Честитки за Мила Ивановска, Дарко Стојчев и Димитар Џорлев за освоените бронзени медали! Честитки и за Дамјан Јанчевски, Мајкл Георгиевски и Бисера Јаневска за претставувањето на својата земја како вистински амбасадори

Тројца од шест ученици освоија бронзени медали за Македонија на 15. Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки која денеска завршува во Габороне, Боцвана.

– Со задоволство го споделуваме успехот на македонските претставници. Честитки за Мила Ивановска, Дарко Стојчев и Димитар Џорлев за освоените бронзени медали! Честитки и за Дамјан Јанчевски, Мајкл Георгиевски и Бисера Јанчевска за претставувањето на својата земја како вистински амбасадори. Огромна благодарност до сите институции, приватни организации и поединци што го направија сето ова возможно – велат организаторите.

Учениците кои освоија медал со македонското знаме; Фото: Друштво на физичарите на Македонија

По подолги финансиски перипетии, нашиот тим успеа да собере буџет од спонзори и донатори од цел свет. Предводени од нивните ментори во физика, хемија и биологија, доц. д-р Ламбе Барандовски, проф. д-р Марина Стојановска и Елена Рафаиловска, мината сабота во африканската земја заминаа Мила Ивановска (која и лани освои бронза) од „Ј. Б. Тито“ во Битола, Дарко Стојчев од „Добри Даскалов“ во Кавадарци, Димитар Џорлев од „Јане Сандански“ во Струмица, Бисера Јаневска од „Раде Јовчевски-Корчагин“ од Скопје, Дамјан Јанчевски од приватното училиште „Јахја Кемал“ во Карпош и деветтоодделенецот Мајкл Георгиевски, ученик во „Гоце Делчев“ во Кавадарци.

Македонскиот тим го помогнаа Агенцијата за млади и спорт, Фондот за иновации и технолошки развој, градоначалниците на Кавадарци и на Прилеп, Митко Јанчев и Борче Митевски, и фирмите „Кожувчанка“, „Вардар Доломит“ и „Витаминка“.
Откако организаторите рекоа дека е неизвесно учеството на нашиот тим на Олимпијадата, Анита Кузмановска-Фелдман, дипломиран инженер по хемија која живее во Соединетите Американски Држави, на социјалните мрежи отвори фонд за донација. Пари издвоија 120 донатори од цел свет, а многу од нив се наши иселеници и сограѓани.

Фото: Друштво на физичарите на Македонија

Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки е наменета за ученици од основни училишта, до возраст од 16 години. Нашите ученици веќе неколку месеци ги подготвуваа Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ), Сојузот на хемичари и технолози на Македонија (СХТМ) и Македонското биолошко друштво (МБД).
На Олимпијадата учествуваа ученици од 50 земји од светот.

В.И.И.



912

X