Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработката помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Можете ли да ми дадете совет околу агресивното однесување на моите две мали деца. Машкото има 3 години, а девојчето има 5 години. Децата се слични по карактер, имаат напади на бес и многу опасно се тепаат меѓу себе – фрлаат играчки, растураат, се штипат… Децата се непослушни. Како да го вратам авторитетот над нив и кој е правилниот начин да реагирам кога имаат тантруми (кај поголемото дете се повеќе застапени и почести)?

Прашува: Марија

ОДГОВОР: Почитувана, агресивното однесување, изливите на бес (тантруми) се карактеристичен дел од растот и развојот на децата. Справувањето со нив претставува предизвик за секој родител. Постојат генерални причини за појавување на агресивното однесување, но сепак важно е да знаете дека пристапот за справување со нив e индивидуален и зависи од целокупната семејна динамика.

Јана Зенговска

Често во средина во која не се јасно поставени граници помеѓу дозволено и недозволено однесување или, пак, истите се поместуваат од најразлични причини се случува детето да стане раздразливо/агресивно штом ќе се соочи и со најмалите забрани кои во дадениот момент не значат задоволување на неговите желби.

Кога станува збор за поставување јасни граници, потребно е тие да се во согласност со возраста и можностите на децата. Со мирен тон, јасно, на ниво соодветно за возраста на децата треба да се договорите за правилата што ќе важат во вашето семејство. На пример, правило: По завршувањето на играњето децата, во согласност со своите можности, треба да ги вратат играчките на свое место. Поставување граница: Без оглед на тоа колку децата ќе се обидуваат да избегнат расчистување и средување на играчките (ќе плачат, молат, викаат, обвинуваат, ќе имаат изливи на бес…), вие ќе инсистирате на договореното правило со мирен тон и ќе ги потсетувате на него. Пример: „Се договоривме дека по завршување на играњето ќе ги средите играчките. Завршивте со играње и време е за средување. Јас ве сакам многу, но ова е правило што треба да го почитувате…“

Наведувате дека се случуваат тепачки помеѓу децата и дека ова однесување е повеќе изразено кај ќерката. Овие тепачки помеѓу децата најчесто се јавуваат поради потреба од внимание или, пак, неможност да се соочат или препознаат одредени емоции.
Кога некое дете е тажно, исплашено или пак осамено, се случува да реагира бурно (агресивно) вклучувајќи и удирање, штипење итн. Ваквите реакции на децата предизвикуваат и реакција од ваша страна или, гледано од аспект на децата, го добиле вниманието што им било потребно. За децата е поважно да добијат какво било внимание отколку тоа да го нема. Најлесно да се доближите до децата и да ги разберете преку игра.

Играјте игри со измислени ликови (креирани од децата), замена на улоги, правете различни гримаси кои покажуваат одредени емоции, бојте, цртајте итн. Играјте игри во кои децата се херои, главни и важни со цел да можат целокупниот бес/револт да го канализираат на еден безбеден и конструктивен начин. Креирајте заеднички игри кои бараат активно учество од сите во семејството.

Обидете се да го ограничите времето поминато пред телевизор или мобилен телефон. Кога ќе видите дека сами се смириле, или се заиграле, се грижат еден за друг, пофалете ги. Не е целта да се потисне агресивното однесување бидејќи долгорочно ќе предизвика други проблеми во функционирањето на детето. Важно е да се утврди потребата која се обидува детето да ја задоволи преку однесувањето.

Одговара: Јана Зенговска, лиценциран психолог и гешталт-психотерапевт под супервизија во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com
тел. 071 221 808

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X