Совршеното тело отсекогаш било женски сон. Но, поимот за тоа што е совршено се менувал низ историјата. Така, ако до 17 век слабите жени биле симбол на сиромаштија, веќе на почетокот на 20 век тие почнале да ги покажуваат своите облини… А сега? Сега, иако има позитивни трендови за прифаќање на реалното женско тело, сè уште влијаат суровите наметнати ставови за тоа колку слабо треба да изгледа една жена. Но, да го оставиме тоа за друга пригода.

Бременоста менува многу работи во животот. Нормално е да влијае и врз личноста и врз телото. Градите се зголемуваат, стомакот расте како балон, или поточно како пилатес-топка – добро, од помалите. Ова е реалност што секоја идна мајка треба да ја знае. Ќе се прашувате што се случило со вашето тело, ќе одите тешко, нозете ќе ви отекуваат… И на моменти кога ќе заборавите дека сте бремени, брзото заморување или губењето здив ќе ве потсети на тоа. А, да, и стрии може да имате и мала е веројатноста дека некогаш ќе исчезнат, онака сами од себе. Ќе сменат изглед и боја, но ќе ви бидат верни другарки до крајот на животот. Може да добиете и други другарки (хемороиди, истакнати вени) ама ајда да не се плашиме премногу.
Овие промени ги нема на идеалните фотографии што редовно ги гледаме на интернет. На идеалното женско тело нема вакви чудесии, нели?

Дијана Станчевска

Пред првата бременост ќе скроите цел куп планови како сè ќе функционира кога бебето ќе дојде дома. Веднаш се замислувате како тазе, згодна мама, ги држите сите конци в раце, бебе, прошетки, туркање количка со штосно фризурче… Но…
Една голема болка и најпрекрасниот плач на планетата ќе ви го промени животот за 360 степени. Ретко која од нас сето ова успева да го постигне набрзо по породувањето. А како ќе ги доживеете промените, зависи од вас. Јас ги избрав шарените очила, оние што освен бои прикажуваат и радост.

Не, не очекувајте да ослабнете веднаш штом ќе пристигне бебето. И не потресувајте се толку околу тоа. Стресот е негативен гратис во тие моменти. Тешко дека секој ден ќе имате средена фризура, а за чевли на потпетици… Што беше тоа?

Во моето несовршено тело пораснаа 3 бебиња и имам три лузни од царски рез. И поминав многу од работите што ги раскажувам. Но периодот по породување ми беше убав. Можеби ќе звучи лудо, но тоа се моите белези на моите три среќи.

Пред некој ден, облекувајќи се, ќерка ми ми постави цел куп прашања за моите несовршености. Како ќе одиш на плажа, те болат ли лузните, ќе ги снема ли стриите, ќе бидеш ли некогаш како порано… Разговаравме многу долго. Јас не ги кријам несовршеностите пред неа. Заедно низ разговор ќе ги скршиме стереотипите.
Зарем можам да гарантирам дека моето девојче кога ќе порасне ќе има идеална димензија на нозете (како оние што ги гледа на екраните) или густа коса, идеално струкче…? Никако! Она што можам да ја научам се здрави навики и да го сака своето тело. Онакво какво што е, секој ден, во каква и да е фаза од животот. Оти не секогаш ни тече мед и млеко, а за да проработат моите шарени очила, сепак, потребно е и малку искуство.

Затоа, ајде секоја од нас прво дома нека ја почне битка со стереотипите. Да ги учиме девојчињата да не се изгубат себеси бркајќи наметната совршеност. И момчињата дека убавината доаѓа од убавата душа, таа топли.
Секако, откако прво ќе се преиспитаме дали сами сме го научиле тоа.

Автор: Дијана Станчевска



912

X