На овие одмори ги нема мама и тато. Децата имаат обврска секое утро навреме да стануваат, сами да си ја наместат постелата, да се измијат и да се средат за на појадок. Има ред, се знае што се прави во секое време. Ова ги прави поодговорни и понезависни и затоа е важно родителите да ги испраќаат своите деца на вакви летувања

Екскурзиите и летувањата организирани преку училиштето се паметат долго откако ќе се завршат. Дружењето во училиштето е убаво, но она дружење што се случува надвор од него е посебно искуство за секое дете поради поголемата слобода и затоа што времето поминатото со другарчињата е подолго.
Но, да се носат четириесетина ученици на летување не е лесно. Сепак, е многу убаво искуство и за нас, наставниците, што ги водиме, и за самите деца, вели Мирјана Симоновик, наставничката во училиштето „Тоде Хаџи Тефов“ од Кавадарци, која со години наназад носи деца на летување. Таа и нејзините колеги Сандра Колева и Гоце Крстев неодамна се вратија од Кожуф, каде што заедно со нивните ученици престојуваа во одморалиштето во Михајлово што се наоѓа во планината.

Тешко ли е еден наставник да се грижи за толку деца наеднаш? Кои се придобивките за децата од овие летувања со другарчињата од училиште? Која е разликата меѓу односот наставник-дете во училницата и оној на летување? За сето ова позборувавме со наставничката Симоновик.

Одговорноста е огромна

Грижата и одговорноста на наставникот што води деца на летување се големи бидејќи целото време го поминува заедно со нив. Наставничката вели дека грижата за секое дете во одморалиште е 24-часовна.
– Постојано внимаваме на нив. Стоиме до децата додека јадат. Не смее ниту едно дете да остане гладно. Наставникот е тој што мора да е подготвен за секоја непредвидена ситуација. Уште на поаѓање, одговорниот наставник е должен да си ја собере групата и да ја води до одморалиштето, да си ги смести децата и додека се таму е должен да се грижи за нив – вели Симоновик.

Прошетки во шумата

По појадокот, децата заминуваат со своите наставници на прошетка низ шумата. Се запознаваат со растителниот и животинскиот свет, а за сè што ги интересира, тука се наставниците да објаснат.
– Одморот е одлична можност за децата да се запознаат со билките, со релјефот, шумите. Еднаш видовме лисица додека се шетавме. Учиме како да се чува природата со организирање самоиницијативно една екоакција, собиравме отпад. По прошетката се враќаме на ручек, по што имаат два часа за слободни активности. Во тоа време играат карти, фудбал, некои деца си читаат. Следуваат забавно-рекреативните игри што ги организира раководството во одморалиштето, па има аниматори и на децата им е многу интересно. Имаат и забава во дворот, слушаат музика, па одат во собите на спиење – раскажува наставничката.

Таа додава дека е заморно на овие патувања зашто наставникот не може да легне пред еден часот, а следното утро мора да стане околу седум часот.

– Некои соби се „поживи“, децата сакаат да си поседат, па ги оставаме. Но некогаш тоа излегува од контрола, почнуваат да се смеат и да им пречат на другите, па ние сме тука да реагираме – вели таа.

Патувањата се важни за развојот на личноста

На овие одмори ги нема мама и тато. Децата имаат обврска секое утро навреме да стануваат, сами да си ја наместат постелата, да се измијат и да се средат за на појадок. Ова ги прави поодговорни и понезависни и затоа е важно родителите да ги испраќаат своите деца на вакви летувања, вели наставничката.
– Придобивки од овие патувања има многу. Стекнуваат навики, сакаат кога има ред и точно време за сè. Не се сите деца исти, имаме деца што се многу слободни, но и такви што се позатворени. Овде сите си поминуваат убаво. Најчесто првите два дена се постегнати, но потоа ги оставаат телефоните и низ игрите почнуваат полека да се запознаваат, да се дружат и да се социјализираат. Мене ми е многу мило кога го гледам опуштени, насмеани, позитивни, се смеат. Некако поискрени се таму отколку кога се во училиште. Тука се раѓаат и првите симпатии, па се ослободуваат и ми се доверуваат и велат: „Не кажувајте ѝ на мама, наставничке“ – вели Симоновик.

Секоја година има голем интерес  кај учениците од училиштето „Тоде Хаџи Тефов“ за летување во одморалиштето на Кожуф. Затоа, од ова училиште се организираат два термина во текот на летото во кои наставници престојуваат таму со ученици. Групата на секој наставник не е поголема од 15 деца, а претежно секој наставник си носи ученици од своето одделение бидејќи добро ги познава.



912

X