Отсекогаш била, е и ќе биде жива борбата меѓу горе и долу, добро и лошо, бело и црно, големо и мало… Отсекогаш било и ќе остане прашањето: што е поважно – колку или како?! Квантитетот и квалитетот како снаа и свекрва се надитруваат над грижливата родителска глава, небаре тежат катадневно и поставуваат милион прашања: Дали сум доволно долго со моето дете?! Дали времето што го поминувам со него е квалитетно?! Дали е доволно добро тоа со што се занимава моето дете?! Каков модел сум јас за него?! Потребно ли е уште малку повеќе да додадам на веќе постојниот куфер со детски обврски…. И сè така во недоглед.

Колку и како се како формата наспроти содржината, како суштината наспроти обликот, како полното наспроти празното, а никој на светов бел и „дебел“ од возрасни претерувања не дал точен одговор за да го добие она толку посакувано детско БРАВО!

Сепак, вреди ли форма без содржина?! Кадарна ли е, пак, содржината невообличена во никаков пакет за распознавање?! Воопшто, постои ли мерка над мерките најмерлива за нешто толку немерливо, а толку дограмаџиски прецизно, значајно, есенцијално и круцијално какво што е суштествувањето со нај(ма/ми)лите – децата?!

Мерката е тешко измерлива во најнемерливото кое со бројки и букви не се искажува, а сепак да е точно домерено бара…

Како и да е, како никогаш досега, современите родители, цивилизациски најспремни, економски најмоќни, естетски најдотерани и есенцијално најбедни, имаат, о да, имаат „дебела“ потреба некој да ги по(д)учи колку од колкуто и како од каквото е токму најтакво и најтолку за да не биде премногу и прекако, па дури по(д)учувачот да е тамам некој како мене кој исто така катадневно се по(д)учува со колкуто и какото!

За да се доближиме до есенцијалните форми на допир со најтешката возрасна категорија која во килограми е најлесна, еве и неколку мои предлог-рецептури/(пре)пораки кои ви предлагам да ги замените на миг со скапите диети, спремните спортски планови, набилданите агенди за вашите деца и да здивнете додека читајќи ги применувате, ама баш онака, во од (чекор):

1. Навечер кога вашето детенце ќе се врати од 4-тата секција, курс, едукација, спорт или што и да е, навратете се на вашето време кога во исто толку часот само што се бевте вратиле од: криенка, брканица, долга магарица, Јанино Јанино, џамлии на крукче, фудбал со скината и излижана топка, ластик пред зграда, крадење кајсии од комшијата итн. Па откако ќе ви заврши таа медитација, повикајте го детенцето и прикажете му ги тие играрии.

2. Третиот пат неделава кога ќе се освестите дека сте го „бапнале“ малото во разни игротеки, играџилници од електронски и виртуелен тип, секции по сенешто, јазици од сите континенти итн., застанете простум, удрете си ја здраво тврдата глава од мекиот гипс-картон, врзете си две-три заушки, а потоа, полека извинете му се на детето и првпат, ама искрено прашајте го – го сакаш ли ти ова?!

3. Утре сабајле, кога ќе си ја проверувате „to do“ листата, на која вашето дете со шпенадла е закачено небаре е итна обврска за да го оттарасите поскоро, издишете трипати на екс додека ви се истура кафето, оти нели, вие сте „пословен“ човек, пречкртајте го листот со саатницата и залепете ново ливче со ликот на вашето насмеано дете, баш онака како што ретко се смее исто онолку колку што ретко ги прекројувате вашите идеали за неговите желби!

4. Доцна вечерва додека легнувате со „дијазепам“ и „бедоксин“, задоволно бревтајќи, по нели, зафатениот ден, оти без вас нели, светот ќе застане, застанете, ама простум и помислете утре рано да го почестите детето со нешто кое не мора да се купи, плати, откупи, заработи, обесштети итн. (читај: прошетка по блиските улици со лесен разговор во кој вие првпат повеќе ќе слушате; разговор на теферич за нели, „малите” и незначајни проблеми на вашето дете; договор дека ќе отпишете една обврска на детето за сметка на една слободна негова вечер во која може да прави ништо итн.).

5. Веднаш и сега исклучете го вашиот ценет Вибер, Инстаграм, Фејсбук и што ли уште не, погледнете го детето в очи и ќе прочитате – мамо/тато ми требаш!

6. Сега и веднаш престанете да го прашувате какви се оценките на другите деца, од каде му се новите патики на Кире и дали Ивана и оваа година ќе оди на море и наместо тоа, поканете го своето мало битие на неколку задевања тукутака, без врска и заради ништо!

7. Не велете му, макар денес, „ќе ти надоместам, сега ќе ме нема два дена, ама во среда ќе бидеме цел ден заедно“. Наместо тоа, признајте му дека животот не ви е лесен и дека отсега наместо ветувања и броени часови, часовите што се тука ќе ги направите години, оти ќе ги почувствувате со сета своја среќа, болка и изненадување!

8. Оваа недела барем еднаш обидете се да не му велите – јас на твои години ништо немав, ти имаш сè и не ти е доволно! Наместо такви стрели, речете му – ајде тоа што го имаме заедно да го почувствуваме и фала да му кажеме!

9. Оној еден час во меѓупросторот од вашето миење заби пред легнување и неговото склопување очи најдете го полчасот во кој на кревет ќе му седнете, по глава ќе го погалите и дека сте го создале свесни ќе станете!

10. И ве молам, ве молам не облекувајте го како по модно списание само за да го сликате насекаде за да соберете некој лајк и едно браво и преку него да ја проектирате својата неуспешна кариера. Жално, бедно, тажно и студено е кога ќе видиш дотерано, а осамено детенце!

11. За крај, погледнете се во вашето големо огледало во иноксна рамка и забележете како од многуто колку сте го изгубиле она малку како!

Автор: Мирослав Пендароски, психолог, универзитетски професор

m.pendaroski@yahoo.com; makpozitiv@yahoo.com



912

X