Стефанија игра модерен балет, пее на фестивали, глуми, слика, пишува состави и за сето тоа освојува многу награди. Но, најмногу од сè сака да чита. И тоа авантури

Таа е едно од најдобрите гроздоберчиња на кавадаречкиот меѓународен фестивал за детска песна, наградувана танчарка на модерен балет, повеќекратна добитничка на награди за ликовни творби, детска актерка и, најмногу од сè, вљубеник во книги, стихотворби и ракотворби. Тоа е 10-годишната Стефанија Честојнова. Ученичка во четврто одделение во кавадаречкото Основно училиште „Димката Ангелов-Габерот“, најдобрата другарката на Андреа, Мартина, Матеа, Лазар, Леона…, но и на Теа Стилтон, на Исидора Мун и на кифличката Мирка.

Емотивно и самостојно дете

А најдобра другарка ѝ е книгата. Речиси по цел ден е со неа в раце. Или чита или рецитира. Нејзините родители Александра и Горан велат дека сама научила да чита на петгодишна возраст, а нешто подоцна, со иста толкава леснотија почнала и сама да пишува состави. Наставничката Мица Митева редовно им приредува натпревари во читање незадолжителна литература (онаа што не е предвидена со програма), на кои Стефанија се истакнува.

– Бевме многу изненадени кога на само три години го научи црногорскиот јазик. Нè изненади исто така кога на таа возраст почна да гледа цели детски филмови и потоа многу добро да ги прераскажува со сложени реченици – вели мајката Александра, која за Стефанија вели дека е многу емотивно, но и многу самостојно дете на кое не му треба помош во завршувањето на домашните и училишните задачи, кое само си го организира времето исполнето со многу воншколски активности и кое е многу смирено и знае што сака.

Стефанија, покрај училишните обврски, оди на часови по модерен балет, глуми, пее и последните четири години редовно учествува на меѓународниот детски фестивал „Гроздоберче“ во Кавадарци, црта, чита и пишува поезија и проза, изработува ракотворби… И покрај сето тоа, таа има време и за своите другари, со кои заедно си игра, учи и оди на прошетки. Но, како што вели, никако не ги заборава училиштето и советите од мама и тато за да биде добро воспитано дете.

Дел од признанијата

– Една од најважните работи во воспитувањето на Стефанија ни е да биде одговорна, да биде чесна и правична, да ги почитува постарите, да биде хумана… да ги разбере и да ги поседува сите овие доблести што во овие времиња како да исчезнуваат кај луѓето. Со сопругот се трудиме со нашите постапки да бидеме добар пример, бидејќи детето многу учи од тоа како ние се однесуваме во секојдневието. А во сите тие моменти секогаш нè поврзуваат многу љубов и разбирање – вели Александра.

Книгата ми е неразделен пријател

И покрај многуте активности и желби, Стефанија најмногу ги сака книгите и читањето.

– Книгата ми е неразделен пријател и многу ме исполнува. Книгите се мојот свет, во кој јас се соживувам со главните ликови и станувам дел од нивните авантури. Во нашето одделение се натпреваруваме секој месец во читање слободна литература, покрај задолжителните лектири, а наставничката за да нè мотивира, ни доделува специјални дипломи. Во февруари годинава освоив прво место бидејќи прочитав речиси 700 страници. Во март прочитав 812 страници, а досега во април сум прочитала 872 страници – вели Стефанија за нејзината голема љубов – книгата.

Од она што последно го читала вели дека најмногу ѝ се допаднале книгите „Дневникот на едно смотано девојче“ од Рејчел Рене Расел, „Супер таен проект“ од Теа Стилтон, „Кифличката Мирка“ од Оливера Ќорвезировска, „СОС глушецот во вселената“ од Џејсон Стилтон и „Супервештерката, мачката и шест волшебни колачиња“ од Билјана Црвенковска.

Вели дека најмногу го сака авантуристичкиот жанр, а број еден ѝ е писателката Хариет Мункастер.

– Најмногу сакам да читам авантури. Омилен автор ми е Хариет Мункастер со делата: „Исидора Мун оди на балет“, „Исидора Мун оди на кампување“, „Исидора Мун оди на училиште“, „Исидора Мун слави роденден“, „Исидора Мун прави зимска магија“…

Книгите ги избира според авторот и според кратката содржина на задната корица, а по секоја прочитана книга Стефанија сака да разговара за прочитаното и тоа го прави со родителите или со другарките, но често и со наставничката Митева, зашто, кога ќе порасне, сака да биде наставничка. Ама и писателка.

За свои љубови, освен книгата, ги смета и модерниот балет, цртањето, пеењето и глумата.

– Од 5 години посетува часови по модерен балет и е член на балетското студио „Венус“, каде што работат со кореографката Билјана Грозданова, со која на интернационални натпревари повеќе пати освојуваше многу први и втори места, а има и многу награди од натпревари во сликање за нејзините ликовни творби – раскажува мајката на Стефанија, која вели дека со сопругот ѝ даваат максимална поддршка на Стефанија, постојано ја мотивираат за сè што ќе покаже сериозен интерес и за успесите секогаш ја наградуваат со заеднички семејни дружби, патувања, а најчесто со она што Стефанија најмногу го сака – некоја добра книга.



912

X