Лука оди во градинка, станува во 6:30. Часовите траат од 8 наутро до 14 попладне. Во тој период јас ги завршувам обврските за потоа да бидам слободна и целосно да му се посветам. Имаме паркови пред зграда каде што децата играат и се дружат, а тоа е можност и за мене да запознавам мајки, пријателки и да споделуваме искуства, меѓу другото, и за одгледувањето на децата на различни меридијани

Дом на блескави трговски центри, несекојдневни авантуристички атракции, подземни зоолошки градини, скијање во затворени скијачки патеки, пливање со делфини… Дубаи за малите деца, но и за родителите претставува модерен рај. Снежана Делимитова-Јаневски, наша поранешна ТВ и радиоводителка, живее во Дубаи со сопругот седум години. Последните четири години таму го растат и синот Лука. Вели дека зад сјајната надворешност, Дубаи може да биде предизвик за растење деца.


– Системот на строги казни може да биде проблематичен. Детството е време на правење грешки и преземање ризици, но тоа во строгиот арапски регион може да биде опасно. Ние не сме стигнале сѐ уште до тие тинејџерски години, син ми има четири и пол години, но во принцип треба да се внимава особено додека не наполни 21 година. На пример, до полнолетство никој не смее да пие алкохол, а може да се купи само во одредени продавници и само ако имате лиценца за тоа. Од друга страна, Дубаи е една од најбезбедните земји во светот, што е голема предност – објаснува таа.

Пред да дојде во Дубаи, тој за неа бил мистерија. Еве како Снешка го опишува овој град:

– Вгнезден во пустината на Обединетите Арапски Емирати, Дубаи е крајбрежен град полн со врвна забава и ресурси. Дом на блескави трговски центри, несекојдневни авантуристички атракции, подземни зоолошки градини, особено за децата претставува модерен рај. Многуте активности и експоненцијален раст го прават совршено место за одмор. Многу семејства го избираат Дубаи поради разновидноста на култури, недостиг на данок на доход, семејно ориентирана атмосфера и можности за работа. Секој ден е различен од претходниот, изборот е прекумерен како за децата така и за возрасните. Наместо да одите во зоолошка градина, можете да одите на скијање, на пример, во Ски Дубаи во затворена скијачка патека на -4 степени со снег, жичници, пингвини. Можете да отидете да пливате со делфини, или со чамци да разгледувате аквариум каде што дното е од стакло, а тунелите со риби. Или да одите во трговски центри и тоа не во обични, туку во најголемите на светот!

Многу семејства избираат приватни училишта

Снежана вели дека за децата Дубаи е еден гигантен тематски парк. Сѐ е поголемо и подобро од каде било.
– Е сега ваквиот начин на живот може да предизвика малку нереални очекувања кога ќе мигрирате од Дубаи некаде на друго место во светот како возрасни. Но, ние се обидуваме да го насочиме правилно зашто сепак Дубаи е транзит-дестинација за сите.

Лука има четири и пол години и оди во градинка. Делимитова-Јаневски објаснува дека таму работната недела почнува во недела, а викендот ги опфаќа петок и сабота. Таа и сопругот работат како диџеи, па вообичаено се позафатени за викенд.
– Лука оди во градинка, станува во 6:30. Часовите траат од 8 наутро до 14 попладне. Во тој период јас ги завршувам обврските за потоа да бидам слободна и целосно да му се посветам. Имаме паркови пред зграда каде што децата играат и се дружат, а тоа е можност и за мене да запознавам мајки, пријателки и да споделуваме искуства, меѓу другото и за одгледувањето на децата на различни меридијани.
Без разлика дали приватен или јавен, образовниот систем во Дубаи се состои од предучилишно, основно, средно образование и колеџ. Многу семејства избираат приватни училишта за нивните деца бидејќи овие училишта имаат тенденција да обезбедуваат програми на неколку јазици и се повеќе културно разновидни.


– Главно постојат британски, американски и интернационални курикулуми и во зависност од тоа децата почнуваат од 3 или 4-годишна возраст. Но, има и многу други програми, на пример – ирански, француски, индиски, пакистански, САБИС, јапонски итн. Предучилишната возраст е за деца од 3 до 5 години, учат уметност, музика, англиски, арапски или француски, математика, физичко и нормално – разни активности за деца. Секојдневно ни праќаат електронска пошта со информации што ќе се учи во текот на неделата, на што да се обрати внимание, кои настани следуваат итн. Речиси секоја недела имаат настани, на пример, интернационален ден, парада на рециклирани материјали, национален ден (каде што секоја земја претставува нешто автентично – храна, облека, ден на професијата (децата се облекуваат во нивниот омилен лик или тоа што сакаат да бидат) – вели таа.

Градинките и училиштата – огромни кампуси со игралишта и базени

Градинките и училиштата изгледаат прекрасно, вели Снежана. Тоа се огромни кампуси со игралишта, базени. Сѐ е екстремно чисто и организирано, во градинка се од 20 до 22 деца во група, со една учителка и 1 асистентка.
– Што се однесува до плаќањето – Дубаи е второ најскапо место во светот за образование, веднаш зад Хонг Конг. Се проценува дека испраќањето дете на училиште од основно до колеџ чини над 100.000 долари. Високите трошоци за образование можат да им се препишат најмногу на најсовремените училишни кампуси, но и кадровското екипирање на наставниците, кое е на високо ниво. За предучилишна возраст (градинките) се плаќа од 7.000 евра нагоре на годишно ниво. Овде не спаѓаат трошоците за униформа, транспорт, храна. Овој сегмент е најтежок за родителите, се надевам на реформи во блиска иднина.

Што е забрането во Дубаи кога е во прашање родителството, односот кон децата? Објаснува дека нема забрани во тој поглед. Едноставно треба да се почитуваат основните морални човекови принципи и воспитување во тој дух.
– Овде е важно да се почитуваат правилата што важат за сите еднакво и нема да имате никаков проблем.
Бидејќи се сами во Дубаи, без помош од баби и дедовци, вели дека им недостигаат фамилијата и блиските луѓе. Првите три години откако се родил синот, Снежана почесто престојувала во Македонија за да му овозможи на синот да биде поблиску до бабите и дедовците. Сега работата не ѝ дозволува повеќе од 4 недели одмор.
– За среќа, мајка ми многу ми помогна со тоа што 3 пати досега доаѓаше да го чува син ми, а другата алтернатива е дадилка. Овде има агенции што посредуваат за избор на квалификувани кадри за тоа, но исто така постојат и рандом-системи со препораки, разни фејсбук-групи итн. Имате опција дадилката да живее со вас или не, во зависност од вашите потреби. Тој дел и не е така лесен, но таа е единствена опција.

Трошоците за образование се големи, до факултет се трошат 100.000 долари

Во Дубаи 80% од населението се дојденци, а само 20% се локално население. Снежана вели дека во тоа е и убавината и предноста да живеете во таква средина. За 7 години имала можност да научи многу за обичаите, менталитетот и културата на многу нации, а посебно за овој арапски свет.
– Заедничко е што сите се почитуваме како едно. Се слават Божиќ и Велигден најнормално, со јавни забави, со одење во црква и практикување на нашите обичаи и обратно. Ова е муслиманска земја, повикот за молитва ќе го слушнете 5 пати на ден. За време на рамазанските пости од изгрејсонце до зајдисонце не смеете да јадете и да пиете на јавно место, но тоа воопшто не претставува притисок, туку почит кон нив и религијата. Нашите пријатели мештани не испуштаат празник, а да не се јават со честитки и благослови. Претежно се дружам со мајките што живеат во мојата околина, но секако има и македонски фамилии. Во секој случај, Дубаи е извонредно животно искуство, и растењето деца во Дубаи исто така (со исклучок на трошоците за училиште) – завршува Делимитова-Јаневски.



912

X