Нема крај на креациите од здрава храна што оваа мајка ги прави за своите две деца Максим и Ника и ги става на својот блог „Вкусни приказни“ и на социјалните мрежи
Децата може со часови да ви зборуваат за некоја случка или настан што го виделе во текот на денот, со денови на бабите и на дедовците да им прераскажуваат што ги одушевило во Зоолошката градина или додека играле во паркот. Приказните што петгодишниот Максим ѝ ги раскажува на неговата мајка Весна Ѓурковска-Каеска завршуваат во неговата чинија. Мајмунчето од неговиот омилен цртан филм, полјаната на која јадел сендвич на Водно, вселената, месечината и ѕвездите… Им нема крај на креациите од здрава храна што оваа мајка ги прави за своите две деца Максим и Ника и ги става на својот блог „Вкусни приказни“ и на социјалните мрежи. Така инспирира многу родители хранењето на децата да им биде многу повеќе отколку само храна ставена во чиничето.
Ја прашуваме Весна што ја инспирира да ги прави овие ремек-дела од храната?
Весна Ѓурковска-Каеска
– Мајчинството, родителството само по себе е инспиративен сегмент од животот, како и многуте предизвици, случки и ситуации. Особено со бебиња и деца. Секој ден, нова приказна за раскажување и запишување на некаков начин. Спомените ги чуваме на различен начин, јас одлучив да биде на овој. @vkusniprikazni е дневник чија цел е да промовира начин на исхрана и да охрабрува, помага и да поттикнува други родители да го прават тоа – вели таа.
Здравата исхрана кај децата не е непозната категорија за неа. Таа е и еден од основачите на познатата фејсбук-група „Здрава храна, здрави деца“ (ЗХЗД), која им стана инспирација и ги промени навиките за хранење на децата кај многу мајки.
– Јас понекогаш сѐ уште не сум свесна колкаво влијание извршив врз промените на навиките во детската, па и во исхраната на родителите. Независно дали сама или како дел од админ-тимот на ЗХЗД. Додека растеше групата, растев и јас, со тоа што несвесно, со помош на размена на искуства со другите родители сум таму каде што сум. Нескромно, главен поддржувач сум на квалитетна храна кај децата и возрасните, почнувајќи од доењето. Да, почувствував нов предизвик, затоа и се случува ова што го правам денеска.
Со сопругот Борис, синот Максим и ќерката Ника
Mоите чинии се секогаш совршено несовршени, но искрени и емотивни
Ѓурковска-Каеска смета дека навиките на денешните мајки кога е во прашање исхраната на децата се менуваат. Тежок е патот, но не е невозможно.
– Родителите се менуваат, семејствата исто така. Инвестицијата во здравиот живот е долготраен процес, на моменти се чини залуден и фрустрирачки, но никогаш не е погрешен. Она што на крајот од денот е важно е да бидеме подобри и поздрави од вчера.
Нејзиниот блок „Вкусни приказни“ веќе станува популарен кај родителите што имаат волја здравата храна на поинаков начин да им ја приближат на децата. Но, сѐ што прави таа содржи и приказна од секојдневието.
– Креациите се производ на некоја случка од животот со (тогаш) едно дете. Неговите прашања, емоции, заедничките патувања, разговори, теми од секојдневните случки. Идеи никогаш не недостигаат. Понекогаш и се снаоѓам со одредени намирници што во моментот не ми се достапни. Затоа и моите чинии се секогаш совршено несовршени, но искрени и емотивни.
За сето ова што го прави Весна потребно е време. Таа има и мало бебе, ќерката Ника, па логично се наметнува прашањето како успева да најде време за сѐ.
– Не знам. Можеби затоа што јас навистина сакам и уживам кога подготвувам нешто и кога готвам. Ме релаксира предизвикот кога од три намирници треба да зготвам храна или кога од навидум еднолични форми ќе направам некоја поинаква. Во тој процес на креирање се учат куп работи. Меѓу другото, ендорфинот излачен по добро зготвена храна и креативна чинија е секогаш на максимум – вели таа.
„И ние сме јаделе сѐ, па не ни е ништо“
„И ние сме јаделе сѐ, па не ни е ништо“. Ова е најчестото оправдување на многу родители за нездравата храна што ја јадат децата. Весна на шега вели дека ова е најстрашната реченица во „Здрава храна, здрави деца“.
– Мене лично не ми пречи кога некој има таков став и се повикува на тоа, туку ми пречи кога некој не сака да учи, да сослуша и да праша. Јас, благодарение на групата, научив многу работи што ги променив или додадов од луѓе кои знаат повеќе. Имаат повеќе искуство или едноставно имаат повеќе информации за одредена тема од мене. Многу ги сакам дебатите. Ама, оние конструктивните. Мене таа фраза: ‘И ние сме јаделе, па не ни е ништо’, ништо не ми значи во некоја дискусија. Сакам да знам зошто луѓето мислат дека сме здрава нација, а сведоци сме на висок процент на дијабетес почнувајќи од најрана возраст, хипертензија, кардиоваскуларни болести итн. Превенцијата не е само храната, но огромен е нејзиниот удел. Тука се и другите фактори, како воздухот кој треба да нѐ засега сите, физичките активности на децата, емоционалната грижа и добриот сон. Важно е дека секој одлучува за своите постапки, независно од тоа дали ние мислиме дека е во ред или не. Инаку, слаба сум на чипс, а син ми и сопругот на благо. Секако дека си дозволувам, па и јас сакам некогаш – вели Весна.
Денеска во морето информации што секојдневно ги добиваме за тоа што се дефинира како здрава храна многумина знаат да се изгубат. Јаболкото, на пример, иако е дефинирано како здрава храна, сепак, може да е полно со пестициди, поради прскање. Што е всушност здравата храна и дали воопшто постои?
– Ух. Тема што нема крај. Многу недоверба има меѓу родителите, дури и за ознаките био и органик. Донекаде со право. Здрава храна по дефиниција нема, но она што ќе ни донесе повеќе бенефит одошто штета гледано на долг рок е здраво. Умерена, балансирана и на крај, онаа храна со која телото и умот ни се чувствуваат свежо, енергично и убаво. Јас имам среќа да берам од бавчата на моите родители, а она што не е сезонско, не го консумирам. За одредени јадења, купувам органски македонски брендови – вели Ѓурковска-Каеска.
912