Искривените вредности во начините на воспитување во родителството се огледаат во нервозните деца, недостиг на изразување, развиен бес, склоност кон агресија, склоност кон технологии, немање креативност, немање желба за читање, скоро доведени до изгубено детство. Тоа е одраз на незаинтересирани родители, неквалитетно време поминато со децата, нервозни и растрчани по својата работа, незадоволни родители, родители со нереални очекувања…
Вредностите сами по себе се капитал. Тој, пак, сметам дека е поголем кога не го мерите со пари. Особено кога го мерите со она што сте го вложиле во себе и својата личност или за благосостојбата на другите. Капиталот секогаш треба да биде добивка што трае, која носи придобивки и задоволство на долги патеки. А вредностите се најдоброто нешто што можеме да си го дадеме себеси, а и на оние околу нас, особено на нашите деца, вели Марија Конеска, психолог, психотерапевт, едукатор.
Енергична по природа, соработничката на Деца.мк батериите ги полни со секоја нова активност. Работи со деца, родители, во училиштата… Своето тешко детство го сфатила како лекција од која многу учи, а со сите сили се обидува да влијае и врз, како што вели, искривеното родителство, и врз ниското ниво на квалитет на образованието. За тоа што можеме да подобриме, зборува и низ сопствен пример.
Родители, вложувајте во себе – така вложувате во децата
– Секогаш на родителите им препорачувам да вложуваат во човечките вредности кај своето дете, бидејќи тие ќе го водат на прав пат. Вистинскиот пат на животот секогаш треба да биде поплочен со човековите вредности: вистина, мир, љубов, ненасилство, правилно однесување. Капиталот е и она што го чувствуваме во нас (нашата благосостојба) и тоа позитивно чувство кое ќе им го пренесеме на другите. Капиталот треба да нè прави среќни многу подлабоко од чувството на материјална добивка – вели психологот.
Во воспитувањето, според неа, не постојат повеќе и помалку битни работи. Сите се битни! И комуникација, и љубовта, и разбирањето, и поучувањето…
– Но, сепак, сите овие работи влегуваат во една најбитна воспитна компонента: одговорите што им ги давате на своите деца. Децата ги воспитуваме уште во стомакот на мајката. И со сè што правиме, со сè што зборуваме и сè што чувствуваме ние му даваме одговори на своето дете, односно правци кон патеката на неговиот живот. Сите тие се битни уште во бременоста. Децата се како сунѓер, прво примаат сè што ние како родители ќе им го дадеме како одговор на светот околу нив, а потоа го примаат и светот околу нив. Но ние сме првите чинители што градат основа за сè понатаму – објаснува Конеска.
Таа вели дека така ги воспитува и децата Калина и Јован.
– Истото го практикувам и со моите деца. Тоа им го пренесувам на другите деца и родители. Со мојот сопруг најпрво вложуваме во нас, а тоа што го вложуваме во нас и нашето однесување е одговор кој им го даваме на нашите деца. Децата најмногу учат од она што гледаат. Мојата свекрва ни е мудар учител. Таа ни вели: „Деца, внимавајте што зборувате пред децата. Ако сакате најдобро дете, бидете и вие најдобри родители!“ – објаснува Марија.
Човечките вредности да влезат во училиштата
Освен како психолог во образование, Конеска работи и како едукатор и обучувач на родители и деца, наставен кадар, вработени, воспитен кадар, млади… Работи и како психолог во ДСУ Спортска академија со спортисти-адолесценти, едукатор е и советник на деца, родители, млади, семејства и наставен кадар во Центарот за развој, едукација и советување „Маша Марија“ во Скопје.
За спрегата наставници-родители-деца, вели дека сите три алки треба една со друга да се влечат. Во првите години најбитна алка е родителот, кој го обликува и го влече детето напред. Образованието, наставникот, е вториот воспитувач на нашите деца.
– Важноста во оваа конотација лежи во поврзаноста на родителите и наставниците, односно имањето иста или слична цел – воспитување на детето. Училиштето е и треба да биде и воспитен центар, кој освен образование, ќе му овозможи и воспитување на детето. На децата во првите години идоли им се родителите, потоа во училиште идоли им се наставниците. Тогаш секако дека тие се најбитни воспитувачи и создавачи на индивидуата на детето. Моето искуство досега и во образование и во едукација покажува дека оваа поврзаност не смее да се изостави, односно дека од прво до петто одделение родителите и наставниците имаат еднаква улога во воспитувањето, создавањето на детето и градењето на неговиот правилен пат. Затоа, препорачувам да се негува воспитната компонента во образовниот процес и родителите да негуваат поголема соработка со наставниците. Тоа се двата најбитни индикатори што сите нас од деца нè прават вистински луѓе – вели Марија.
Смета дека е многу значајно вклучувањето на човековите вредности и во родителството и во училиштата. Ние, како родители сакаме да ги научиме и воспитаме нашите деца најдобро што можеме. А најдоброто е она што е правилно, што е вредност на самата личност на своето дете, која ќе го создаде да биде чесен и мудар човек, вели таа.
– Има една често споменувана мисла: „Не прави го она што не сакаш тебе да ти го прават!“ Е ова во превод значи да се однесуваме со љубов, внимание, љубезност, да кажуваме вистина, да градиме мир, да бидеме ненасилни, практикување на сите човекови вредности. Човековите вредности се тие што ќе им обезбедат благосостојба и среќа на нашите деца. Лагите, насилството, алчноста, бесот, никому не му донеле среќа и благосостојба – вели Конеска.
Потребата за едукација е поголема кај родителите отколку кај децата
Искуството ѝ покажало дека воспитно-образовниот процес ни е ниско ниво, а родителствувањето станува сериозно искривено.
– Кога почнав да работам во образование, не верував дека воспитно-образовниот процес во нашата земја има сериозно ниско ниво на квалитет. Исто така, кога почнав со едукациите на децата, сè уште не бев свесна дека поголема е потребата од едукација на родителите отколку на децата. Во процесот на образование и процесот на едукација, следејќи ги децата, всушност, ги следев и читав наставниците и родителите. Децата се само огледало на своите родители и на воспитно-образовниот систем – раскажува Конеска.
Ниското ниво на квалитет во образовниот процес, забележала таа, е огледало во ниските резултати на учениците, односно немање квалитетни наставници кои ќе ја пренесат и воспитната компонента на своите ученици.
– Искривеноста на родителствувањето се огледа во нервозните деца, недостиг на изразување, развиен бес, склоност кон технологии (мобилен, компјутер), немање креативност, скоро доведени до изгубено детство. Тоа е одраз на незаинтересирани родители, неквалитетно време поминато со своите деца, нервозни и растрчани по својата работа, незадоволни родители, родители со нереални очекувања од своите деца… Тоа е реалната слика, за жал, на поголемиот процент на денешните родители – објаснува Конеска.
Од дете со стравови до…
Преземањето нешто во однос на оваа широка и многу конструктивна и комплексна проблематика е сложен процес од големи размери.
– Но верувам дека секој од нас и како родител и како образовен работник ако ја преземе само својата улога на воспитувач, ќе направи барем 50% од тој сложен процес на подобрување. На пошироко ниво верувам дека треба многу работи да се изменат и преземат од државните политики – смета нашата соговорничка.
Таа раскажува дека имала тешко детство, но и дека тоа го искористила како животна лекција.
– Доживувањата во детството можат да ни бидат или пречка или лекција (отскочна штица) за животот понатаму. Сите ние преживуваме во текот на животот тешки моменти, некои подоцна, некои порано. Јас голем дел ги преживеав во раното детство и сепак од не знам каде, тогаш верував дека тоа се најтешките мигови и дека сите следни ќе бидат подобри. Имав вродена позитивна слика за иднината во мојата глава. Веројатно од огромната желба и бурна фантазија да успеам и да ги остварам моите соништа на едно сиромашно девојче од село кое ќе преброди сè со таа желба, упорност и оптимизам. Многу читав уште како мала и во сите психолошки книги што ги читав ги најдов овие три работи кои биле најбитни во животот. Кога сме деца си ги врзуваме некои работи здраво за готово дека тоа така треба да биде. И беше и сè уште е. Токму тие три работи мене ме направија она што денес сум, повеќе од сонот на едно сиромашно девојче кое ноќите ги поминуваше во стравови, претрпуваше сериозни превирања на своите родители, денот го поминуваше најразлично од секое друго дете на нејзината возраст и секој ден очајно плачеше. Но, сепак, овие три работи (книгите) мене ми ја задржаа мојата цел цело време на патот кон животот, да бидам повеќе од сонот. Мојот избор од најмали нозе не е да бидам психолог, туку да бидам личност која ќе помага и направи нешто вредно за себе, а повеќе за другите. Оваа професија е и мојот живот! – вели Марија.
Реалната слика на нашето граѓанско општество, смета таа, зазема очајни размери.
– Можеби звучи песимистички, но реално тоа е слика на едно мало дете склопчено во искината вреќа со главата меѓу колената кое безгласно бара сожалување, односно кое е нападнато од Идот и Супер-Егото на сите околу него (на нагоните, бесот и алчноста наспроти она кон што треба секој да се стреми – праведност). Ни фали едукација, ни фали излез од сите стеги што ги стеснуваат малите, а жедни за знаење умови на нашите деца, ни фалат луѓе што ќе се борат и ќе го прават вистинскиот избор, ни фали вртење на целото граѓанско општество кон изгубените човечки вредности кои најдобро знаат да ги издигнат цели општества од најголемото дно. Потребни се свесност и работа кај секоја индивидуа во нашата држава. Проблемот е глобален од индивидуалната неодговорност.
Мозокот кој се вежба од најмали нозе е незаситен
Како совет за родителите го споделува сопствениот пример.
– Да, многу сум активна! Всушност, секоја активност е мојата батерија. Јас не можам без активност. Мозокот кој се вежба од најмали нозе е незаситен за уште повеќе учење. Активностите не се само напразно изгубено време, тоа е полнење на мозокот, односно трошење на оној поголем процент од 2% реално искористени проценти од мозокот кај повеќето од луѓето. Активностите треба да нè исполнуваат сите нас, а не да нè трошат. Јас не се враќам од работа уморна, се враќам побогата со знаење, понасмеана, пополна и позадоволна и повесела за моите деца и моето семејство. И дома со моето семејство продолжувам со истата работа – да бидам добра мајка и сопруга, добра снаа и чувар на својот дом, да бидам исполнета личност која прави нешто вредно за себе и за другите. Батериите никогаш не се празнат ако секогаш го правите она што го сакате, туку само станувате побогати! – додава Марија.
912