Ова е расказ од Иле Михајловски, одделенски наставник во „Кирил и Методиј“ во Свети Николе, дел од книгата која е во изработка. Михајловски важи за многу инспиративен наставник. Тој веќе две децении работи со возрасни и деца со попреченост. Вели дека сите учат заедно, едни од други

Ангела е девојче во нашето одделение кое уште од малечка има сериозни проблеми со физичкото здравје. До запишувањето во прво одделение веќе поминала низ шест-седум операции, а траумите од нив се одразиле и оставиле трага врз нејзиниот карактер и личност. Тивко и повлечено девојче, кое на секоја задача во училиште ѝ приоѓаше со голема одговорност и посветеност. Плашлива како срна, што дел од карактерот што од здравствената состојба. Во првите две години овие особини ѝ претставуваа кочница во напредокот во училиште, повлеченоста и сомневањето во себе не даваа комплетна слика за нејзините целосни можности и способности. Тивка во зборувањето, секогаш со солзи спремни да потечат доколку нешто не сработила или не разбрала на часот. Честото отсуство од наставата поради здравјето беше проблем и за мене да успеам што побрзо да ја опуштам и да ѝ помогнам да го најде своето место меѓу другарчињата. Излегувањето на табла со цел да реши задача во повеќето случаи беше стресна состојба отколку радост да се покаже знаење, најмногу поради сомневањето во своите способности.

Иако во одделението имавме поставено високи стандарди на себеприфаќање и почитување на различностите, со Ангела тоа одеше некако бавно и несигурно. Честопати размислував дека присуството на Максим во нашето одделение ќе ѝ помогне и на Ангела во социјализацијата и интеракцијата со учениците. Кај неа се криеја и таленти кои ѝ помагаа да отскокне повеќе од другите ученици, а тоа мене ми помагаше секогаш да ја пофалам пред целото одделение. Но, создадената лоша слика  за себе кај неа беше нешто што бара време и трпение. Иако во цртањето често правеше магии од колорит, фантазија и уникатни творби, на воодушевувањето од страна на нејзините другарчиња реагираше далеку од скромно. Едвај видлива насмевка на лицето и толку. Дел од неа длабоко беше повреден зашто често отсуствуваше поради здравствените проблеми, па секое повторно враќање во училницата не беше чин на радост, туку повеќе страв и несигурност кај неа. Стравот дека многу пропуштила од наставата, несигурноста дали нејзините способности се доволни за да го постигне пропуштеното.

Ангела е во болница, отсуствува две недели. Другарчињата во одделението беа запознаени, сите го забележуваа нејзиното отсуство. На крајот од втората недела родителите ми најавија дека следната недела ќе се врати во училиште. Понеделник, трета недела. Сите ученици од училишниот двор влегоа во училницата. И Ангела беше меѓу нив. Делумно ведра, но на лицето ѝ се познаваше истоштеност и имаше траги од болеста. Мирно седна на своето столче и се подготви за час. Го започнавме часот со проверка на домашната задача, ја објаснив новата лекција и додека работеа на задачите за вежби, времето го искористив да работам со Максим. Кога веќе сигнализираа дека се готови со задачите, со кренати раце учениците чекаа да ги презентираат решенијата на табла. Еден по еден излегуваа на табла, а скромно и несигурно и Ангела креваше рака. Ја повикав да излезе на табла, ѝ го кажав примерот и стоејќи до неа чекав да започне со решавање. Несигурно започна, гледав дека постапката на решавање оди по ред, но се случи да го згреши конечниот резултат. Со тивок глас се приближив до неа и ја замолив да ја прегледаме задачата од почеток, со цел да ја мотивирам заедно да ја пронајдеме грешката и да го запишеме точниот резултат. Почна да ја чита задачата, гласот полека почна да ѝ трепери и одеднаш престана со читањето. Свесна беше дека има грешка, но не се обидуваше да оди понатаму. Стоејќи до неа, ја очекував нејзината реакција, но продолжив да ја бодрам да се обидеме заедно. Тишина. Солзите како мали бисерчиња се лизгаа по лицето, а од Ангела ниту глас. Сето ова се случуваше пред таблата, јас блиску до неа, но далеку од учениците, далеку од Максим. Додека тивко ѝ зборував дека грешката не е голема и дека таа со моја помош успешно ќе ја реши задачата, Максим успеал да стане од столчето и да дојде до нас. Мене не ми посвети внимание, застана од другата страна на Ангела, го испружи рачето кон нејзиното лице, ја избриша солзата и весело ѝ рече: Плачеш! Додека ја бришеше солзата од нејзиното лице, на неговото немаше загриженост, туку некоја чудна смиреност и насмевка на лицето. Уште еднаш повтори: Плачеш! Ја избриша и другата солза на другиот образ и ја гушна. Потоа тивко прошета низ училницата и се врати на своето место. Сите бевме максимално збунети.
Се свртев кон Ангела, збунета од постапката на Максим, но растрепереноста во раката која полека ја креваше беше исчезната. Ја прашав дали може да ја решиме задачата, а таа тивко ми рече дека го знае резултатот на задачата, со сунѓерот ја избриша грешката и го напиша точното решение. Избрзав во собирањето – ми рече. Гласно ја пофалив пред сите и откако видов дека е смирена, ја упатив на своето место. До крајот на часот решававме задачи со другите ученици, а секој слободен момент го користев да погледнам кон Ангела. Мирно и тивко работеше во тетратката. На одморот ја замолив заедно да ги провериме решенијата на задачите од часот и доколку има потреба, да дообјасниме. Задачите со убав ракопис извезени во тетратката и беа точни. Си отиде на место, ја извади ужината од ранецот и почна да јаде.

Иле Михајловски

По неколку дена од оваа случка на големиот одмор се случи расправија меѓу учениците. Кога влегов во училницата, сè уште се расправаа и момчиња и девојчиња. Тивко ги замолив да седнат на своите места и еден по еден побарав да објаснат што се случило. Во вакви случки, најтешкиот момент е наставникот да биде судија, и тоа праведен. Секој ја кажува својата страна од приказната, некои се поклопуваат, некои не, па откако ќе направиш селекција на поклопувања и разидувања, кругот околу виновниците полека почнува да се намалува. На крајот останаа две девојчиња кои упорно стоеја зад своите приказни, иако не размислуваа дека за целата случка имало присутни сведоци. Во мојата училница постоеше правило кое со текот на времето сите го прифатија. Во тие четири ѕида и во добро и во лошо секогаш се кажува вистината. Откако ги сослушав двете страни, побарав од присутните на настанот со кревање рака да кажат кое од девојчињата ја кажува вистината. Неискреноста во вакви моменти кај учениците кои требаше да потврдат нечија вина беше забраната да зборуваат со мене. Колку и да ви изгледа чудно, функционира. Од мали кога ќе ги научиш на вистина, но и на губење одредена привилегија, максимално се чува искреноста кај децата. Во ваков момент, ученикот кој во својата приказна повеќе лажел отколку што ја кажувал вистината, веднаш се препознава. Весна во тој момент знаеше дека ја изгубила битката со лажење. Ја наведна главата и почна да плаче. Не успеав ниту да довршам дека проблемот едноставно може да се реши, кога Максим стана од столчето, отиде до Весна, со рацете ѝ ја избриша солзата и рече: Плачеш! Се насмеа, ја гушна и се врати на место. Таа тивко се насмеа, ѝ реков дека со еден обичен збор може да ја врати довербата кај другарка ѝ и ја испратив да си го измие лицето.

Ова се само две различни приказни кога Максим ненајавено ќе стане, својствено само за него, ќе забележи кога некое другарче од одделението ќе почне да плаче, и на ист начин ќе го смири. Без разлика дали плачењето е резултат на караница меѓу децата, незнаење, минорна закачка меѓу нив, со смирена насмевка на лицето ги брише солзите од нивните лица, ги гушка и се враќа на своето место. Ако плачењето е резултат на болка, знае и да го погали другарчето по болното место како бонус-терапија!

Еве, веќе петта година Максим ја има улогата на миротворец во моето одделение. Со годините дури и самите ученици кога ќе забележат дека станува за да го реши проблемот на начинот својствен за него, знаат дека му успева. Дури и детето кое плаче, додека Максим се приближува кон него, полека се смирува и додека Максим да му ги избрише солзите, веќе е насмеано и расположено. На неколку пати му се случи дури и да згреши во процената дали некој плаче. Деца како деца, со своите гримаси на лицата, понекогаш не знаеш дали плачат или се смеат, па тој пак тргнува во својата мисија на миротворец во училницата. Знаеме да се насмееме онака од срце кога ќе згреши и ќе погали другарче кое се смеело, ќе види дека нема солзи, па мирен ќе се врати на своето место. И во ниту еден момент не му било важно дали го смирува Лука, Ивана, Петар, Кристина… секогаш еднакво ќе пристапи кон другарче што плаче.

Во литературата честопати читав како лицата со аутизам имаат тешкотии да ги разберат чувствата (тага, среќа, изненадување, радост). Или начинот на кој ги разбираат и манифестираат е многу поразличен од начинот на кој ние ги искажуваме и чувствуваме. Свесен сум дека во работата со Максим често сум се сретнувал со тешкотијата јас да разберам што тој чувствува. И тоа знаело да трае. Затоа што аутизмот не го разбира поимот време! Ни Максим сè уште не успеал да го разбере. И не е важно. Важно е она што ние го научивме од неговата улога на миротворец цело ова време.

И не ми додржува душата да не ви раскажувам за благодатите од работата со Максим. Ми се чини ќе се распукне ако не раскажувам за убавините на различностите во секој од нас. Токму тие мали, на момент невидливи разлики, но сепак силни како атомска бомба, успеваат да го разбудат ЧОВЕКОТ во нас!

Слична содржина:

Иле Михајловски, наставник: Не е тешко да направиш добар ученик колку што е тешко да направиш човек!

Иле Михајловски, наставник: Родителите на деца со аутизам се најголемите борци што ги имам сретнато. Секоја чест за нив!



912

X