Нема дете што не е ифрит луто кога доаѓа кај мене во ординација. Ми вели: „Тамам се договорив со моите родители да ми купат нов телефон, ти ми го рушиш филмот“. Или, велат: „Како тоа да бидам без Фејсбук 24 часа?“

Инсуфициенција на конвергенција. Ова е стручниот назив за дијагнозата кога очите не функционираат добро при блиска фиксација. Не се работи за класичен страбизам, туку за тенденција да се искриват очите или тоа е практично фаза пред класично искривување на очите.

Токму оваа состојба ја имаат сè повеќе деца и тоа на сè помала возраст поради употребата на телефони и таблети од најмали нозе. Во ординацијата на офталмологот д-р Марјан Томовски во Куманово годишно се прегледуваат околу 10.000 пациенти, а дури 60 отсто од нив имаат конвергентна инсуфициенција.

– Зборуваме за глобален проблем, а не за проблем што го има само во Куманово, Скопје или во Македонија. Прво да разграничиме што е страбизам – тоа е кога очите се криви, но постојано. Во случајов зборуваме за инсуфициенција на конвергенција. Тоа не е класичен страбизам, односно би се дефинирало како тенденција да се искриват очите. Тоа е фаза пред класично искривување на очите. Исто така, неопходно е да се каже што е видна острина.

Дете или возрасен може да има 100 отсто видна острина кога се мерат видните острини посебно на секое око. Но нивната тимска работа, што значи да се насочени во едно нешто, е нешто сосема друго, а тоа е различно од видна острина. Како човек гледа и на каде гледа се две различни работи. За правецот на гледање се одговорни по шест мускули од двете страни. Тие треба да се јаки за системот да биде синхронизиран, да гледаат во исто нешто – вели д-р Томовски.

Кога мускулатурата на едното око ослабува, тогаш окото се криви и тоа искривување се манифестира само кога се гледа некој предмет одблиску. Такво искривување нема кога се гледа далеку.

– И тука битен детаљ е близината, позицијата на самиот ‘рбетен столб. Во превод, ова се случува при читање книги и при работа на мобилен телефон, обично, кога двата палци се вклучени во преписки или што било. Зборуваме за сè што се работи блиску и со искривен ‘рбет, без оглед дали сте златар, брусите дијаманти и слично – вели д-р Томовски.

Потценет проблем

Искуството на д-р Томовски говори дека овој проблем кај децата и возрасните е страшно потценет од очните доктори.

– Во мојата ординација во просек имаме 10.000 прегледи годишно, а пациентите се на различна возраст и не се само од Куманово. Шеесет отсто од сите пациенти се во фаза пред искривување на очите. Овој процент до 2010 година беше 10 отсто, сега е минимум 60 отсто. И возрасната граница е сè помала. Oва порано беше проблем врзан со оние што работеа специфична професија, одблиску, кои работеа пипава работа. Сега, за жал, децата се најмногубројни поради употребата на современата технологија – вели докторот.

Телефонот е дадилка

Телефонот стана најупотребуваната дадилка. Со него бебето си е мирно, мама и тато си тераат работа. Но, овој начин на функционирање на долг рок си го зема данокот, додава докторот.

– Тоа прави проблем со видот, со ‘рбетот, а зрачењето е гратис. Зборуваме за класична варијанта на зависност. Ако се гледа телевизор, кога детето не се витка и не гледа одблиску, е релативно во ред. Кај нас, во ординацијата правиме договори со децата – може статичен компјутер да користиш, но телефон не. Нема дете што не е ифрит луто кога доаѓа во ординација. Ми вели: „Тамам се договорив со моите родители да ми купат нов телефон, ти ми го сруши филмот“. Или велат: „Како тоа да бидам без Фејсбук 24 часа?“ Најважно е да се работи на свесноста кај родителите за овој проблем – додава д-р Томовски.

Во развиените држави, но и кај нас, се прават операции на мускулите, но резултатот е катастрофален, вели докторот. Според него, тие чинат многу пари, а ефектот е уште полош одошто пред операцијата.
– Овој проблем се решава со т.н. физикална терапија за очи. Кај нас проблемот се решава за две недели. Она што е најважно е да се развие свеста кај родителите, да ги тераат децата да бидат исправени и да читаат од далеку. Да не пишуваат одблизу домашни работи. Да користат персонален компјутер е најдобро. Мониторот да е подигнат на книги. Досега немам видено ниеден случај со последица од користење персонален компјутер – појаснува докторот.

Со предна камера и со апликација ќе се детектира проблемот

Д-р Томовски и универзитетскиот професор Славчо Чунгурски развиваат апликација за откривање на проблемот, а периодов бараат поддршка за реализација на проектот. Се работи за комбинирање на офталмологијата и вештачката интелигенција за развој на апликација за откривање детекција на проблемот, пред децата да одат на стандарден очен преглед.

– Таа апликација ќе работи на тој начин што предната камера на смартфонот што го користи детето ќе му прави тестови на очите, односно ќе го фотографира. Ако се види дека има дефокус на очите, сликите ќе им се праќаат на нивните родители за да алармираат дека има проблем. Понатаму родителот ќе си одлучува како ќе го решава проблемот. Целта е да се зголеми свеста за овој современ проблем – вели докторот.
Тие планираат и да тестираат деца од Куманово на возраст од 7 до 18 години за да се види колку од децата живеат со вакво искривување на очите.

– Колкава е бројката на деца, ќе знаеме во март. Една од фазите во овој проект е да појдеме на терен во училиштата и таму да направиме прегледи. Сакаме да имаме претстава колку е присутен проблемот во Куманово бидејќи за ова конкретни бројки немаме. Прво ќе детектираме, ќе видиме колку е реален проблемот – појаснува д-р Томовски.

Кои се симптомите?

При конвергентна инсуфициенција се јавува двоен вид, особено при читање или друга близинска работа, зборовите се движат, скокаат, пливаат или се појавуваат како да пловат на страната, замаглен вид или зборови кои се појавуваат и излегуваат надвор од фокусот. Исто така, има и мачнина при движење и/или вртоглавица. Оваа состојба предизвикува голем број симптоми, вклучувајќи го и чувството дека вашите очи чувствуваат: главоболки, поспаност за време на активноста, умор, непријатност, болка, дразнење, чувство на „влечење“ околу вашите очи.

Конвергентната инсуфициенција, исто така, има голем број ефекти врз извршувањето задачи одблиску, вклучувајќи: краткиот распон на внимание, губење концентрација при читање, тешкотија за памтење на она што е прочитано, губење место при читање, погрешно повторно читање на иста линија на текст.



912

X