Најзначајно во поддршката е родителот да ја освести личната проекција за да не се обидува по секоја цена да го направи детето она што тој го посакува, туку она што самото дете ќе избере да биде – вели психологот Радмила Живановиќ

Родителите треба да ги поддржат децата во изборот на средното училиште, а не за нив да го изберат соодветното школо. Сепак, крајната одлука треба да биде на полуматурантот. Еден од најважните периоди во животот на децата е кога треба да се направи вистински избор каде да се продолжи образованието, велат психолози. Тие објаснуваат дека, сепак, влијанието на врсниците може да биде многу поголемо од тоа на родителите.

– Не можеме да очекуваме влијанието на родителот врз кариерниот избор или избор на средно да се заврши веднаш, во моментот на одлука. Потребно е родителите подолготрајно да се вклучени во однос на изборите што ги прави детето уште пред конечниот избор. На таа возраст детето најчесто избира под влијание на врснички притисок и влијанието на родителите ја има судбината да е послабо прифатено или понекогаш и игнорирано. Затоа, следењето и запознавањето со интересите, вредностите и капацитетите на детето почнуваат уште од најмала возраст, од првите игри и социјализации со околината, од првите адаптации на средината – вели Радмила Живановиќ, психолог-психотерапевт и кариерен советник, „Психотерапика“.

Радмила Живановиќ

Нека ги вози нивната визија

Таа објаснува дека денес ја губиме можноста да предвидиме што ќе биде добра или исплатлива професија во иднина и дека ако се обидуваме да ги наметнеме тие ставови, сигурно ќе згрешиме, ако не е според потребите на младиот човек.
– Она што можете најдобро да го направите е да ги сослушате нивните дилеми, да ги разберете причините за изборот и да дозволите вашите деца да не се согласуваат со вас, па дури и со врсниците. Да ја проверите и да дозволите нивната визија да ги води, а доколку таа сѐ уште не е јасна, да ги поддржите да изградат една таква сопствена визија. И, секако, тука се кариерните советници кои се огромна поддршка во однос на тоа како да се разговара со детето за неговата професија и како да се поддржи во тој избор. Најзначајно во поддршката е родителот да ја освести личната проекција за да не се обидува по секоја цена да го направи детето она што тој го посакува, туку она што самото ќе избере да биде. Не секогаш изборот веднаш носи олеснување и јаснотија дека е правилен, туку му треба време да се потврди вистинитоста. Затоа, дајте му време на изборот да си го земе сопственото место и да биде прифатен од вашето дете првенствено – вели Живановиќ.

Фото: Град Скопје

Родителот не може да одлучи за детето

За Офелија Петреска, директорка на ОУ „Григор Прличев“ од Охрид, преминот од основно во средно училиште е првиот чекор во осамостојувањето на учениците. Тоа е моментот кога осознаваат дека пред нив е нов предизвик. Оттука произлегуваат сериозноста и важноста при изборот на соодветно средно училиште.

– Најдобро би било изборот да се направи според способностите и интересите на учениците. Но, доколку идниот средношколец сѐ уште не знае во кое средно училиште да се запише, ако сѐ уште не може јасно да ги дефинира своите потенцијали, постои начин да му се помогне. Со цел да им се помогне при изборот и одлуката по кој пат да тргнат за да ги реализираат своите цели, сметам дека на учениците од 9. одделение, покрај тоа што се запознаваат со соодветната програма која ја презентираат средните училишта, треба да им се понудат и разни тестирања од страна на стручната служба (тестови на способности, професионални интереси….). Сето тоа со цел учениците кога ќе ги „сумираат“ резултатите, сами да ги увидат можните препреки и да го преиспитаат својот избор, кој понатаму ќе резултира со вистински избрана професија во која детето во иднина, возрасната личност, ќе работи со љубов – објаснува Петреска.

Според неа, многу е важно учениците да се информираат за можностите што ги нуди средното стручно образование, како стекнување квалификации и употребливо знаење и нормално со тоа и полесен пристап до работно место.

– Меѓутоа, често пати се случува влијанието на родителите да биде пресудно при изборот на средно училиште, што е сосема погрешно. Некои родители имаат амбиција и преку посредни и непосредни начини и средства се обидуваат да влијаат врз изборот и уписот во „за нив“ посакуваното средно училиште, притоа не водејќи сметка за способностите и интересите на детето. За детето да донесе правилна одлука, важно е родителите да бидат инволвирани во процесот на донесувањето на одлуките, да советуваат, но не и да одлучуваат и, на крајот, секако, да дадат поддршка – вели директорката на охридското школо.



912

X