Mајката се раѓа во истиот момент кога и децата. Претходно не постоела. Жената постоела, но мајката не. Една еврејска поговорка вели -Господ не може да биде насекаде, па затоа ги создал мајките. И без оглед на возраста на децата, мајката секогаш покажува љубов, грижа и почит кон нив – било тоа да се едно, две, три или повеќе деца. Родителите имаат различни стилови на воспитување, но на сите целта им е иста – да пораснат луѓе.

Јас сум мајка на три деца. Секое од нив има свој карактер и секое е посебно. Но на сите јас сум им другар, учител, педагог, судија… Не сум идеален родител, но секогаш се трудам да го дадам најдоброто од себе. Со три деца имам многу вистински приказни и случки од животот.
Имам 32 години, а моите деца се на возраст 9 години (ќерката), 6 години (постарото синче) и 1 година и 10 месеци (помалото синче). И сигурно веднаш создавате слика во главата како изгледа моето секојдневие. 🙂

Но… Детството е период во кој децата живеат безгрижно и слободно. Детството е период кој не се заборава. Мој приоритет е тоа да им го овозможам на моите три деца. А со три, претходно одреден ред НЕМА. 🙂

Денот секогаш почнува различно. Јас станувам секогаш порано за да си го испијам единственото кафе. Но и тоа не е на раат. Не сум сркнала ни половина од филџанот, ме дорасонуваат гласовите на децата. Време за себе наутро – што беше тоа? Среќа сопругот е прекрасен татко, па кафето може да се допие. И во врева, не пречи.
Правилото од некои семејства дека во 9 мора да се појадува она што е зготвено кај нас не важи. Некогаш правам и по 3 три различни јадења. И не ми пречи тоа.

Децата се убаво најадени со полни мешиња и за нас почнува авантурата. Го носам постарото синче на логопед и… Ќе се чудите како одиме натаму. Ќерката вози ролерки, средното синче е со тротинет, а најмалото трча по нив. Користиме сѐ што имаме од превозни средства, секој за својата возраст. На враќање пазариме за да подготвиме јадење. Во маркетите веќе сите нѐ знаат. Но кога некој првпат ќе нѐ види, веднаш долетува прашањето: „Сите 3 се ваши?“ А јас, научена, со широка насмевка: „Секако, сите три се мои“.
Се враќаме дома. Ќерката чита некоја книга, постарото синче црта, а најмалото веќе спие. Се подготвувам за на работа секогаш во последен момент. Излегувам некогаш и со масна коса и си велам: „Да живее пунџата!“
Се враќам од работа и повторно стапуваат на сцена лулашките, играњето со деца… Сигурно се чудите како постигнувам да пишувам, да правам креативни изработки, да функционирам… Додека го пишувам ова, најмалото чкртка во тетратката…

И се покажа дека семејството треба да ни е помногубројно. Во меѓувреме во дворот ни дојде маче. А децата обожаваат животни – имавме риби, папагал, зајак, ‘рчко… Но маче не сме имале. Тоа што ни дошло дома, не го враќаме. Беше доцна, но мора да се испочитуваат потребите на новиот член. Па правевме куќичка, го храневме… Потоа сите на туширање и в кревет…А, претходно, за вечера јадеа сладолед. Замислете сладолед! 🙂 Заспаа среќни.

Дојде и мојот дел од денот, или ноќта, што и да е!

Сега сигурно си велите дека сум попустлива мајка. Но не е така. Имам челични нерви, но и правила што треба да се почитуваат. Кај нас ретко кога се слуша викање, тропање, врескање со сета сила… Дисциплинирањето се сведува на една недела неиграње со омилената играчка,забрана за омилената серија… И успева.

Преморена, откако прочитав неколку страници од книгата, си велам – уживам и заспивам уморна, но среќна.
Ако го носиш детето во себе, никогаш нема да остариш!

Автор: Дијана Станчевска



912

X