Ако наставникот е отсутен до седум дена, проблемот интерно си го решава училиштето. Ако е отсутен повеќе денови, се бара соодветна замена преку Агенцијата за вработување
Кога наставникот е отсутен, учениците се распределуваат во други одделенија или, пак, на часовите во училница им влегува педагогот или психологот, а исто така практиката познава и случаи кога децата не одат воопшто на училиште сè додека наставникот не се врати на работа.
Во едно скопско основно училиште веќе неколку дена децата седат дома зашто наставникот е болен. Во ваков случај училиштето има обврска да обезбеди замена за децата да не заостануваат со материјалот, што во конкретниот случај не е направено.
– По цел ден седи дома и зјапа во телевизорот или во лаптопот. Немаат задолженија, немаат домашна работа, немаат ништо. Надвор е ладно, па не можам ни да го изнесам на прошетка. Го терам барем лектирата да си ја прочита. Има случаи кога децата сами седат. Мислам дека треба да си имаат обврска на училиште – вели татко на ученик од тоа училиште.
Марија Костовска, наставничка по македонски јазик во Основното училиште „Блаже Конески“ во Аеродром, вели дека според тамошната практика, кога некој наставник е отсутен, на пример, една недела, тој оди на боледување, а за неговото место се бара замена.
– Наставата мора да тече непречено, па затоа мора и да се најде замена. Во предметна настава, ако се работи за само неколку дена, се прави замена на часовите и оние наставници што имаат празни часови тој ден му излегуваат на колегата во пресрет и го заменуваат – вели Костовска.
Светлана Масларевска, директорката на училиштето „Коле Неделковски“ во Центар, вели дека ако наставникот е отсутен до седум дена, проблемот интерно си го решава училиштето.
– Правиме промена на распоредот, поинаку се организираме. Обично влегува на настава педагогот или психологот или, пак, наставник од другите одделенија, или пак, ако е одделенска настава, едната наставничка работи цел ден. Децата не смеат да губат настава и мора да се згрижат. Не практикуваме да ги испраќаме дома и целосно да губат часови. Ако, сепак, нешто е пропуштено, наставникот потоа часовите си ги одржува и така надоместува затоа што не смее да има нереализиран час. Ние сме должни тие седум дена да ги средиме. Но, ако се работи за отсуство кое е повеќе од седум дена, тогаш бараме согласност за итни и неодложни работи од Општината, па бараме замена од Агенцијата за вработување – појаснува директорката.
Според актуелниот Закон за основно образование, во текот на целата учебна година мора да се реализираат 180 наставни дена. А според новиот закон, кој го најавуваше претходната министерка Рената Дескоска, а на кој сè уште се работи во Министерството, предвидено е да нема повеќе настава во саботите, а бројот на наставни денови да не биде фиксно утврден. Ова е планирано да се направи за да се избегне одработувањето на часови во саботите бидејќи тоа е неефективно.
МОН: Директорот да најде замена
Kога отсуствуваат наставниците од работа поради болест, мора да имаат боледување, информираат во МОН.
– Кога имаат отворено боледување, нивната плата се намалува сразмерно на периодот на отсуство. Ангажираното лице кое ќе го менува отсутниот наставник се исплаќа од средствата што се намалени од платата на отсутниот наставник. Toa значи дека не се работи за нови дополнителни средства – појаснуваат во МОН.
Оттаму додаваат дека директорот е должен да ги почитува законските одредби и да обезбеди континуиран воспитно-образовен процес (член 38 став 6 и член 130 став 1 алинеја 2 од Законот за основното образование).
– Ако наставникот неодложно отсуствува од работа и станува збор за кратко отсуство (еден ден), и тогаш мора да има настава, за што училиштето се организира на друг начин за да се овозможи континуиран образовен процес – додаваат оттаму.
912