Пролетта е еден од најубавите периоди во годината, но за одредена група луѓе што се чувствителни на полените почнуваат проблемите, а не завршуваат со завршувањето на пролетта. Околу 30% од населението на Земјината топка се чувствителни на полени. Алергијата или преосетливоста на полени може да се манифестира во која било возраст со најразлични клинички презентации во зависност на органот што е засегнат.
Симптомите на алергија на горните дишни патишта се:
-Кивање
-Назначена секреција од носот
-Солзење од очите
-Измачителна кашлица
Како да се разликува алергија од настинка?
Клиничката презентација на алергискиот ринит кај возрасните е јасна и лесно се препознава. Кај малите деца тешко се разликува од обична настинка поради сличноста на симптомите. Настинките најчесто се од вирусна етиологија, следени со покачена телесна температура, нарушување во општата состојба, како и претходно опишаните симптоми. Симптомите траат кратко, од 7 до 10 дена. За разлика од нив, при алергија нема зголемена температура, симптомите траат подолго, се повторуваат во ист период од годината.
Алерголошки тестови
Во клиничката болница „Жан Митрев“ се вршат кожни алерголошки тестови за кои на располагање има над 23 реагенси.
Тестирање на кожата се реализира со внес на мали количини алергени само под површината на кожата со мали, површни убоди кои се прават со посебна ланцета. Точниот број на изведени тестови зависи од специфичниот панел на алергени што ќе се тестираат. Тестирањето се изведува на внатрешната страна на подлактниците. По апликација на алергенот, за 15 минути се отчитува одговорот на кожата. Резултатите од тестот на кожата на детето ги толкува доктор, во контекст на медицинската историја на симптомите и изложеноста на алергени. Постапката не е болна и трае кратко. Родителот е со детето додека трае целата постапка.
Кога може да се прават тестови?
За да се направат алерголошките тестови, детето треба да е здраво, да не прима медикаменти кои го намалуваат кожниот одговор (антихистаминици), да нема симптоми кои упатуваат на актуелна алергиска реакција, да не е гладно.
Последните децении сè поголем број деца рано ги манифестираат симптомите поврзани со алергија на дишните патишта. Алергијата се нарекува и болест на современото живеење. Повеќе фактори придонесуваат за порастот на алергиските болести во детството:
– најбитен е променетиот начин на живот и исхрана – премногу хигиена, исхрана сиромашна со омега 3-масни киселини, зголемена изложеност на чад од цигари и загадувачи од надворешната средина. Поради екстремно високата и континуирана изложеност на аерозагадувачи, децата од урбаните средини се со поголем ризик за рана сензибилизација со алергени.
Порастот на алергиите на полени се должи и на настанатите климатски промени, како што е глобалното затоплување. Топлите и влажни зими условуваат порано цветање на растенијата, кое трае долго. Во почетокот на март започнуваат да цветаат дрвјата. Април, мај и јуни се месеци кога доминираат полените од тревите. Од август до октомври доминантни се полените од корови. Тежината на клиничката презентација на поленската алергија зависи од концентрациите на полените. За посликовит приказ нека послужи следниов пример: еден хектар некосена трева произведува 2 тона полен, само едно стебло на амброзија произведува 7 милиони поленови зрна, а за предизвикување алергиска реакција потребни се само 30-40 поленови зрна. Дождовите природно ја намалуваат концентрацијата на полените.
Како да се заштитиме?
Најдобрата заштита е да се избегне контактот со полените, но тоа е практично невозможно бидејќи се наоѓаат насекаде и се присутни во долг период од годината.
Непрепознаена алергија кај децата може да доведе до развој на сериозни компликации: повторливи синузити, отити, губиток на слухот, развој на назални полипи, повторливи инфекти на горните дишни патишта, дури и до развој на астма. Сето ова води до непотребно користење на многубројни антибиотици.
Како порака наменета за родителите препорачуваме кога детето кашла подолго време, во одреден период од годината, го чеша носето или му е континуирано затнато, а самите вие ги имате овие симптоми, потребно е да помислите и на алергија.
Неколку практични совети
– Избегнувајте престој во надворешната средина кога времето е ветровито и во раните утрински часови, кога се високи концентрациите на полените.
– Заштитете ги очите со очила за сонце.
– Миење на рацете, лицето, косата и менување на облеката по престој надвор.
-Користете препарати за заштита на носната лигавица.
– Проветрувајте ги просториите во вечерните часови кога концентрацијата на полени е помала.
– Редовно и навремено да се зема препорачаната терапија од доктор.
Подготви: клиничка болница „Жан Митрев“
912