Сара длабоко навлегува во ликовните вештини, а ја интересира и пишаниот збор. Ги развива талентите, конкурира на конкурси и натпревари, но и си ужива во детството

Додека одела во градинка, воспитувачките се сомневале дека навистина сама нацртала некој цртеж, па ѝ давале задача повторно да го нацрта. И добивале уште поубав. Сега петтоодделенката во ООУ „Мирче Ацев“ во Скопје, Сара Цветкова, длабоко навлегува во ликовните вештини, а ја интересира и пишаниот збор. Ги развива талентите, конкурира на натпревари, но и си ужива во детството. Со неа нè запозна нејзината учителка Маја Василевска-Ставров.

Цртањето и пишувањето ѝ се најголема љубов, ама сака да е научник

Сара лани била најдобра во генерација.

– Ја запознав уште кога имаше шест години. Беше едно од дваесетте првачиња во моето одделение. Исплашена, повлечена и срамежлива, со очиња широко отворени кои будно следеа сè што се случува наоколу. Еден ден учениците имаа задача да го нацртаат ликот од нивниот омилен цртан филм. Кога го погледнав цртежот на Сара, бев многу пријатно изненадена. Тоа не беше цртеж од прваче. Тоа беше слика која говореше за сериозен уметник – раскажува Василевска-Ставров.
И така почнало сè. Сара редовно учествувала на сите училишни ликовни конкурси и секогаш добивала дипломи за прво место, а со учителката ги следеле и регионалните, државните, меѓународните и светските конкурси.

– И се китеше со награди, сертификати и дипломи. Не можам, а да не напоменам за талентот на Сара за пишување. Учествува на многу литературни конкурси и фестивали… Неодамна аплициравме за учество на детскиот фестивал за литературно творење „Ракатки“. Јас сум горда и среќна наставничка зашто имам можност да подучувам, насочувам, мотивирам едно вакво прекрасно дете, суперученик… Ѝ посакувам да постигне уште многу успеси, а нејзините дела нека бидат водилка за многу идни генерации – вели Василевска-Ставров.

Вели дека цртањето и пишувањето ѝ се најголема љубов. Но, ужива и во пливањето. Сака да гледа филмови, особено фантастичните филмови, но и со познати историски ликови, а ги сака сериите за познатите гении како Леонардо да Винчи, Алберт Ајнштајн, Пабло Пикасо…

На изложба од меѓународниот ликовен конкурс „Флора и Фауна“

Песнички за Маја

Има три најдобри другарки.
– Најпаметната математичарка Марија, духовитото и срамежливо девојче Ема и најсимпатичната хип-хоперка Јана. Заедно шетаме, играме, учиме, се смееме, споделуваме тајни. Уживам и со мојата итра, помала сестра Ема, а и со моето палаво кутре Ники – раскажува Сара.
Вели дека е инспирирана од големиот Леонардо да Винчи, уметникот со генијален ум, а сака да биде голем научник како него. Не заборави да ја спомене наставничката Маја, на која ѝ пишува песни во знак на благодарност.

Светлана Цветкова, мајката на Сара, вели дека е многу едноставно и добродушно дете, добар и весел другар, одговорна ќерка и грижлива сестра со големо срце.
– Сара е дете кое во некои постапки е како возрасен човек – вели Светлана.

Сара црта од 2-3 години.
– Помнам дека желбите за роденденските подароци од најблиските секогаш беа поврзани со боици, фломастери… со кои уживаше да нацрта некое животно. Но најмногу црташе коњи. Во нашето семејство нема член со таков дар, ниту пак следела нечиј пример. Но, за пишувањето најзаслужна е нејзината наставничка Маја – вели Светлана.
За неа е битно детето да порасне во добар човек.
– Во денешната трка за подобра егзистенција, мислам дека попатно се изгубија многу клучни моменти во семејното воспитување. Нашата комуникација со неа секогаш била на исто ниво, се консултираме заемно, сите имаме одговорности, многу разговараме и најважно ни е сите меѓу себе да бидеме секогаш искрени. Ја воспитуваме да не се обесхрабрува и да верува во себе – вели Светлана.

Сара неодамна доби прво место на меѓународниот ликовен конкурс „Флора и фауна“, прво место на литературниот конкурс за Денот на штедењето и осигурувањето распишан од НБРМ и Министерството за финансии. Нестрпливо очекува резултати од ликовните конкурси на светско ниво на тема „Свет без глад“ на Обединетите нации, меѓународниот ликовен конкурс „Во мојата татковина“ во Минск, Белорусија.

Доделување на наградата за најдобра литературна творба на републичкиот конкурс по повод Светскиот ден на штедењето
Гувернерот Анита Ангеловска-Бежовска, Сара и министерот за финансии Драган Тевдовски



912

X