Ова се само дел од проблемите што ги истакнаа родители на основци во одговорите на двете онлајн-анкети што ги состави Советот на родители од Основното училиште „Св. Климент Охридски“ од Битола

Наставни програми несоодветни за возраста, премногу часови, тешки домашни задачи кои повеќето ученици ги решаваат со помош на родителите… Ова се само дел од проблемите што ги истакнаа родители на основци во одговорите на двете онлајн-анкети што ги состави Советот на родители од Основното училиште „Св. Климент Охридски“ од Битола.

Најгорлив проблем очигледно се наставните програми. Дури повеќе од 70 проценти од родителите на ученици од одделенска настава одговориле дека тие се несоодветни за возраста. 50 проценти целосно се согласуваат со оваа констатација, а 23,5 се согласуваат. Сличен е процентот и кај анкетата со родителите на ученици во предметна настава.
И во двете анкети, и онаа за родители на деца од одделенска и за родители на деца од предметна настава, речиси 80 проценти од анкетираните сметаат дека наставниот материјал е преобемен за една учебна година.

Децата не ги пишуваат самостојно домашните задачи

Голем проблем за родителите и за учениците се домашните задачи. Повеќе од половината од одделенска настава одговориле дека децата им плачат и се нервираат додека ги пишуваат домашните задачи. 66, 7 одговориле дека тие им помагаат во пишувањето на домашните, а само 24,4 отсто одговориле дека децата самостојно може да се справат со оваа обврска. Околу 60 проценти од родителите изјавиле дека се подготвени успешно да им помогнат во совладувањето на домашните задачи.

70 отсто од родителите на деца од предметна настава исто така одговориле дека децата решаваат домашни со нивна помош, а 28,6 се самостојно подготвени за овој предизвик. Половината од нив се чувствуваат подготвени за да му помогнат на детето во пишувањето на домашните задачи.
Најголем дел од родителите исто така сметаат дека учениците имаат премногу часови, а и дека врсничкото насилство е многу застапено. Повеќе од половината се изјасниле дека не се задоволни од работата на психолошката и педагошката служба во училиштето. Преобемната наставна програма не дава простор за откривање и работа со талентирани деца, сметаат поголемиот дел од родителите.
Позитивен одговор имаат повеќето од родителите на прашањето колку наставниците користат надгледни средства во наставата.

Дали новиот закон за основно ќе одговори на предизвиците?

Висок процент (78%) од родителите на деца што учат во предметна настава одговориле дека за да ја совладаат материјата по математика, физика, хемија и странски јазици, децата посетуваат приватни часови.
Дека се потребни сериозни промени во наставните програми се согласуваат 93 проценти од родителите на деца од одделенска и 86 проценти од предметна настава.

Министерството за образование и наука сѐ уште го подготвува Законот за основно образование, кој треба да донесе одредени промени во образовниот процес. Не се знае дали новото законско решение ќе ги содржи најавените измени од пред една година, како намалување на бројот на часови, измена во наставните планови, посебни образовни планови за талентираните часови. Заменик-министерот за образование и наука Петар Атанасов неодамна за Деца.мк изјави дека новиот закон ќе донесе помало оптоварување на учениците, односно измените се во насока да се учи помалку за да се знае повеќе.



912

X