Лекарите велат дека не е добро да се изложуваат на ризик од зараза со грип или морбили децата што во моментов се здрави, па затоа се одложуваат прегледите

На Клиниката за детски болести и во Институтот за белодробни заболувања на децата-Козле се одложуваат сите закажани прегледи што не се сметаат за итни, т.е. нема моментално да влијаат врз детското здравје. Лекарите велат дека не е добро да се изложуваат на ризик од зараза со грип или морбили децата што во моментов се здрави и затоа одложувањето е логично решение. Поради компликации од морбили, последнава недела починаа три дечиња.

Д-р Катерина Ставриќ, директорка на Клиниката за детски болести, вели дека донеле одлука прегледите што не се итни да се одложат за март. Тоа не важи за пациентите на невролошко одделение зашто амбулантата за овие деца е издвоена и тие кога одат на преглед, не се мешаат со други.
– Во услови кога имаме и грип и морбили, мислам дека е добро да ги заштитиме здравите деца да не се заразат. Знаете дека имаме дечиња со заразните заболувања. Им се јавуваме на сите оние чии прегледи се одложуваат и им кажуваме за кога се одложени. Станува збор за прегледи што може да почекаат, на пример: ехо на срце, алерготестови, контроли на бебиња… – вели д-р Ставриќ.
За да има простор за сите што треба да лежат во болница, д-р Ставриќ вели дека гледаат хоспитализираните пациенти пократко да лежат во болница.
– Оние што можат, продолжуваат на домашно лекување. Има и такви што доаѓаат секој ден за терапија – објаснува докторката.

Д-р Ангелчо Андоновски, директор на Институтот-Козле, вели дека се откажуваат сите тековни прегледи закажани во наредните две недели.
– Ќе ги викнеме на преглед штом ќе се намали ризикот да се разболат здрави деца. Му се јавуваме на секој поединечно – вели д-р Андоновски.

Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство донесе нови дополнителни мерки за заштита на населението од епидемијата на морбили.
– Сите родители што имаат деца со наполнети 6 месеци, а живеат на територијата на градот Скопје, од утре треба да се јават во најблискиот вакцинален пункт за да ги вакцинираат своите деца со МРП-вакцината. Родителите, пак, што имаат деца на училишна возраст, а не се ревакцинирани или воопшто не примиле МРП-вакцина, да ги вакцинираат децата, и ова се однесува за сите деца што живеат во Македонија – информираат оттаму.
Родителите што ќе се посомневаат дека нивните деца се заразиле со морбили или имаат висока температура или, пак, веќе имаат исип на кожата во работните денови прво да ги однесат на матичен лекар. Доколку детето треба да се прегледа навечер или за време на викенд, прво треба да се јават на преглед во пунктови во здравствените домови и по процена на лекар од пунктовите, само со упат да се насочуваат кон Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
Во текот на епидемијата од мали сипаници се разболеле 220 лица, а вакцинирани се 6.550.

Колку време сме биле раат од морбилите?

Пред оваа епидемија од мали сипаници во Скопје, последен пат имало дете жртва на морбилите во епидемијата 2010/2011 година кога сипаници прележале околу 930 заболени. Во тој период, според д-р Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје, немало колективен имунитет, кога треба да се вакцинирани 95 отсто од оние што треба да примат вакцина, но бројките не биле толку далеку од потребните.
На почетокот на епидемијата во Скопје здравствените власти избројаа дека имаме околу 15.000 невакцинирани деца само во Скопје.
– Пред девет години повеќе се разболуваа поголеми деца. Сега, помали. Според извештаите на Светската здравствена организација, смртноста во развиените земји се движи од 2 до 3 проценти, додека во земјите во развој до 20 проценти. Морбилите се смртоносна болест, можеме да се заштитиме со вакцина. Така можеме и да ги заштитиме децата и затоа треба да ги вакцинираме – вели д-р Ставриќ.



912

X