Докторката објаснува зошто е значајно децата да се вклучуваат во вакви активности, работилници

Отпад кој би завршил во канта, д-р Наталија Милорадовска од Кочани го претвора во прекрасни детски играчки. Неретко ги изработува заедно со дечиња. Така, сламки, искористени чашки, разни кутичиња, копчиња, салфетки, шишиња… се претвораат во кукли Бетмен, камиончиња, замоци, животински фарми, интересни кутии за подароци…

Д-р Милорадовска е специјализант во Институтот за јавно здравје.
– Креативноста е дефинирана како човекова способност да пронајде оригинално решение на зададен проблем. Една од значајностите на креативноста е дивергентното размислување, т.е. размислување насочено кон многу потенцијални решенија, наспроти конвергентното размислување кое претставува фокусирање на едно „точно“ решение. Користам различни материјали и предмети кои не би ги употребиле за друго, но најчесто такви што не се опасност за детето, за да не се повреди – вели Наталија.

Таа објаснува зошто е важно децата да се вклучуваат во вакви активности, работилници.
– Основна цел е децата да го истражат својот креативен потенцијал, а и континуирано да го негуваат и развиваат. Вклучувајќи се во индивидуални и тимски проекти, ги усовршуваат фините моторички вештини. Овие работилници даваат придонес во развивањето на когнитивните вештини, како што се аналитичкото и научното размислување – вели нашата соговорничка.

Децата развиваат многу вештини. Една од нив е т.н. билатерална координација (способност да се користи левата и десната страна на телото на еднаков начин, во овој случај рацете).
– Се подобрува визуализацијата на децата. Малите деца не прават разлика во големина, растојание или текстура, па ова е одличен начин да се развие таа вештина. И многу други, како подобрување на концентрација, подобрување на расположение, подобрување на моторни вештини…- вели Милорадовска.

Таа објаснува дека повеќето од родителите денес во воспитувањето на децата многу често се служат со материјални стимуланси. Децата што имаат таков третман најчесто учат и себеси и другите да ги оценуваат врз основа на материјалното добро со кое располагаат.

– Да не дозволиме да надвладеат вакви дискриминации меѓу децата и материјалните работи да бидат тие што ќе ги обликуваат нивните карактерни особини. Да ги поттикнеме родителите повеќе да работат со нив затоа што детето најмногу низ игра го учи и развива својот однос со околината – порачува Наталија.



912

X