Голем број истражувања во областа на психологијата дошле до сознанија дека оптимистичните деца се психички поздрави, имаат подобар имунитет, поотпорни се на стрес и поуспешни на училиште, a подоцна и воопшто во животот

Многумина го дефинираат оптимизмот како гледање на животот низ розови очила, но во суштина оптимизмот е многу повеќе од тоа. Оптимизмот е животен став, начин на размислување, состојба на духот. Она што во суштина ги разликува оптимистите од песимистите е начинот на кој тие ги објаснуваат причините за добрите или лошите случувања околу нив. Оптимистите кога ќе се соочат со одреден проблем, веруваат дека можат да го решат и дека на крајот сè ќе биде добро, додека песимистите размислуваат спротивно. Тие во главата си креираат негативни сценарија, а решението за проблемот не веруваат дека зависи од нив.

Всушност, начинот на кој луѓето ги објаснуваат причините за случувањата околу нив во психологијата е дефиниран како експланаторен или атрибуциски стил и според психологот Мартин Селигман, тој се развива до осмата година од животот. Тоа истовремено значи дека децата можат да го променат начинот на размислување дури и ако во минатото мислеле песимистично доколку се работи со нив, а родителите значително можат да влијаат врз тоа.

Голем број истражувања во областа на психологијата дошле до сознанија дека оптимистичните деца се психички поздрави, имаат подобар имунитет, поотпорни се на стрес и поуспешни на училиште, a подоцна и воопшто во животот.

Според психолозите, родителите се првите лица со кои детето се среќава и нивниот начин на воспитување во голема мера влијае врз развој на оптимизмот. Доколку тие им покажуваат на децата оптимистичен начин на објаснување на случувањата, го наградуваат оптимизмот и не упатуваат чести критики кон детето, поголема е веројатноста тие да израснат во оптимистични лица.

Ајде тогаш да видиме на кој начин родителите можат да го развиваат оптимизмот кај децата:

1. Играјте игра на перспектива. Суштината на оваа игра е да се обидувате да предвидите каков ќе биде исходот од некоја ситуација, а подоцна да видите и кој од вас бил во право. На пример, додека патувате, пред да поминете низ тунел, да погодувате дали тунелот е краток или долг.

2. Креирајте ритуали на среќа за време на заедничките семејни оброци. На пример, за време на вечерата практикувајте секој од вас да каже по две убави работи што му се случиле во текот на денот.

3. Фалете го двојно повеќе отколку што го критикувате детето. Уверете го дека самостојно може да ги изведува активностите типични за неговата возраст и воздржете се да не му помогнете, на тој начин влијаете врз неговата автономност и самодоверба праќајќи ја пораката: ТИ МОЖЕШ. На пример, бидете трпеливи додека ги врзува врвките од патиките без оглед колку бавно го прави тоа. На крајот, повторно пофалете го иако во текот на некој претходен пат веќе сте го направиле тоа.

4. Внимавајте на терминологијата што ја користите. Вашиот став е важен, а вашиот оптимизам е пресуден за и детето да стане оптимист. Многу е важно како реагирате во ситуации што не ви се пријатни и дали во таквите ситуации ќе гледате проблем или предизвик. Па така, доколку се најдете во сообраќаен метеж, наместо да се нервирате и да бидете негативни, искористете го времето да играте некоја интересна игра со детето. Сте пробале ли со „на буква на буква“, „каладонт“ или можеби брза географија. Сеедно, и заедничкото пеење е одлична алтернатива наместо коментари за метежот, повторувањето дека доцните некаде или занимацијата со мобилниот телефон.

5. Поттикнувајте го детето да им помага на другите – една од главните карактеристики на среќните луѓе е помошта на другите дури и кога не постои директна потреба за тоа. Да му помогне на другарчето доколку падне, да му помогне на соседот во носење на торбата или отворање на вратата и слично.

6. Почесто истакнувајте што ви се допаѓа кај децата и за што сте благодарни. На децата им е многу важно спознанието дека ви требаат и дека сте благодарни за многу работи што ги прават, па затоа секојпат кога ќе ве направат среќни и задоволни, кажувајте им го тоа. Притоа, тоа не мора да бидат големи работи. Изненадната прегратка, самостојното облекување или средување на играчките се одлична причина да им дадете признание за да спознаат дека среќата навистина може да дојде од мали работи, а тие и тоа како се способни да ги прават.

Автор: Фросина Денкова Зафировска, психолог



912

X