Мајката на сега 15-годишниот Анди вели дека тој и во автобус растел. Порачува: „Не сме ни свесни колкава ни е моќта. Треба само да се каже: јас можам“
Ја викаат Маки 35-ка и ретко кој од редовните патници на оваа скопска градска автобуска линија не ја знае. Насмеана, ведра, Макфире Шакири веќе 13 години како возач на автобус се справува со големите градски метежи, сообраќајната (не)култура, пристојни, непристојни, но и нервозни и дрски возачи и патници… Мајката на сега 15-годишниот Анди вели дека тој и во автобус растел, било тешко, но со помош на добри луѓе ѝ се ределе коцките во животот. Порачува: „Верувајте во себе. Нема да го направиме само она што не сакаме или цврсто не сме решени дека треба“.
Може малку да се изненадите кога првпат ќе ја видите зашто ви се врежало очекување во главата дека возач на автобус треба да е маж или многу крупна жена. Макфире е ситна, нежна.
– Сите така ми велат – се смее Макфире. – Им одговарам дека автобус со главата се вози. Силата и нема голем удел.
Нашите грешки може да не се поправаат
Во текот на работата во Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје има возено на сите линии во Скопје. Важи за одговорен и прецизен возач.
– Ова е многу одговорна и тешка професија. Генерално, немам проблем со патниците, редовните ме знаат. Сите влегуваат со поздрав. Иако има различни ситуации. Знаете, нашата сообраќајна култура е под ниво. Не ни даваат првенство, нè пресекуваат вo возење… Пред некое време патот ми го пресече жена што возеше деца. Морав да подзакочам, па една патничка падна во автобусот. Тоа е голем стрес. Таа жена со деца во автомобилот сече 12-тонско возило. Зошто да не внимаваат возачите? Зошто да не се донесе одлука нашите ленти да се слободни? – вели Макфире.
Во нејзината професија мора да си смирен.
– Има тешки ситуации, стресни ситуации. Но, мора да си смирен. Нашите грешки може да не се поправат – потенцира Макфире.
Раскажува дека уште како дете многу сакала автобуси. Им ги запишувала регистрациите, користела шанса да се вози, барала да седи на возачкото место…
– Татко ми, покоен, ми беше поддршка. Им бев чудна на другите од околината. Нели женско, па, според нив, покажував чуден интерес и му приговараа на татко ми. А тој ми велеше – вода што тече се пие, а вода што стои – смрди. „Нека си шета девојчето“, велеше. И така, во животот имав среќа да среќавам добри луѓе и да ми помагаат. Господ ми ги праќа – раскажува нашата соговорничка.
И во автобус растеше
Анди од мал е навикнат на работата на мајка му. Таа вели дека се случувало да се вози со неа и кога сакал да игра, зашто ете, немало кој да го причува.
– Се случувало патник да го причува. Не сакаше да се вози многу со мене, сакаше да си игра, иако некогаш немаше друго решение. И во автобусот растеше. И со сируп во чанта сум возела. Кога појде во градинка, беше полесно. Имам добри пријатели, родинини, па еден ќе го однесе, друг некогаш ќе го земе… Мене работното време ми почнуваше во 4:30 наутро. Порасна. Помина тоа, колку и да ми било тешко, помлада бев, друго беше – се смее Макфире.
За неа е многу битно Анди да биде чесен и вреден и вели дека се надева оти му дала добар пример.
– Анди е одличен ученик, спортува, зборува одлично и англиски, македонски, турски. Сега заедно учиме германски. Синот многу ми помага по дома. Скоро имав здравствен проблем и морав да лежам, па тој сè правеше по дома – се гордее Макфире.
За неа нема женска и машка професија.
– Не сме ни свесни колкава ни е моќта. Познавам жена-столар. Треба само да се каже „јас можам“ – потенцира таа.
912