводите во претставките од родителите биле по различни основи: повреда помеѓу деца, повреда од страна на вработен во установата и недолично однесување на вработените кон децата. За сите случаи инспекторите издале соодветни решенија со кои се бара одговорните лица на градинките итно да постапат и да ги утврдат и отстранат наводите изнесени во претставките – велат од Министерството.
Оттаму објаснуваат дека доколку не се постапува по издадените решенија, предвидени се прекршочни и кривични казни за сторителот, одговорното лице и установата.
Од МТСП сè уште не ни одговорија дали пријавите на родителите биле реални, т.е. дали и какви мерки се преземени во градинките.
Деновиве јавноста бурно реагираше откако на социјалните мрежи девојка објави видео на кое се слуша како дете плаче, а некој му вика. Таа напиша дека детето плачело два часа, а вработена во градинката му се обраќала со погрдни зборови, како: „кучко една“, „краво“.
Пред околу пет месеци мајка реагираше дека воспитувачка во скопска градинка го истепала нејзиното дете, за што воспитувачката негираше. Детето имало повреда на лицето.
Пред еден месец родител пријавил во штипската полиција дека неговото двегодишно дете е повредено во градинка. Кога го зел, имало многу модринки.
Во тој период единаесетмесечно бебе, искасано и со повреда на главата по престојот во скопска градинка, им било предадено на родителите без воопшто да ги информираат како дошло до повредите. Мајката обвини дека вработените се обидувале да го скријат случајот иако повредите на нејзината ќерка биле видливи, а се и медицински документирани.
Експертите објаснуваат дека состојбата со градинките во Македонија е загрижувачка од повеќе аспекти. Тие немаат доволно вработени воспитувачки и негувателки, а голем дел од нив немаат стручни работници и стручни соработници, како педагози, психолози, педијатри, дефектолози, социјални работници…
Истовремено, во голем дел од градинките групите се преголеми, има премногу деца, малку кадар, а вработените земаат мали плати.
912