Нема казнување и децата не чувствуваат страв. Може да се случи да плачат деца кои се нови или двегодишници. Сите други уживаат во градинката и воопшто не прашуваат кога ќе си одат

Децата учат да готват, двегодишници сами јадат супа, возат велосипеди без помошни тркала, уживаат во природата, учат да се грижат за неа, не им пречи и на студено да играат надвор… Ова е само дел од сликата од градинка во Литванија, во која огромен акцент се става на природата. За тоа како функционира, ни раскажа психологот Марија Десподова, волонтер во оваа градинка.

Таа ни го раскажа искуството за сите да научиме нешто ново од средина која е стимулативна за развојот на децата. Објаснува дека презаштитничкото однесување на родителите и едукаторите ги згаснува потенцијалите кои секое дете ги носи во себе, а кога границите се премногу строго поставени, се скратува можноста за истражување, која е важна за развојот на секое дете.

Акцент на потребата од природата, нејзино користење, чување и негување се дава во сè повеќе градинки во многу развиени земји во светот.

– Ме воодушеви поради пристапот што персоналот го има кон децата, а ја избрав неа токму поради фактот дека сите активности се одвиваат во природа без разлика на временските услови, дали е студено, врне снег, дожд или пак грее сонце. Секое дете носи херој во себе кој треба да го храни. Без сомнеж оваа градинка е место каде што тоа секојдневно се случува. Постојат само две градинки од ваков тип, едната се наоѓа во главниот град Вилниус, а втората е во Каунас – вели Марија.

Денот почнува со песна и игра

Денот во градинката почнува во 8 часот, но пречекувањето на сите деца што се дел од активностите е до 9 часот. Најпрво се пее песна за добро утро и се играат игри кои имаат едукативен карактер.

– Игрите се за учење бои, животни или броеви. Секој ден има различна тематика – вели нашата соговорничка.

Марија Десподова, психолог

Паѓање – нормална работа

Во понеделник, споделува Марија, децата шетаат во шума и собираат отпадоци за да научат дека не треба да се загадува средината во која живееме. Децата се натпреваруваат кој ќе собере повеќе.

– Вторник е ден за возење велосипеди. Верувајте, 2-годишни деца не возат велосипед со помошни тркала, ниту пак тие што се повозрасни. Овој момент ме вчудовиди, а истовремено и ме воодушеви. Кога некој ќе падне, не се посветува внимание на неговиот пад. Тоа се смета за дел од процесот на учење за тоа како да се движиме и е сосема нормална појава и никој не зазема заштитничка улога. Така, кога некои од децата ќе паднат, без разлика дали е тоа со велосипед или при одење, стануваат и продолжуваат, воопшто не заплакуваат – вели Марија.

Сами готват и јадат

Среда е ден за учење за природата и подобро запознавање со неа. Четврток, пак, е ден во градинката за уметност и креативни изработки од природни материјали.

– Во петок секое од децата учи да приготвува храна, а ова е заеднички процес на сите. По готвењето сите заедно ручаат од она што го направиле – раскажува Марија.

Здрава храна

За првиот оброк во градинката секој со себе си носи ужина подготвена од родителите, но мора да се почитува правилото дека ужината мора да вклучува здрави продукти.

– Ужината е најчесто во природа каде што сите седат во круг и се пее песна за да се заблагодарат за храната што ја јадат и потоа секој од нив сам почнува со јадење. Во своите пластични кутии често имаат пораки оставени од нивните родители за убав ден или, пак, да им кажат колку ги сакаат – вели психологот.

Таа става акцент на тоа дека децата сами јадат.

– За време на ручекот најпрво две деца им ги делат чашите за вода на сите, други две деца сипуваат вода во чашите. Потоа други две деца ги делат чиниите. Храната што ја јадат е исклучиво здрава, а од месо единствено јадат риба.
Сите деца, без разлика дали се на возраст на 2, 3 или 4 години, сами јадат супа со правилно држење на лажицата, како и останатиот дел од ручекот – раскажува Марија.

Децата преспиваат во текот на денот за потоа повторно да си играат што сакаат во големиот двор, кој е составен дел на градинката. Денот завршува со вечерата.
– Нашиот систем и ментален склоп, за жал, сè уште не ја препознава потребата за ваков начин на едукација. Децата никогаш нема да ги послушаат нашите зборови, тие ќе го следат примерот што им го даваме. Затоа, делот на давање простор и хранење на херојот најпрво почнува со наш идивидуален процес. Па така, најпрво да ги ослободиме и храниме хероите што се во нас – вели Марија.

Нема казни и страв

Психологот раскажува дека односот на наставниците со децата е пријателски и воопшто не е воспоставен авторитет. Нема казнување и децата не чувствуваат страв.
– Може да се случи да плачат деца што се нови или двегодишници. Сите други уживаат во градинката и воопшто не прашуваат кога ќе си одат. Секое утро доаѓаат со насмевка како тоа да е местото каде што најмногу сакаат да бидат – вели Марија.

Инаку, родителите не се поставуваат заштитнички.
– Секојдневно на група на „Фејсбук“ во која се родителите и наставниците се споделуваат фотографии и видеа од тоа што се работело тој ден. Децата генерално се весели и се дружат и си даваат љубов едни на други – додава Марија.

Десподова е тениски тренер и често игра тенис со децата. Теренот за оваа игра го направиле од природни материјали

Психологот објаснува дека одењето во градинка е еден од најважните периоди во животот на детето за негово осамостојување и напуштање на егоцентризмот – од „постојам само јас“ и спознавање на светот околу себе во релација со другите деца до „постојат и други“.

– Истражувањата покажуваат дека кај децата што одат во градинка здравјето и добросостојбата се подобри и дека овој момент е значаен за развивање на социјалните вештини и желбата за учење на нови работи. Нивната самодоверба и независност се повисоки во споредба со другите деца. Децата учат да соработуваат со другите деца, да ги делат играчки, да играат заедно, да ја изразуваат својата креативност низ спорт, танц , уметност. Тие ги подобруваат своите комуникациски способности со слушање и разговарање со другите деца и едукаторот – додава Десподова.



912

X