Најмногу од сè сака да плива, а кога ќе порасне, сака да биде ветеринар бидејќи многу ги сака животните

Четвртоодделенката Сара Анастасовска од Скопје е талентирана за пливање. Девојчето, за кое мајка му вели дека не сака да губи, во период од две години, колку што се натпреварува и оди по митинзи, има освоено дури 60 медали и два пехари од меѓународни пливачки митинзи во Македонија, Србија, Бугарија и во Косово. Ана, нејзината мајка, вели дека таа уште на многу рана возраст покажала интерес за пливање.

– Сара уште од мала ја сака водата, таа ужива кога се капе. Интерес за пливањето пројави на пет години, кога бевме на летен одмор на Јонско Море. На плажа се запозна со едно девојче кое одело на часови по пливање и на Сара ѝ го даваше своето помагало за пливање и ѝ објаснуваше како да плива. Тоа ѝ се виде интересно, па решивме со сопругот да ја запишеме на пливање. Стапивме во контакт со нашата пријателка Наташа Мешковска, долгогодишен и искусен тренер. Таа ни рече да ја донесеме Сара кај неа да ја види, да почне со тренинзи и да оцени дали ќе сака и дали ќе може да плива. Така започна нејзината приказна со пливањето – вели Ана.

Сака во сè да биде прва

Сара активно плива две и пол години. Ученичка е во Основното училиште „Христијан Тодоровски-Карпош“. Вели дека омилен стил на пливање ѝ е грбно.

Сара е убаво воспитано и скромно дете.
– Интелигентна е, но малку е мрзлива за работите што не сака да ги прави. Понекогаш е тврдоглава, но секогаш успеваме да се разбереме. Има една негативна особина – секогаш сака да биде прва во сè. Како помала, ваквата особина ѝ пречеше во односот со другарчињата бидејќи знаеше и да ги турне за нешто прва да направи. Но успеавме таквото однесување од негативно да го претвориме во позитивно, преку пливањето. Тоа во голема мера ѝ помага да освојува награди и секогаш да биде меѓу првите три, качена на тронот за медали. Таа е борбена и заштитнички настроена, особено кон нејзината помала сестра Ања. Сара е и прилично емотивна, иако однадвор изгледа сосема спротивно – додава мајката.

Ја учиме на емпатија

Девојчето расте во семејство каде што родителите ја учат да се почитува себеси и да го цени тоа што го прави и постигнува. Мајка ѝ Ана вели дека најважно е да стекне работни навики и одговорност кон обврските што ги има.
– Ја учиме да ги почитува своите родители, својата сестра, роднини, наставнички, другарчиња. Да не озборува зад грб, секогаш гласно да го кажува тоа што го мисли и да не се срами да праша кога нешто ја интересира. Ја воспитуваме да не понижува никого и да не ги цени луѓето според материјалното, туку според она што го носат во себе како квалитет. Ја учиме да не биде себична и секогаш да им помага на луѓето околу неа, колку што може и како што може. И, секако, да разговара со нас отворено за сè што ја интересира. Најважно ни е да ѝ создадеме работни навики и обврски кон она што го прави, во моментов учењето и пливањето. Да не биде мрзлива и да почитува и да помага – вели мајката.

И нејзината помала сестра исто така оди на пливање, веќе неколку месеци. Ја гледа Сара и ѝ се воодушевува, но знае да рече: „Јас нема да се тркам како Сара“.

Се лути кога нема да исплива добро

Кога нема да исплива време какво што си замислила, Сара знае да се налути и да не разговара со никого.
– Знае дури и да се расплаче. Самокритична е во голема мера. Но за време на натпревар ние никогаш не ја критикуваме. Секогаш и велиме: „Браво, одлична беше“, особено татко ѝ. Јас знам и да ја искарам ако видам дека не дала сè од себе, но не претерувам, гледам да бидам воздржана. Наградите што ги освојува ѝ се голема мотивација, а ние сме тука да ѝ го овозможиме тоа така што се ангажираме и одиме секаде каде што има натпревар за нејзина категорија. Секој натпревар е плус искуство за неа – ни раскажа Ана.

Да плива и да биде ветеринар

Освен што сака да плива, сака и да вози велосипед и ролери, но и да излегува со нејзините другарчиња.
– Најдобри другарки ми се Ева и Јоана, девојчиња од моето одделение. Кога сме заедно, играме со топка, слушаме музика и обожaваме да си играме со слајмови. Секој ден станувам во 7 часот и се подготвувам за училиште. Часовите ми почнуваат од 8 часот и траат до 15 часот, бидејќи сум во целодневна настава. Ако е топло, со другарките играме надвор по часовите, а потоа одам дома да ручам и да се подготвам за тренинг. Тренирам секој ден по два часа, од 18 до 20 часот. Навечер по тренингот вечерам и си легнувам за да бидам одморена – вели Сара.

Најмногу од сè сака да плива, а кога ќе порасне, сака да биде ветеринар бидејќи многу ги сака животните.



912

X