Децата и училишниот кадар правеле градина, организираат изложби, подготвуваат храна, пишуваат поезија, дизајнираат…

За да му се приклучат на светот во најголемиот предизвик на денешницата – борбата за зачувување на планетата и нашата цивилизација, патрониот празник во скопското Основно училиште „Ѓорче Петров“, учениците, вработените во училиштето и родителите го посветиле на еко-активизмот. Но ова не е единствената активност со која учениците учат да ја сакаат природата, да работат тимски, да бидат дисциплинирани, се учат на претприемништво… Децата и училишниот кадар правеле градина, организираат изложби, подготвуваат храна, пишуваат поезија, дизајнираат…

– Сигурни сме и дека нашиот патрон Ѓорче Петров да беше наш современик, ќе ни се приклучеше во таа борба. Денес повеќе од кога било луѓето го минимизираат својот отпад и ѝ помагаат на животната средина преку селекција, рециклирање, реупотреба на материјали како што се пластиката, хартијата, алуминиумот и слично. И затоа апелираме: „Да го дадеме сите својот придонес во селектирањето, рециклирањето и изнаоѓањето инвентивни решенија за овој горлив проблем“ – вели Емилија Дамјановиќ, наставничка по музичко образование, координатор за естетско уредување и односи со јавноста.

Дамјановиќ, која е и фриленс-дизајнер, е автор и координатор на целокупниот проект.

За визуелниот ефект на настанот да биде потполн, учениците од сите одделенија изработиле и уметнички дела од рециклирачки материјали кои биле изложени во холот на училиштето каде што се одвивала модната ревија.
– Проектот со наслов „На модна писта – За природа чиста“ не е единствен проект со кој училиштето ги интегрира  екологијата, модата, музиката, креативноста, претприемништвото, здравата исхрана …Преку е-твининг проектот Hobby Gardens (Хоби градини) учениците направија мини-градина и обезбедија соодветна средина (почва и заштита) за растот на зеленчукот што го посадија – вели Дамјановиќ.

– Преку овој проект на градинарство и одгледување градинарски култури се доближивме до почвата и научивме сами да одгледуваме спанаќ и авокадо. Истражувавме за нутритивните вредности и уживавме во производството и одгледувањето – објаснува наставничката.

Децата на крајот го набрале спанаќот и направиле вкусна пита!

-Преку овој проект не само што се поттикнува градинарството, самостојното и независно производство на храна, здравата исхрана, претприемништвото, туку и социјалното и емоционалното учење, преку тимската работа, преку одговорноста и дисциплината при работниот процес од идеја до продукт – вели Дамјановиќ.

Фото: „Јутјуб“

Уште еден интересен проект кој ја буди креативноста кај учениците е „We Wear What We Sing“.
– Учениците се претставија себеси (и нивните училишта/градови) со објавување фотографии и описи, со креирање видеа… Тие избираа песна што најдобро ги опишува или ги опишува чувствата на пријателство, љубов или другарство и создадоа маичка врз основа на тоа. Учениците исто така ги презентираа песната и нејзиниот автор/пејач со користење различни програми и апликации и ја користеа нивната имагинација и креативност. Тие создадоа и квиз-игра, така што партнерите од други земји можат да играат. На крајот се поврзаа едни со други преку форум за да најдат е-пријатели и да си пишуваат електронски пораки за да дознаат повеќе за земјите и културите. Во проектот учествуваа училишта партнери од Шпанија, Португалија, Полска, Романија, Италија, Грузија, Турција. Јас бев ментор во овој проект – вели Дамјановиќ.

Излети, прошетки во природа, маратони, спортски активности се дел од она што се организира во ова скопско училиште.



912

X