Ова прашање во новиот предлог-закон за основно образование предизвика жестока реакција од професорите на Институтот за дефектологија при Филозофскиот факултет, кои сметаат дека ни оддалеку немаме услови за целосна инклузија

Тотална инклузија значи дека сите деца со посебни образовни потреби, независно од степенот на интелектуална или физичка попреченост, наместо во специјални училишта, отсега ќе учат во редовните основни училишта. Ова е точката во новиот предлог-закон за основно образование што предизвика жестока дебата меѓу професорите на Институтот за дефектологија при Филозофскиот факултет и одговорните во Министерството за образование и наука, кои го пишуваат законот.
Професорите реагираа за тоа што не се консултирани во процесот, а се најстручни во државата кога станува збор за инклузивно образование. По јавната реакција, министерот Арбер Адеми ги повика, но сè уште не најдоа заеднички јазик околу прашањето за целосната инклузија.

Ова не смее да се дозволи

Не смееме никако да дозволиме целосна инклузија во основните училишта на сите деца со полесни и потешки форми на попреченост, смета проф. д-р Горан Ајдински од Институтот за дефектологија, кој предава основи на дефектологија, олигофренологија и дијагностика на лица со пречки во развојот.

– Тие деца си бараат посебни услови на настава, посебни програми и кадар, а наставникот во паралелка со 30 деца не е возможно да им го даде потребното внимание. Ако ова се реализира, ќе нема услови за работа во училиштата. Дете што има попреченост има право на образование, но потребни му се услови за тоа. Има некои држави со целосна инклузија, но тие се толку многу опремени и имаат толку многу вработен кадар, а тоа е нешто од што ние сме предалеку кога станува збор за услови – вели професорот Ајдински.

Претставници од Министерството за образование и од Институтот досега имаа две средби за ова прашање, но прашањето сè уште е отворено.

Фото: Архива

За УНИЦЕФ, целосната инклузија е општествена придобивка

Во креирањето на новиот закон, кој го пишувале вработени во Министерството, учествувале и од УНИЦЕФ. Ставовите на експертите на оваа организација и на професори од Институтот се спротивни.

– Истражувањата покажуваат дека децата со попреченост и децата со типичен развој постигнуваат подобри образовни резултати кога учат заедно во редовно училиште. Оттаму целосната инклузија на деца со попреченост во редовното образование е придобивка за општеството, но исто така претставува и обврска на земјите-потписнички на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост. Потребни се адаптации на наставните програми и планови. Новото законско решение за основно образование предвидува покрај националната наставна програма и нејзина адаптација преку изработка на Индивидуален образовен план, да се изработи и модифицирана наставна програма наменета за учениците со комплексни образовни потреби преку која учениците ќе се стекнат со компетенции за самостојно живеење, личен развој и социјални односи. Потребна е подготовка на училиштата и на наставниот кадар. Специјалните училишта ќе прераснат во ресурсни центри кои ќе обезбедуваат соодветна стручна поддршка за учениците со попреченост, за наставниот кадар, стручните соработници, родителите и инклузивниот тим. Специјалните паралелки во основните училишта ќе прераснат во центри за поддршка на инклузивното образование. Сите наставници ќе треба да добијат соодветно знаење и вештини за работа со деца со попреченост, поддршка од страна на ресурсните центри, опремување на училиштата со асистивна технологија и обезбедување пристапност до и во училиштата – вели Вера Кондиќ-Митковска, раководител на одделението за образование и ран детски развој во УНИЦЕФ.

Освен дефектолозите, и професорите од Институтот за педагогија му се налутија на Адеми за тоа што не ги повикал и не ги консултирал при подготовката на новиот закон. По нивната реакција, тој вети дека ќе ги повика на средба.



912

X