Иако одговорните во Министерството за образование и наука најавуваа дека ќе има измени, ќе се крати бројот на часови, сепак, според новиот директор на Бирото за развој на образование, Зеќирија Хасипи, неблагодарно е да се каже дека самото кратење ќе ги растовари учениците

Во јавноста низ годините постојано имаше реакции дека учениците се преоптоварени со часови додека се на училиште. И Синдикатот за образование, наука и култура неколкупати предупредуваше дека неколку анализи покажале оти концентрацијата на учениците значително опаѓа по четвртиот одржан наставен час и дека наставата потоа станува неефективна.

Иако одговорните во Министерството за образование и наука најавуваа дека ќе има измени во овој дел, сепак, според новиот директор на Бирото за развој на образование, Зеќирија Хасипи, неблагодарно е да се каже дека самото кратење ќе ги растовари учениците.
– Неблагодарно е да се наведува дека по одделен наставен предмет ќе се скратат часови или дека самото „кратење“ ќе ги растовари учениците, доколку суштински не се промени пристапот на изведување на наставата и целиот наш однос кон образованието. Најзначајно е како се одвиваат наставата и учењето, кои методи се користат во наставата, колку тоа е интересно за учениците, од какви учебници учат учениците, дали се вклучуваат во истражувања, треба самите да доаѓаат до сознанија, а не само формално некој наставен предмет да се намали за еден час неделно, а наставата да остане ex cathedra, да нема активно вклучување на учениците во наставата и да нема соодветни средства за изведување на наставата – смета директорот.

Зеќирија Хасипи

Тој потенцира дека треба да се земе предвид анализата на Европската комисија, каде што се гледа дека во споредба со врсниците од другите европски земји нашите ученици најмалку време поминуваат во училиште.

– Затоа, потребна е сеопфатна анализа, па потоа да се дојде до решение како ќе се дизајнира наставниот план и кој наставен предмет со колкав фонд на часови ќе биде застапен – вели Хасипи.

Само пред една година раководството во Министерството изјавуваше дека неопходно е да се крати бројот на часови во училиштата и да се реорганизира начинот на одржување на наставата.

Инаку, голем дел од наставниците сметаат дека учениците имаат преголем број часови.
– Иако работам со првачиња во целодневна настава, сепак, сметам дека бројот на часови треба да се намали. Она што го забележувам е дека учениците по првите три-четири часа имаат намалено ниво на концентрација, што е нормално за таа возраст. Треба да се редуцираат наставните часови, а со тоа и да се намали материјалот за учење зашто на тој начин децата ќе постигнуваат подобри резултати – вели наставник.



912

X