Децата најмногу се радуваат на нови книги, приказни и нови активности. Тие уживаат во сите задачи што ги подготвувам. Многу лесно и брзо ги совладуваат буквите и пишувањето, но читањето им оди малку потешко, веројатно затоа што се изложени на книги на македонски јазик само кога се во училиштето, објаснува наставничката Менка Лошкоска-Постолов

Македонскиот јазик се изучува и во Нов Зеланд. Наставничката Менка Лошкоска-Постолов веќе шест години е посветена на предавање македонски јазик на ученици од основно школо во Окленд, каде што живее од 2005 година. Станува збор за најголемиот град во Нов Зеланд, во кој живеат повеќе од 1.600.000 жители.

Лошкоска-Постолов пред да се пресели во Нов Зеланд предавала македонски јазик во училиште во Битола. Во Окленд во 2013 година почнала да им држи часови на деца во импровизирано училиште, а главната цел ѝ била децата да се дружат и да учат зборувајќи македонски јазик.

Училиштето брои 26 ученици

– Почетокот мораше да биде едноставен со оглед на тоа дека и децата имаа минимални познавања од македонскиот јазик, а некои и воопшто не зборуваа македонски. Како што нивното знаење напредуваше, така и часовите почнаа да стануваат покомплексни и соодветни на интересот на децата. Денес училиштето брои 26 ученици, поделени во две групи. Првата група е составена од деца на возраст од 4 до 7 години, кои учат правилен изговор, препознавање и пишување на буквите од азбуката. Најмалите се посветени на учење на јазикот и познавања од општа култура: денови од неделата, броење, бои итн. Втората група е составена од деца на возраст од 7 до 11 години. Децата од оваа група се целосно посветени на пишување и читање на македонски јазик – објаснува Лошкоска-Постолов.

Таа објаснува дека годинава се формирани две групи и дел од родителите волонтираат и ѝ помагаат во реализацијата на наставата.
– Со помалечките, на кои им е потребно внимание еден на еден, работам јас. Сите деца имаат македонско потекло и барем еден од родителите е Македонец. Засега не сме имале интерес за изучување на јазикот од странци, а и капацитетот на училиштето не е толку голем – објаснува таа.

Менка е среќна што нејзините ученици возбудени доаѓаат во училиштето.
– Децата најмногу се радуваат на нови книги, приказни и нови активности. Тие уживаат во сите задачи што ги подготвувам. Многу лесно и брзо ги совладуваат буквите и пишувањето, но читањето им оди малку потешко, веројатно затоа што се изложени на книги на македонски јазик само кога се во училиштето – објаснува наставничката.

Родители волонтираат

Ни се наметна прашањето како стигнуваат до соодветни материјали и литература. Менка главно тоа го прави сама, при нејзина посета на Македонија.
– Неодамна имавме и великодушна донација од невладината организација „Нов контакт“, која донира стотина книги на македонски јазик. Ова беше прва донација од ваков тип и се надеваме дека и во иднина ќе имаме соработка со оваа и други организации – посочува Лошкоска-Постолов.

Таа објаснува дека родителите на децата што ја следат наставата се искрено заинтересирани нивните деца да го научат и дома да комуницираат на македонски јазик.
– Децата што доаѓаат од мешани бракови имаат огромна поддршка и од двајцата родители за изучување на македонскиот јазик – додава таа.

Со оглед на тоа дека таа предавала македонски јазик во основно училиште во Битола, ја замоливме да ни ги спореди двата образовни системи.

– Познавајќи го образовниот систем во Македонија, можам да кажам дека тој во Нов Зеланд е многу порелаксиран и дека децата не чувствуваат премногу голем притисок. Има многу за учење и многу за работа, меѓутоа, наставата (особено во првите години) е преку игра и има голем фокус на индивидуалниот интерес на секое дете. Децата тргнуваат во основно училиште на пет години (веднаш по нивниот роденден, а не на почетокот на полугодието) и извонредно е да се види како на толку мала возраст веќе учат да читаат и да пишуваат. Исто така, голем фокус во сите школи има на практичните искуства, а не само на теоријата. Децата се поттикнуваат да се гордеат со тоа од каде доaѓаат и со јазикот што го зборуваат и често во училиштата има настани на кои се прославуваат различните култури и јазици – посочи таа.



912

X