Дали се изненадивме?! Тоа беше гром од ведро небо. Не планиравме ниту трето дете, а камоли четврто. Кога видов позитивен тест, се шокирав, но кога докторот ми кажа дека се близнаци, е тоа веќе беше вистинскиот шок. Бев во 11-тата недела
Денот ни започнува напорно, но истовремено и забавно. Ако порано се будевме со кафе, сега стартуваме со две шишиња, од по 120 мл адаптирано млеко. Се будиме во 6:30. Прво млекото, а потоа се продолжува со смена на пелени. Откако ќе заврши ритуалот, наградно од малите добиваме околу 45 минути. Тогаш го пиеме утринското кафе – вели Александра Ристевска, новинарка од Штип, која e мајка на четири деца.
Како на лента во фабрика
Иако со сопругот Пеце Ристевски, актер во Народниот театар во Штип, биле среќни со двете деца, Емилија (12) и Драган (7), кога дознале дека чекаат принова, биле, благо речено, шокирани оти дознале дека Александра носи близнаци. Соња и Софиа имаат три месеци и се вистински ангелчиња. Имаат и седми член во семејството, кучката Луна од раса малтезер, која има четири години.
Драган, Емилија и малите Соња и Софиа Ристевски/Фото: студио Николенко
Како изгледа секојдневието на семејство со повеќе деца?
– Дневно едно осум пати мијам по две шишиња. Во просек менуваме по десет пелени и минимум двапати во денот ги пресоблекуваме оти пелените пропуштиле. Се чувствувам како да работам на подвижна производствена лента. Сите помагаат. Често пати организираме и турнири во менување пелени или во пиење млеко. Големите деца навиваат, а јас и Пеце се натпреваруваме кој побрзо ќе ги смени пелените. Тој почесто победува – се смее Александра и признава дека најголем кошмар ѝ биле капките за коски кои често заборавала да им ги даде на бебињата.
На прашањето дали биле изненадени кога дознале дека носат близначиња, Ристевска вели:
– Дали се изненадивме?! Тоа беше гром од ведро небо. Не планиравме ниту трето дете. Кога видов позитивен тест, се шокирав, но кога докторот ми кажа дека се близнаци, е тоа веќе беше вистинскиот шок. Бев во 11-тата недела. Помисливме и да не ги родам, мисла од која денес морници ме лазат. Си размислувавме дека во време на скапи телефони, брендирана гардероба, часови по англиски, германски, математика, музичко, да се има четири деца е тотална лудост. Но, кога ги видовме, разбравме дека Соња и Софиа се нашиот благослов – признава таа.
Деца втора постава
Секое дете си има некој прекар. Првата „севда“ на Пеце и Александра, Емилија, e „сестра еден“. Таа многу помага во негата на близначињата. Драган оди во второ одделение и го нарекуваат „единствениот“.
– Тој е многу е горд што има три сестри. Софиа и Соња нагалено ги нарекуваме „непланираните“ или „деца втора постава“. Родени сме на ист ден (3 октомври). Тие се ангели во вистинската смисла на зборот. Речиси воопшто не плачат, ведри се, пленат со своите мили очиња и насмевки. И најважно, спијат цела ноќ. Пред неколку дена го прашав мажот ми: „Што ќе правевме да не се родеа?“ – вели Александра.
Со четири деца помошта секогаш е добредојдена. Семејството Ристевски избира само да се грижи за своите деца, а на помош ја повикуваат баба…, мајката на Александра, но во ситуации кога треба да излезат некаде.
– Мислам дека родителите треба сами да се грижат за своите деца и нивните потреби. За мене, недопустливо е бабите да перат, пружаат алишта, готват или да пеглат. Jaс сум среќна жена. Мојот сопруг е голем гурман и често пати знае да нѐ изненади со вкусен ручек или вечера. Тоа ми е од голема помош. Мајка ми е главна бебиситерка. Бараме помош од неа, но само кога е неопходно да излеземе некаде. Секако, овде се и мојата сестра и баба, кои ги вклучуваме во крајно алармантни ситуации. За жал, родителите на мојот сопруг живеат во Битола. Од нив очекуваме помош во летниот период, кога првата постава деца ќе заминат на поседок – се смее Александра.
И кученцето Луна е дел од ова големо среќно семејство
За да може сѐ да функционира, во домот на Ристевски имаат и поделба на работните обврски. „Машката популација“ е задолжена за фрлање на ѓубрето, за пазарење, плаќање сметки.
– Останатите обврски ги делам со Емилија. Таа им прави храна, им менува пелени. Додека Драган секогаш е тука кога ќе треба да се подаде цуцла, лигавче или шише – објаснува мајката.
Пеце Ристевски е актер во Штипскиот театар повеќе од 15 години. Како и повеќето татковци, и тој најмногу сака да си игра со децата. Да ги носи во театар, да ги учи да возат велосипед и др.
Браво за храброста
И неговата професија е специфична. Ни беше нормално да го прашаме дали дома има услови за да подготвува улоги.
– Најчесто улогите ги спремам на работа. Многу ретко ми се случува дома да учам текст. Дополнителна комоција добивам кога имаме претпремиера. На потпокрив си направив резиденција. Таму се собираме со пријателите, за и кога ќе заседнеме, никому да не му пречиме – се шегува Ристевски.
Тој е горд на своите кулинарски вештини.
– Сакам да готвам. Недела е вообичаено денот кога доминирам во кујната. Им правам специјалитети. Гурман сум. Честопати знам да изненадам со некој ручек и во текот на неделата – вели тој.
Дада и бато се секогаш тука за помош
И двајцата признаваат дека им значи поддршката од нивните фамилии, пријателите, колегите. Во Штип веќе ги препознаваат и „браво за храброста“ е чест коментар што го добиваат.
Александра е разочарана за најавите на Владата да се укине додатокот за трето дете.
– Криво ми е што многудетните семејства немаат поддршка од државата. Го укинуваат додатокот за трето дете и наместо 996.000 денари, сега ќе стимулираат со 60.000 денари. На пример, познавам двојки што се охрабриле да имаат трето дете, меѓу другото, и поради додатокот и со тие пари ги школуваат другите две деца. Да не се разбереме погрешно. Одлуката за создавање многудетно семејство ја донесуваат мажот и жената и целата тежина треба да е нивна. Но, кога живееме во време кога се раѓаат сѐ помалку бебиња, а од буџетот се одлеваат средства за разноразни работи, треба да се размислува и за посуштински работи – категорична е Ристевска.
Таа е вработена во ТВ Ирис и е дописник за „Алфа ТВ“. Таа работела до последниот ден, а во моментов е на породилно отсуство. До декември ќе биде дома со децата, а како ќе најде баланс помеѓу работата и обврските околу четирите деца, ќе може да ни одговори за една година.
912