Извадок од книгата „Болка со рок на траење“ на Новица Коцев, која е во изработка. Има 25 години и е дипломиран новинар по професија. Со пишување поезија и проза се занимава од 10. година. Роден е во Свети Николе, но веќе некое време живее во САД. „Болка со рок на траење“ е ризница од многу секојдневни ситуации со кои, како што верува авторот, секој барем еднаш би се поистоветил, како и потсетник за текот на животот, дека сме сакани и дека треба да дариме љубов

Некогаш, мама и тато ти велеле дека има поголеми проблеми од четворката по математика и изгребаното колено по играта со маалските другарчиња. Некогаш, мама и тато ти овозможиле сè, не ти недостигало ништо, а сепак си мислел дека има многу повеќе што треба или барем би сакал да го имаш. Некогаш мама и тато биле будни цела ноќ, иако срцето им плачело за спиење, само за да бидат покрај тебе кога ќе се разбудиш среде ноќ поради пролетната настинка. Мама и тато, некогаш, правеле возможно од секоја, навидум, невозможна (не)прилика. Давале душа и ставале рака в оган за тебе. И секогаш биле во право. Секогаш. И секогаш наоѓале пари за да одиш на училишната екскурзија, само за да не те одвојат од другарчињата. И секогаш наоѓале понекоја стуткана банкнота за да си купиш појадок на големиот одмор. И плус те бакнувале в чело за убав ден. И плус, секогаш те пречекувале со насмевка. Велам, секогаш.

И наеднаш веќе имаш дваесет. И плус три. Плус пет. Наеднаш го сфаќаш сето она што мама и тато некогаш ти го кажале или направиле. И си го враќаш филмот за четворката по математика, затоа што сега проблемот е поголем. И пролетната настинка е тука, но пред да одиш да спиеш, ги оставаш лековите на масичката до креветот. Сам водиш сметка. И нема банкнота за појадок. Сам продолжуваш. Паѓаш. Стануваш. Се бориш. Освојуваш. И се заблагодаруваш. Одиш напред. Ги тапкаш по рамо на крајот од денот и велиш благодарам. Се заблагодаруваш затоа што веќе не си малечкото на кое туѓите зборови му избледуваат во меморијата. Не си малечкото кое има проблем со домашната задача.

И сега игнорираш зборови.
И сега имаш задача.
Зборови на погрешни луѓе.
Задача – да бидеш човек.

Сега, биди човек.
И сега си малечкото, но само на мама и тато.



912

X