Сфатив дека најдобрите системи ги создале луѓе што се најсериозно загрижени за иднината на својата земја. Тоа се земји кои инвестираат во образованието затоа што тоа е енергијата на општеството. Едно дете на Шар Планина и едно дете во Општина Центар треба да ги имаат истите услови и стандарден квалитет на кадарот. Секој што вреди треба да има можност да стигне до врвот, вели Кирил Барбареев, доктор по педагошки науки и професор по предучилишна педагогија

Проф. д-р Кирил Барбареев е еден од креаторите на едукативната програма на „Светот на Биби“, дел од голем тим кој има многу инспирација, енергија и многу волја за подобро образование, т.е. луѓе што веруваат дека во Македонија има капацитет да се направи добар воспитно-образовен систем. Проф. Барбареев и тимот што го придружува ќе работат со децата во посебна едукативна програма во центарот „Бибиверзум“, кој вчера се отвори во скопскиот Градски трговски центар. Разговаравме за програмата, искуството, плановите, очекувањата, наставникот од 21 век…

  – Иако јас сум еден од креаторите на програмата, концептот на програмата, дидактичкиот материјал, нагледните средства, материјалите за учење, начинот на реализација на програмата ги подготвуваат врвни професионалци. Ќе споменам само дел од тимот: Марјан Алексовски, Стојче Коко Ѓорѓиев, Жарко Стојановски, Михајло Димитриевски-Тхе Мичо, Гоце Цветановски, Билјана Црвенковска… Тоа се само дел од тимот кој заедно размислува и го подготвува концептот за поинаква воспитно-образовна парадигма во Македонија, со нова филозофија на образование.

Програмата има цел да ги развива вредностите кај децата. Когнитивниот и социо-емоционалниот развој, воспитанието и образованието за добар живот, откривањето на сопствените потенцијали. Во душата на младите треба да се всадат доблестите, особено: праведноста, мудроста, умереноста, храброста, трпението, самодисциплината, емпатичноста, истрајноста, чесноста, лојалноста. Тоа се длабоките хуманистички вредности кои се основа на сè во животот. Тоа е всушност развој и формирање на карактерот на детето.

Програмата подразбира интегриран пристап на работа со децата. Целта на овој пристап е да им се овозможи на децата/учениците преку автентично учење и преку теми од секојдневниот живот да ги видат врските и меѓузависноста на образованието и феноменот на животот. Овој пристап треба да им помогне на децата да ги поврзат знаењата и вештините од различни дисциплини, да го структурираат нивното учење, да им помогне во секојдневниот живот, кај децата да се појават идеи и прашања за сѐ што ќе ги интересира.

Од гледна точка на децата (учениците), фокусот е да се зајакне нивната мотивација за длабинско учење, да се создаде стимулативна и креативна средина за радост кон учењето, да се зајакне размислувањето за важноста на знаењето и културата.

Како ќе изгледа еден час или активност?

Ќе се работи според т.н. мултидисциплинарен модул за учење – се избира тема од современиот живот. Содржината се комбинира со различни дисциплини и се бараат врските помеѓу темите и работите во училиштето и во секојдневниот живот. Веќе работиме интензивно на методичкиот пристап на секоја тема. Секоја активност ќе има т.н. педагошко сценарио.
Ќе споменам дел од темите:„Ние и светот“; „Почувствувај ја природата“; „Мојот карактер“; „Здравје“; „Мојот јазик“; и многу други.
На пример: првата тема е „Ние и светот“.

Каков пристап ќе имате?

– Пристапот е мултидисциплинарен и преку секоја тема ќе се интегрираат општествените, природните и хуманистичките науки (историја, географија, уметност, математика, здравје, култура, економија, спорт, странски јазик), а всушност не ги споменуваме и не ги оптоваруваме децата со тоа. Тоа се трансверзални компетенции (знаења) кои се состојат од – знаење, вештини, вредности, ставови и волја. Способност за примена на знаење и вештини во дадена ситуација или контекст. Целта е децата сами да се пронајдат во темата на која ќе работиме и да стекнат функционално знаење.

Кои сме ние? Каде сме ние во овој свет? Кој сум јас? Зошто секој човек е посебен? Кој и до каде е нашиот свет? До каде можеме да го допреме светот? Чии се небото и земјата? За светот во водата и во пустината. За вселената…. Ова се само дел од прашањата со кои се занимаваме.

Активноста ќе почне со Биби, можеби ќе се јави од најоддалечената планета или од највисоката планина на светот, ќе се појави и од највисоката планина во Македонија. Ќе имаме песна на денот и тоа ќе биде “We are the World” (англиски јазик), но и песната од Тоше Проески (За овој свет) (македонски јазик). Понатаму ќе читаме и ќе раскажуваме. Ќе дебатираме за убавите, но и негативните појави од човекот. Ќе цртаме и потоа ќе составиме приказна за нашиот свет. Ова е само дел од „Бибиверзумот“.

Особено ќе внимаваме на интеракцијата и правилното изразување на децата. Во дел од темите децата ќе имаат задачи да дебатираат помеѓу себе, да имаат презентација пред другите. Особено внимание ќе се посветува на темите како што се: Грижа за себе; Грижа за другите; Грижа за училиштето и науката…
Тоа се само мал број теми што во оваа пилот-фаза ќе ни дадат повратни информации како да продолжиме понатаму.

Со која фреквенција ќе се одвиваат активностите и кој ќе биде задолжен за нивно водење?

– Секоја активност е планирана да трае 90 минути, со пауза на 20-25 минути. Ќе работат двајца наставници, со група од 6 до 8 деца. Тоа е добар, висок стандард за работа со деца. Просторијата во која ќе се работи нема да изгледа како класична училница. Во неа децата ќе можат да се движат, да седат на подот, ќе има амфитеатрален концепт. Ќе има дигитални ресурси. Наставниците ќе имаат целосна слобода во подготовката и креацијата на активноста или часот. Секоја активност ќе има цел на учење, посакувани излезни резултати. Секоја активност ќе има кратко педагошко сценарио и ќе се подготвува според трите клучни прашања: Што ќе правиме?; Зошто ќе го правиме тоа?; Како ќе го правиме?

За која возраст е програмата?

– Многу размислувавме за ова прашање. Во оваа прва фаза ќе почнеме со возраста од 5 до 7 години. Тоа е возраст на децата пред поаѓање на училиште и почетните одделенија. Тоа е период на значајни промени кај децата. Децата стануваат поодговорни и почнуваат да ги разбираат посложените односи. Почнува процесот на читање и пишување. Говорот станува средство за вербално мислење и се јавува логички поврзан говор. Според развојната психологија, тоа е периодот кога се поставува основата за појавата на посложените однесувања во средното детство.

Имате собрано искуство од околу 20 земји во светот? Што од тоа искористивте за креација на оваа програма?

– Во изминатите 15 години посетив и анализирав многу системи, методи и примери во светот – Велика Британија, Шведска, Германија, Австрија, Кина, Словенија, Австралија, Франција и многу други. Видов и сфатив дека најдобрите системи ги создале луѓе што се најсериозно загрижени за иднината на својата земја. Тоа се земји кои инвестираат во образованието затоа што тоа е „енергијата“ на општеството. Сфатив дека за образование не треба да се штеди. Видов дека градинките, училиштата, факултетите се центри за учење или заедници за учење. Тоа се отворени системи и луѓе што имаат многу знаење и желба за соработка, за тимска работа, отвореност да се сподели со другите, но и да се признае ако нешто не се знае и да се почне отпочеток и да се побара помош. Тоа се системи кои сè повеќе го вклучуваат и почитуваат неформалното образование. Каде што не е најважно кој каква титула има, туку кој какво знаење има и дали знае да го сподели со другите.

Добрите образовни системи креираат стандарди на условите за настава и работа на наставниците и учениците, и креираат стандарди за тоа кој е наставникот во 21 век. Сите позитивни примери креираат идентични услови за образование на децата на кое било место во државата. Тоа е многу важно. Едно дете на Шар Планина и едно дете во Општина Центар треба да ги имаат истите услови и стандарден квалитет на кадарот. Секој што вреди треба да има можност да стигне до врвот.

Дали е тоа можно и во Македонија?

– Да. Јас верувам дека е можно.

Од каде потекна идејата за оваа програма? Што ве инспирира?

– Идејата дојде од медиумите Факултети.мк и Деца.мк. Разговаравме со основачите и добив голем предизвик и внатрешен мотив да почнам со овој проект. Во овој момент и во следниот период интензивно работиме на програмата и реализацијата на секоја тема. Веруваме во овој проект на „Светот на Биби“.
Имаме визија за една голема образовна платформа. Веќе подолго време во нашето општество децата немаат позитивен модел на идентификација. Има премалку образовни програми за деца, немаат примерни дигитални ресурси, оставено е некако стихијно да се случуваат нештата. Оттука, Факултети.мк и Деца.мк во изминатите години покажаа дека имаат искрени намери, волја и енергија да ја подигнат свеста за важноста на образованието. Факултети.мк и Деца.мк покажуваат и вложуваат многу за подобро образование, ова е голема општествена одговорност која ја покажуваат на дело.

Кои се Вашите очекувања?

– Многу возрасни денес се сеќаваат на „Бушава азбука“. Тоа беше сериозен државен проект на македонска детска програма. И многумина сè уште зборуваат за квалитетот на таа програма. А зошто? Затоа што беше добро осмислена и затоа што работеле одлични професионалци. Автори беа Горан Стефановски и Слободан Унковски, со музика на „Леб и сол “и Ана Костовска, со најдобрите актери… Во секоја емисија имаше многу музика, забава, традиција, книжевност, култура, наука и слично. Така се прави тоа.

Нашата мисија е Македонија да биде препознатлива по образованието, „Светот на Биби“ да стане дел од растот и развојот на денешните и идни генерации. Нашата визија е еден ден да создадеме „Бибиленд“ препознатлив во светот.

Можеби звучи премногу, но барем ќе се обидеме.



912

X