Според одговорите, најмалку, 13 отсто, потрошиле до 1.000 денари. Од друга страна, 41,5 отсто потрошиле од 3.000 до 7.000 денари

Играчки и пакетчиња со слатки се најчестите подароци што ги добивале децата за новогодишните и божиќните празници. Потоа следуваат гардероба, пари, сликовници и понекоја книга. Ова го покажа анкетата што ја направи Деца.мк за тоа колку пари потрошиле граѓаните за празнични подароци и што избирале. Според одговорите, најмалку, 13 отсто, потрошиле до 1.000 денари.

Како да се помине јануари

Најголем дел од анкетираните, близу 27 отсто, за подароци издвоиле од 1.000 до 3.000 денари, а 24 проценти од 3.000 до 5.000 денари. Според одговорите што ги добивме, 17 проценти за подароци потрошиле од 5.000 до 7.000 денари, а 18 проценти над 7.000 денари. Или, 41,5 отсто потрошиле од 3.000 до 7.000 денари.
Пакетчињата со слатки и играчките се најчестиот избор за подароци, се подарувале и парчиња облека, новогодишни украси, а меѓу одговорите има и неколку мобилни телефони и прочистувачи за воздухот.

Најголем дел од анкетираните одговараат дека ќе имаат проблем финансиски да го издржат јануари.
-Сега ќе треба економично и поумерено да трошиме – вели анкетиран.
-Сега со Господ напред – вели друг.
-Го испланирав трошокот, како што ги планираме родендените. Поголеми подароци за овие празници се новина кај нас во последните години. Децата се радуваат, но многумина претеруваат. И знаете како е, ако некој на вашето дете му купи поскап подарок, се чувствувате непријатно ако не возвратите соодветно – вели граѓанин.

Не мора да е најскапата играчка, нека е интересна подолго време

Новогодишните и божиќните празници, според психологот Бојана Стојменовиќ, се оној период од годината кога родителите трошат вртоглави суми за да ја најдат посакуваната и совршена играчка на своето дете.
– Јас не велам дека е погрешно родителот (или, пак, старателот, бабата, дедото, тетката итн.) да сака да му подари на детето нешто што посакува и играчка на која навистина ѝ се радува. Не се согласувам со ставот дека играчката треба да е секогаш голема и скапа. Децата сакаат играчки со кои можат да си играат на повеќе начини, да манипулираат со нив, да истражуваат и да ѝ наоѓаат повеќе намени. Тоа за нив е играчка во која навистина ќе уживаат и времето во игра ќе им биде драгоцено – вели психологот.

Многу често скапите играчки подоцна стојат во домот неотпакувани и детето има само ограничен пристап до нив – затоа што се скапи.
– И тогаш всушност се испраќа погрешната порака. Нешто што многу често им го давам како совет на родителите во однос на играчките е: нека не биде најскапа играчка, инвестирајте во играчки кои подолго време ќе им бидат интересни на децата (на пр., коцки), не е страшно ако играчките се кршат или расклопат и не по секоја цена треба да се во огромен број во детската соба – вели таа.
Постојат и одредени ситуации каде што љубовта спрема детето се изразува со подарокот.
– Детето на тој начин гради специфичен однос со родителот, каде што љубовта не подразбира грижа и топлина, туку поголема вредност му се дава на предметот што се подарува. Понатаму, во животот детето и како возрасна личност ќе има тенденција овој однос да го гради со пријателите, партнерите, а и со своите деца – додава Стојменовиќ.



912

X